Достапни линкови

Одлуката за продажба на ЕСМ дилетантски потег


Одлуката за продажба на електро стопанство на приватен инвеститор е една од најштетните одлуки донесени по осамостојувањето на државата е ставот на академик Томе Бошевски кој тврди последиците од ваквиот потег допрва ќе ги чуствува Македонија, потрошувачите и вработените во ЕСМ:

„Тоа е катастрофа. Дилетантски потег. Нив им е важно да земат само готови пари, а не мислат што ќе и направат на државата.“

ЕСМ да се продава во пакет е единствено исправно решение. На тој начин државата ќе добие најмногу во пари ја протежираат тезата оние кои ја донесоа одлуката за продажба на електростопанство:

„Ние со ова ќе привлечеме сериозен инвеститор, кој ќе влезе со нова технологија, ноу хау, инвестиции и затоа треба да биде атрактивен пакетот и до крајот на годината се очекува процесот да заврши и да се избере најповолниот стратешки инвеститор,“

вели Фатмир Бесими министер за економија. Бошевски трвди, парите што ќе се добијат од продажбата не можат да ги покријат последиците. Најпрвин, ќе ни се случи драстично поскапување на цената на електричната енергија и отпуштање на дел од вработените во ЕСМ.

„Ќе го осиромашат електростопанството како дејност. Инвеститорот ќе сака да си ги врати парите што ги вложил, а како? Ќе отпушти од работа и ќе ја дигне цената на струјата, нема друг начин,“

вели Бошевски.

Цената на струјата нема да се зголемува според желбата на новиот сопственик на ЕСМ. Нејзината висина ќе ја утврдува независната регулаторна комисија за енергетика велат од владата:

„Тоа ќе биде на ниво на цена нормално утврдена од регионалниот пазар.“

Според Бошевски, долгорочните негативни последици од продажбата на електростопанство ќе се почуствуваат за пет до седум години кога ЕСМ полека ќе почне да згаснува.

„Ќе се запрат инвестиции, нема да се градат нови хидро и термоелектрани, нема да се отвораат рудници. РЕК Битола за седум осум години ќе се затвори, Осломеј за десет години.“

До сега интерес за купување на есм преку своите амбасадори во држава пројавиле чешкото, француското и германското електростопанство.
XS
SM
MD
LG