Достапни линкови

Мината 2004-та: Година на изневерени очекувања


Година на изневерени очекувања, речиси ништо позитивно не ни случи, ова се пред се оценките на поголемиот дел пратеници за годината што ја оставаме зад нас. Економијата стагнираше, животниот стандард на граѓаните остана ист ако не и полош, вели пратеникот Слободан Даневски од ЛП:

„Се надеваа луѓето дека годината ќе биде со нови инвестиции, со намалување на невработеноста, намалување на меѓународниот долг на Македонија, дека каматите ќе стагнираат... но еве гледаме на крајот од годината, дека работите стагнираат.“

Мора да се обезбеди стабилна безбедносна состојба во земјава за да почне процес на подобрување на економската состојба и животниот стандард на граѓаните, е ставот на пратеникот од СДСМ Тито Петковски:

„Можам да речам дека ова беше година на изневерени очекувања, доколку немаме стабилна безбедносна состотојба, стабилни меѓуетнички односи, ниту луѓето од дома ќе имаат пари за инвестирање, а уште помалку да очекуваат странски инвестиции.“

Речиси на секој план годинава што ја оставме зад нас беше тешка, смета Зуди Џелили од ДПА:

„Многу тешка, бидејќи ако ја земеме во предвид невработеноста, сиромаштијата, корупцијата, криминалот, оставката на поранешниот премиер, сите овие работи придонесоа Македонија да влезе во подлабока криза, наместо да имаме поуспешни случувања.“

За Блаже Стојановски од ВМРО ДПМНЕ годинава изобилуваше со негативни работи кои не би посакале да ни се повторат:

„Трагичната смрт на претседателот Трајковски, сигурно е еден од тие настани, поради што моравме да имаме и предвремени претседателски избори, потоа падот на индустриското производство, невработеноста, сиромаштијата, тоа е веќе тековна работа што продолжи и во минатата година. Нешто посебно радосно што би издвоил, би можело да се смести во областа, евентуално на спортот или во обичниот живот, каде среќата се бара во мали нешта.“

Напорна година со многу предизвици, вака гласи оценката на Рафиз Алити од ДУИ за 2004-та:

„Требаше многу напори, за да се надминат многу ситуации како трагичната смрт на претседателот Трајковски, по што следеа претседателски избори, потоа го имавме законот за територијална организација и референдумот, така што навистина требаше да бидеме многу претпазливи како политичари за да ги надминеме овие работи.“

Во 2005-та година за пратениците не би требало да се очекуваат радикални промени иако сите се надеваат на подобро:


„Посакувам во Новата година да се оствари се она што го посакува Новата Владата.“

„2005-та година конечно се прави тој очекуван економски чекор, за нашиот граѓанин да има подобар живот.“

„Почетокот на Новата година очекувам да биде како впрочем што е крајот и на минатата година. Не е многу оптимистички, но ако сме свесни за тоа, мислам дека треба да направиме секој, онаму каде што работи, создава, делува, да можеме да ја концентрираме заедничката енергија, за на сите да ни биде подобро.“
XS
SM
MD
LG