Достапни линкови

Нема место за паника за скратување на работничките права


До крајот на годинава Македонија мора да подготви комплетно нов закон за работни односи. Веќе една недела луѓето од синдикатот предупредуваат, правата на работниците ќе бидат намалени, одморот скратен, газдите ќе добијат поголеми права.

Правните експерти коментираат, нема место за паника, од едноставна причина што правата и обврските кој ќе бидат регулирани во новиот закон ќе мора да коренспондират со правата утврдени според меѓународните стандарди кој ги регулираат работните односи.

„Неопходно е да се воспостави чист модел. Значи, со закон да се одредат само оние права на работниците кои произлегуваат од меѓународните конвенции, со нив се уредени долните граници на правата на одмор, заштита итн кои се релативно високо определени, а другите прашања да бидат определени со колективен договор,“

вели професорот од правниот факултет Тито Беличанец. Илузорно е да се тврди на пример дека деновите за годишниот одмор на работниците ќе бидат скратени:

„Не може да се намалат, зашто долните граници за одмор, за ноќна работа, сите тие права се уредени со меѓународните конвенции, а бидејќи имаме намера да го хармионизираме своето право со ЕУ, тие се таму уредени.“

Законот за работни односи како што е пракса и во земјите на Европската Унија ќе се служи само како рамка од која двата социјални партнера нема да смеат да излезат во давањето или земањето на правата, при склучувањето на колективниот договор. Со новиот закон за работни односи ќе биде изменет начинот на плаќање на боледувањето:

„Сега до 60 дена го плаќа фирмата, над 60 дена фондот. Ќе произлезе ново решение, ако сте осигурани во случај на болест, тогаш сите трошоци би требало да паднат на име на фондот.“

Искуството вели, либерализирањето при засновањето и престанокот на работен однос оди во прилог на работниците.

„Позитивните искуства на некои земји, да речеме Холандија, многу повеќе се зголеми вработеноста и се легализираше нелегалното најмување на работна сила.“

Според професорот Беличанец, каков закон и да се донесе , доколку државата не го контролира неговото спроведување, една од страните постојано ќе биде онеправдана.

„Искуството покажа дека е подобро таа релација да се постави во реални економски и правни рамки, а потоа, ригорозна контрола на државата за почитување на тие правила.“

Со новиот закон за работни односи повеќе нема да постојат категориите, технолошки вишок, работа на определено време, договор на дело.
XS
SM
MD
LG