Достапни линкови

Се враќа сонот кој се сонуваше 13 години од двете страни на Неретва


Во Мостар денеска се отвора Стариот Мост чии слики кога беше урнат во војната во Босна и Херцеговина го обиколија цел свет кој се чудеше на истовремено балканската генијалност но и несфатлива деструкција. Сега, денеска, се враќа, велат мостарци, сонот кој се сонуваше 13 години од двете страни на Неретва.

Мостар повторно живее. Ова е наједноставен опис, како што се јавува за атмосферата во овој град на Неретва. За финансиските проблеми со денови не се зборува. Муабетот е свртен кон Мостот на Мостар односно се коментира во стилот - Личи ли целосно новиот на оној стариот Мост. Дали Стариот Хајрудинов беше поубав од овој новиов. Ќе трае ли овој колку стариот. Меѓутоа без разлика на полемиките граѓаните на Мостар се согласни во едно дека и новиот е стар Мост. Како и да е дуќаните пак се светнати. Туристи доаѓаат од цел свет и мостарците ги обновуваат знаењата на странски јазици. Духот на народот, преку запис на шегите, го пренесува Луко Раљевиќ.

„Доаѓа внукот дома и ја прашува бабаму или нана, како кому му одговара да рече. Кај ми се старите, татко ми и мајка ми. Бабата одговара - НА КУРС по цел ден висат таму, учат ко бајаги нешто. А дедо ми кај е, пак прашува внукот. И тој учи странски јазик, одговара бабата. А, добро кога ќе се вратат прашува внукот. Ај донт ноу, одговора бабата.“

Англиски, италијански, германски се јазиците кои повторно се слушаат по улиците на Мостар, но и шведски и дански со оглед на многубројната и со војна потикната дијаспора. Сепак најгласни од сите се уметниците. Многумина од постарата генерација во Македонија сигурно ќе се сетат на Дубровачкиот трубадур Ибрица Јусиќ.

„Тоа не може да се опише. Што да ви речам би можело да испадне препатетично. Едноставно мило ми е што се разбудив од еден 13 годишен сон, бидејки кога го урнаа Стариот Мост мислев дека сонувам, а после сонував дека повторно се раѓам. Што би рекол оној несреќен градоначалник на Требиње - Сега добивме нов, поубав Стар Мост.“

23 Јули велат и натаму ќе се слави. Неколку стотици занаетчии го исковаа, велат, најголемото ѓезве на светот за заедно да се напијат кафе во Мостар.
XS
SM
MD
LG