Достапни линкови

На Косово денеска мирно


На Косово денеска е мирно, по вчерашните судири во кои загинаа над дваесетина лица, а околу пет стотини беа повредени, од кои дваесетина, како што јавуваат агенциите, потешко. Силите на КФОР се распоредени во населените места каде што вчера беа забележани најголемите судири меѓу албанците и србите на Косово од илјада деветстотини деведесет и деветата година кога НАТО и Обединетите Нации ја презедоа контролата врз Покраината. Во Грачаница има американски тенкови и оклопни транспортери со цел да се спречи евентуалниот нов обид на албанците за влегување во тоа село. Мирно било и во Чаглавица, Липљан, Приштина и Косовска Митровица. Портпаролот на полицијата на УНМИК Дерек Чепел за австриската државна телевизија изјави дека вчерашните насилства на Косово биле координирани. ,,Насилствата почнаа на повеќе места во исто време, што укажува дека тоа било однапред планирано,, оцени Чепел. Шефот на координациониот центар за Косово Небојша Човиќ денеска во Косовска Митровица изјави дека србите на Косово мораат да се бранат и оти УНМИК и КФОР не се во состојба да воспостават мир во Покраината, односно дека со тоа паднал во вода концептот за мултиетничност. Како реакција на косовските судири во текот на изминатата ноќ имаше протести во повеќе градови во Србија. Во Белград демонстрантите се судрија со полицијата пред американската амбасада. Полицијата, како што јавуваат агенциите, успела да ги растера со употреба на солзавец. Во Белград и во Ниш беа запалени и демолирани тамошните џамии. Властите во Белград и во Приштина, Обединетите Нации, НАТО, Европската Унија, Соединетите Држави и Русија апелираа на смирување на ситуацијата за да не дојде до нејзино натамошно влошување. Во Њујорк за денеска е закажана затворена вонредна седница на Советот за безбедност на Светската организација. Според најавите, Белградските власти на неа ќе побараат од УНМИК да преземе дополнителни мерки за спречување на насилството и за обезбедување целосна заштита на неалбанското население на Косово. Поради косовски немири синоќа беа засилени безбедносните мерки на делот на македонската граница кон Косово и затворени граничните премини. Изутрината на нив повторно е дозволен нормален проток на возила и пешаци. Инаку, денеска во Скопје ќе заседава и Советот за национална безбедност.
XS
SM
MD
LG