Достапни линкови

Победа на Џон Кери


Сенаторот Џон Кери победи во 5 од седумте американски држави, каде што вчера се избираше кандидат на Демократската партија кој ќе му се спротистави на републиканецот Џорџ Буш на претседателските избори во ноември годинава. Сенаторот Џон Едвардс и пензионираниот генерал Весли Кларк победија во по една држава со што ги одржаа во живот своте кандидатури.

Џон Кери извојува победи во државите Мисури, Делавер, Аризона, Северна Дакота и Њу Мексико, со што уште повеќе ја зајакна својата позиција како кандидат на Демократската партија за наредните претседателски избори во Соединетите Држави. Со претходните победи во Ајова и Њу Хемпшир, на Кери веќе се гледа како на демократски кандидат кој би можел да го победи Џорџ Буш на претседателските избори во ноември.

„Сега, ние ќе ја продолжиме оваа кампања со цел посилна, по фер и по просперитетна Америка во сите нејзини делови. Ќе успееме секаде и во неомври ќе го победиме Џорџ Буш.“

Изјави Кери синоќа во Сиетл. Сенаторот Џон Едвардс извојува победа во Јужна Каролина, прва во рамките на досегашната номинациска кампања. Главна поента во кампањата на Едвардс е дека актуелниот претседател Џорџ Буш го подели американското општество на едно за богатите и едно за сите останати.

„Ние сеуште живееме во две различни америки, два различни здравствени система, различно јавно школство, два различни даночни система, две економии. Ние ќе изградиме една Америка која ќе биде еднаква за сите.“

Пензионираниот генерал Весли Кларк, својата прва победа како демократски кандидат ја извојува во Оклахома и останува во трката. Од друга страна, сенаторот Џозеф Либерман, кој беше кандидат на демократите за потпретседател во 2000-та година, кога победи Буш, не ја доби довербата во ниедна држава и најави повлекување на својата кандидатура.

„Јас решив вечерва да ја прекинам трката за претседател на Соединетите Држави. Секако дека сум разочаран, но исто така сум горд што бев во оваа кампања.“

Конечната номинација на својот претседателски кандидат, Демократската партија ќе ја утврди на конвенцијата што треба да се одржи во летните месеци.
XS
SM
MD
LG