Достапни линкови

Кохабитацијата меѓу претседателите на државата и собранието може да се реши со дијалог


Кохабитацијата меѓу претседателот на Собранието и претседателот на државата може да се реши преку меѓусебно разбирање и дијалог, вели професорот по уставно право и поранешен претседател на Собранието Саво Климовски, кој појавата на ваквите проблеми ги гледа во пропустите кои постојат во Уставот:

„Најдобро е, да речеме, да има неформален состанок и да се усогласат ставовите. Инаку, се додека едниот тера инает и мисли дека има уставно право, а тоа е шефот на државата, а другите велат дека според деловникот тоа не е дозволено, односно дека треба да има рамноправен третман за сите членови на Републичкиот судски совет, дотогаш ќе има вакви недоразбирања, да не речам куршлуси и јавноста ќе се занимава со периферни работи наместо да се занимава со она со што треба да се занимава. И самиот Устав е извориште на многу конфликтни ситуации и недоразбирања“

Сепак последниот случај на недоразбирање меѓу шефот на државата и претседателот на Собранието во однос на кандидатите за членови на Републичкиот Судски Совет предлочени од претседателот Борис Трајковски не преставува сериозен конфликт вели професорот Климовски.

„Јас би рекол дека ова не е сериозен конфликт, меѓутоа, може да биде и потешок. Има и други конфликти и други опасности во Уставот каде што може да дојде до тоа и да биде блокиран системот во целина“

За избегнување на вакви проблеми во иднина професорот Климовски смета дека крајно време е да се отпочнат подготовки за нов уставен текст

„Не само што е зрело времето за отпочнување подготовка на нов уставен текст – и поради Охридскиот договор, и поради недореченоста во претходниот текст, и поради палијативните измени внатре итн., имаме еден неконзистентен и некохерентен текст на уставот. Ние практично немаме устав. Ние имаме повеќе документи од уставно-правен карактер. Секогаш ќе има и се повеќе ќе има такви ситуации, ако не се најде политичка волја, ако не се изнајде и не се седне со сета толеранција и со сето она што е постигнато – и како Охридски договор, и како сознанија од теоријата, и како искуства од Европската Унија – сето тоа да го преточиме во еден сериозен документ, граѓански документ. Ние немаме граѓански документ“
XS
SM
MD
LG