Достапни линкови

Почина шведската министерка за надворешни работи Ана Линд


Шведската министерка за надворешни работи Ана Линд денеска почина во Каролинската болница како последица на раните кои со нож вчера и ги нанесе непознато лице во шопинг центарот во Стокхолм. Лекарите од Каролинската болница соопштија дека таа била подвргната на 9 часовна операција и дека имала големи внатрешни крвавења. Веста за смрта на популарната 46 годишна министерка од редовите на Социјал демократите и мајка на двајца тинејџери на јавноста и ја соопшти лично премиерот Јоран Першон, кој не сакаше да шпекулира за мотивите на напаѓачот по кој се уште се трага. Досега е пронајден ножот со кој е убиена министерката Линд. Таа инаку без никаква заштита, својствено за шведските прилики вчера купувала со пријателката во центарот на Стокхолм. Во 1986 во центарот на Стокхолм беше убиен од огнено оружје тогашниот премиер Улоф Палме исто така социјал демократ. Убиството никогаш не беше решено. Според Шведските закони имено само премиерот и шведскиот монарх уживаат право на безбедносна заштита. Ана Линд инаку беше силен подржувач на влегувањето на Шведска во европската монетарна унија за што в недела требаше да биде одржан референдум. Подржувачите и опонентите на евро зоната во Шведска вчера по веста за атентатот врз Ана Линд ја суспендираа кампањата, а шведскиот премиер Першон најави дека одлуката дали референдумот ке биде одржан во предвидениот термин ке биде позната по состанокот на неговиот кабинет со преставниците на партиите. Од повеќе лидери во светот се упатени пораки за сочуство до шведската влада.
XS
SM
MD
LG