Достапни линкови

Никола Поповски, претседател на собранието на Република Македонија. Можни нови инциденти што би предизвикале големи политички проблеми


Господине Поповски колку сте задоволен од досегашното функционирање на парламентот во поглед на обврските од рамковниот договор?

Од досегашното функционирање на парламентот сум задоволен. Парламентот станува поефикасна и поотворена институција од порано, со повеќе права на пратениците од опозицијата и мислам дека се работи подобро. За рамковниот договор конкретно ги исполнивме сите обврски кои се дадени од страна на парламентот. Остануваат уште два закони што не поминаа затоа што не ја обезбедивме двотретинската поддршка од собранието и уште еден закон што сеуште го немаме добиено од владата. Тие два закони паднаа, а доколку не паднеа со едно, по мене, непромислено гласање на опозицијата, во овој момент ќе можевме да соопштиме дека од аспект на парламентот, законите кои ќе го обезбедуваат спроведувањето на рамковниот договор е завршено и остануваат некои споредни закони и се разбира не го исклучувам пакетот на децентрализација што не чека во парламентот почнувајќи од септември. Тоа е последен пакет.

ДПА најави дека ќе се врати во собранието, но сеуште не ги гледаме во пратеничките клупи. Како очекувате дека ќе се одвива целиот овој процес на улество на опозицијата во парламентот?

Јас не сакам погрешно да се сфати што значи добро односи. Јас очекувам во парлементот да има жолчни расправи меѓу власта и опозицијата за голем број прашања по кои се разликуваме. Не треба да биде се усогласено, зашто и функцијата на парламентот не е тоа. Меѓутоа, очекувам за работи за коишто се преземени обврски соте да ги исполнуваат. На пример, опозицијата откако се смени лидерството во ВМРО-ДПМНЕ престана да ги исполнува обврските од рамковниот договор. Иако, беше пред тоа обратно, Георгиевски велеше дека нема да ги исполнува, а во паркаментот гласаа. Сега Груевски зборува дека ќе ги исполнува, а реално во парламентот не гласаат. Што се однесува до ДПА во моментот кога тие ја напуштија собраниската работа јас дадов изјава и ги повикав да се вратат, затоа што нивното одење од парламентот нема да влијае во никаква смисла и дека нема потреба да прават нешто за што по два месеци ќе се премислат. Нивното напуштање не предизвика никакви турбуленции во парламентот, работата на парламентот во никаква смисла не ја пореметија, само себе се осакатија и сега бараат начин како да се вратат, би рекол со наведнат глави, затоа што ништо од целите за кои си заминаа не исполнија и нивното враќање ќе го зајакне опозицискиот блок. Меѓутоа, очигледно ниту одењето ниту враќањето на ДПА не претставува сензација и тоа мора да го имаат предвид.

Безбедносната состојба е кревка, но стабилна, како гледате вие на овие случувања на безбедносен план, дали тука доволно се прави?

Па, мислам дека може да се прави уште повеќе. А, како јас гледам. Оценката е дека одиме во позитивна насока генерално, компарирано со 2001, меѓутоа компарирано со било која година пред 2001 е лоша безбедносната ситуација. И дека, сеуште има проблеми кои се толку чести, што веќе не можеме да ги третираме како спорадични. Моја лична обзервација е следна: дека после разоружувањето на УЧК, и преминувањето во политичката партија ДУИ настана затишје. Незадоволниците од тој процес во рамките на УЧК и ДУИ, очигледно дека им требаше околу шест-седум месеци време, да се консолидирааст и да продолжат со начинот на кој до тогаш работеа. Првичните мои оцеки се следниве, дека тој мал дел што сеуште продолжува со традицијата на тероризам е лошо организиран и не може да повлече. Меѓутоа, дека е очигледно дека е организиран и дека го работи она што го наумил. Затоа, треба да очекуваме сите оние кои не се задоволни од таквиот начин на трансформација на УЧК и на ДУИ кон политичко и институционално делување тие активности да ги преземаат. Очекувам, и покрај тоа што ќе има подобрување, вакви проблематични ексцеси да има и во догледно време, кое ќе создава многу сериозни проблеми на вкупната политичка ситуација во Македонија. И не можеме никогаш сега да соопштиме дека таа е стабилна додека еднаш неделно имаме експлозии на бомби кои очигледно не се од криминални или од економски мотиви кон некои поединци, туку се насочени да покажат дека во Скопје на пример, може да се направи терористички акт со неброени жртви, кога тие сакаат. На пример, пред десетина дена имавме експлозија на две бомби кои покажаа дека не држат во раце, ако сакаат. Такви имавме и во другите кризни жаришта. Не треба тоа да го занемариме.

Верувате ли во успешноста на акцијата за доброволно собирање на оружјето и кога таа ќе се случи?

Комисјата за собирање на оружјето веќе ја формиравме во собранието, таа е објавена во службен весник треба да почне да работи и да ги покаже првите резултати. Законот е донесен, јас не очекувам дека тој закон ќе ја заврши целата работа и таа комисија, ама очекувам од она оружје што постоеше во 2001, еден дел се повлече кон Косово и Албанија од каде што дојде, еден дел се предаде, еден дел ќе се собере дополнително со овој закон, еден дел очигледно заради новата ситуација ќе мора да се пасивизира целосно. Некој нема да го користи ќе го закопа или сокрие и на долг рок ќе го чува како такво, така што очекувам дека многу мали парчиња на политички мерки да овозможат по разни основи да се тренира се повече оружје од илегално кон уништување. Заострување на казнените мерки и се разбира, оружје ќе има, ние живееме на балканот, секаде околу нас такво оружје има и ние треба да го сведеме на што помал број. Законот за собирање на оружјето е една од алтернативите во таквите мерки. Не е единствена, меѓутоа да собереме и 5000 и 10000 парчиња е подобро, отколку да немаме ништо. Не верувам во негово целосен успех, меѓутоа не верувам дека во целост ќе потфрли тој закон.

Од Порто Карас ги добивме сигналите до каде сме со влезот во ЕУ. Владата даде виза за договоро со МКС со САД, како гледате на ваквиот став?

Владата не би ја коментирал. Би ја коментирал исправноста. Ние сме сега Република Македонија како една рок група која отишла во една продукциска куќа и сака да сними ЦД, а пред менаџерите не може да покажат ни дека знаат да свират на инструментите. Ние сега се убедуваме со менаџерите, дајте ни да снимиме ЦД, а тие ни викаат, ќе снимите кога ќе научите да свирите на некој инструмент. Република Македонија сеуште нема никакви инструменти со кои ќе покаже дека сериозно работи за влез во ЕУ. Крупни процеси се почнати, меѓутоа финишираат во стотици, илјадници мерки и закони кои треба да ги направиме, а до тоа ниво не сме дошле. Година и два месеци од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација не можеме да ги убедиме сите земји членки на ЕУ да ја ратификуваат. 26 месеци се поминати од тогаш, а од обврските кои за нас произлегуваат немаме ништо преземено да ги исполниме. Што значи дека ние повеќе зборуваме отколу што работиме во врска со ЕУ, ЕУ тоа го гледа, таа ни кажува вие сте во Европа, меѓутоа треба да работите, ние се смееме, меѓутоа тоа е така, ние сме во Европа, меѓутоа факт е дека не сме во ЕУ. Додека Европа оди кон свој устав, ние уште не можеме да ги стигнеме стандардите кои Европа ги има со своите меѓусебни спогодби уште од 60-тите години. Значи, едноставно целосна неспремност. Во такви услови, САД го бараат својот дел од колачот. Не само тука, секаде, бидејќи тие се глобална сила. Наоѓаат и во Европа, ткиво каде што може да пенетрираат повеќе. Вио такви услови, нивното влијание врз Македонија е на воен, безбедносен и политички план. Најдоа начин да можат во врска со своите несогласување со Европа, да ја убедат Македонија дека нивниот пат е поисправен за нас и апсолутно сум убеден дека не е лош потегот затоа што во овој момент на политички, безбедносен и воен план, што е многу побитно од другите состојби, ние сме зависни многу повеќе од САД отколку од ЕУ и тоа мора да го почитуваме. Не се работи за волја, се работи за притисок кога вие немате практично голем избор.
XS
SM
MD
LG