Достапни линкови

Трошоците енормни


Колку ќе чини војната во Ирак? Калкулациите на експертите за тоа колку пари ќе бидат потрошени за војната и пост-воената обнова на Ирак, укажуваат на енормни суми. Притоа, цената на загубените човечките животи не може да се пресмета.

Колку војната во Ирак изгледа поблиску, толку економистите се поангажирани околу пресметките на цената на воената кампања и на реконструкцијата што потоа би уследила. Лоренс Линдзи, економски советник во Белата куќа, во минатата есен искажа проценка дека можната војна во Ирак би ги чинела американците околу 100 милијарди долари. Меѓутоа, сегашните анализи на стручњаците предвидуваат дека трошоците за војната можат да бидат и многу пати поголеми од првичните проценки. Кон тоа треба да се додаде и сумата од околу 3 милијарди долари, колку што е предвидено да потрошат британците, тогаш цената на војната во Ирак ќе биде исклучително висока. Британскиот министер за финансии Гордон Браун изјави дека Велика Британија ќе потроши колку што е неопходно за да се разоружа Садам Хусеин.

„Минатата година издвоив милијарда фунти за Министерството за одбрана за безбедносни и воени подготовки, доколку акцијата стане неопходна. Минатиот месец се издвоени дополнителни 750 милиони фунти со цел нашите оружени сили да бидат соодветно подготвени за нивните задачи.“

Економските експерти велат дека ваквите пресметки се базирани врз сценариото за кратка и успешна војна за отстранување на Садам Хусеин од власта, но што доколку има поинаков развој или пак доколку Ирак употреби хемиско или биолошко оружје. Можна е регионална нестабилност, неизвесни цени на нафтата, а реконструкцијата на Ирак да трае многу подолго од предвиденото. Кејт Хартли од британскиот Јорк универзитет вели дека политичарите имаат причини за помало прикажување на трошоците.

„Тие сакаат да изгледа поефтино. Секако и доколку имаат точни податоци за трошоците на војната, не сакаат да ги објавуваат бидејки ќе испратат сигнал до непријателот за потенцијалите на воената кампања. Од друга страна, мотивите се и политички со цел да не се предизвика револт кај домашната јавност.“

Тоа осебено беше изразено во Британија, каде што анти-воената јавност аргументира дека парите се попотребни за домашни потреби отколку за војна. Економскиот стручњак Рон Смит оценува дека трошоците за сегашната војна ќе паднат на товар на американците и британците, за разлика од Заливската војна.

„Тогаш беа помали поради учеството на Кувајт и Саудиска Арабија, па цената за британската економија беше мала. Малку е веројатно дека во трошоците на оваа војна ќе партиципираат и други држави.“
XS
SM
MD
LG