Достапни линкови

Вести

Газа: Најмалку осум Палестинци убиени, меѓу нив и дете и бремена жена

Најмалку осуммина палестинци биле убиени, а четирисетина повредени откако израелската армија денеска влезе во еден бегалски камп во Појасот Газа. Според извештаите, меѓу убиените имало и цивили – едно дете и една бремена жена. Тие загинале кога израелските војници употребиле експлозив за да уништат неколку куќи што им припаѓале на палестински екстремисти.

види ги сите денешни вести

Фалсификувани 85 илјади евра во монети, изработени во земјава, завршиле на Косово

Фалсификуваните монети во земјава кои завршиле на Косово
Фалсификуваните монети во земјава кои завршиле на Косово

Кованици од по две евра во вкупен износ од 85 илјади евра биле произведени и фалсификувани во Северна Македонија, објави Специјалното обвинителство на Република Косово. Тие биле запленети минатиот вторник а биле со цел да се дистрибуираат на Косово но и други земји од регионот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Ова е објавено во синоќешното соопштение на Обвинителството, откако побара да се одреди едномесечен притвор за шестмината уапсени, од кои тројца македонски и тројца косовски државјани.

Невладината „Заклетва на правдата“, која ја следи работата на косовските судски институции, вели дека „постои сомневање оти обвинетите Б.А, Ш.А, А.А, С.Р, М.К. и Х.Д., со цел незаконски да се стекнат со материјална корист за себе и за групата, во неодредено време обезбедиле фалсификувани пари, произведени во Северна Македонија. Имало вкупно 42.505 парчиња метални монети кои биле ставени во разни кеси. Осомничените ги камуфлирале за да личат на товари обична стока и ги ставиле во автомобили, а потоа на 28 ноември годинава ги донеле во Косово, каде координирано се сретнале во Генерал Јанковиќ со обвинетите С.Р., М.К. и Х.Д. со цел заедно да го продолжат патот до Приштина.

Според планот на сторителите, во косовскиот главен град била планирана купопродажба на фалсификуваните пари, односно прием и испорака на количината на фалсификувани пари, при што се откриени и идентификувани од полицијата, која интервенира и на дело ги апси одземајќи им ја сумата на фалсификувани пари.

Косовското обвинителство цени дека осомничените со овие дејствија во соработка сториле кривично дело „Купување, прифаќање и прикривање предмети прибавени со кривично дело.

Во реконструкцијата на настанот, обвинителството наведува и дека осомничените Б.А, Ш.А и А.А., на 28 ноември, во Генерал Јанковиќ се сретнале со обвинетите С.Р., М.К. и Х.Д., ставајќи ги фалсификуваните евра во автомобил Фолксваген „Пасат“ кој го управувал Х.Д., по што заедно продолжиле за Приштина, за да се сретнат на бензинската пумпа „Шел“, каде што било планирано примопредавањето на фалсификуваните пари. Во текот на трансакцијата тие се откриени и идентификувани од Полицијата.

Според барањето на обвинителството, осомничените го извршиле кривичното дело „Фалсификување пари“, од косовскиот Кривичен законик.

Рускиот суд го продолжи притворот на новинарката на РСЕ Курмашева до 5 февруари

Новинарка на РСЕ - Алсу Курмашева
Новинарка на РСЕ - Алсу Курмашева

Судот во рускиот град Казан и го продолжи притворот за два месеца на Алсу Курмашева, новинарка ветеран од Татарско-башкирската служба на РСЕ, која е во руски притвор од 18 октомври, до 5 февруари.

Курмашева, новинарка од Прага на РСЕ, која има двојно американско и руско државјанство, отпатува во Русија поради семеен итен случај во мај.

Таа беше привремено задржана додека го чекаше повратниот лет на 2 јуни на аеродромот во Казан, главниот град на Република Татарстан, каде и беа одземени двата пасоши. Таа не можеше да ја напушти Русија додека го чекаше враќањето на патните исправи.

Властите на 11 октомври ја казниле Курмашева со 10.000 рубли (103 долари) затоа што не го регистрирала американскиот пасош кај руските власти, според извештаите на локалните медиуми врз основа на судските документи што ги виделе.

Курмашева беше повторно приведен на 18 октомври и овој пат беше обвинет за непријавување како „странски агент“, што предвидува максимална казна затвор од пет години.

Истражниот комитет соопшти дека Курмашева е обвинета според дел од Кривичниот законик кој се однесува на регистрација на „странски агенти“ кои вршат „намерно собирање информации од областа на воените, воено-техничките активности на Русија“, кои, доколку добиени од странски извори, „може да се користи против безбедноста на земјата“.

Не даде повеќе детали.

„Алсу помина 45 дена зад решетки во Русија и, денес, нејзиниот неправеден, политички мотивиран притвор е продолжен“, рече вршителот на должноста претседател на РСЕ, Џефри Гедмин. „Ги повикуваме руските власти веднаш да и дозволат конзуларен пристап на Алсу, што е нејзино право како државјанин на САД. Алсу мора да биде ослободена и повторно да се соедини со своето семејство“.

Истражниот комитет соопшти дека истрагата открила дека иако руското Министерство за правда не ја додало на списокот на „странски агенти“, таа не доставила документи за да бидат вклучени во регистарот.

Курмашева и РСЕ го отфрлија обвинението.

Руското притворање на Курмашева, вториот американски медиумски член што го држи Москва оваа година, предизвика бран критики од групите за права и политичари кои рекоа дека овој потег сигнализира ново ниво на воена цензура.

Судската одлука за продолжување на притворот на Курмашева доаѓа еден ден откако водечката руска група за човекови права Меморијал ја призна Курмашева како политички затвореник.

Москва е обвинета за приведување Американци за да ги користат како договори за пазарење за размена на Русите затворени во Соединетите држави. Новинарот на Волстрит журнал, Еван Гершкович, беше уапсен за наводно шпионирање -- обвинение што тој и весникот жестоко го негираат -- во март.

Курмашева е една од четворицата новинари на РСЕ -- Андреј Кузнечик, Ихар Лосик и Владислав Јесипенко се другите тројца -- кои моментално се затворени поради обвиненија поврзани со нивната работа. Групите за права и РСЕ постојано повикаа на ослободување на сите четворица, велејќи дека тие биле погрешно приведени.

Лосик е блогер и соработник на Белоруската служба на РСЕ, кој беше осуден во декември 2021 година по неколку обвиненија, вклучително и „организирање и подготовка на акции кои грубо го нарушуваат јавниот ред“ и осуден на 15 години затвор.

Кузнечик, веб-уредник на Белоруската служба на РСЕ, беше осуден во јуни 2022 година на шест години затвор по судењето кое траеше не повеќе од неколку часа. Тој беше осуден за „создавање или учество во екстремистичка организација“.

Јесипенко, двоен украинско-руски државјанин кој придонел за Крим.Реалитис, регионален медиум на украинската служба на РСЕ, беше осуден во февруари 2022 година на шест години затвор од руски судија во окупираниот Крим по судење зад затворени врати. Тој беше осуден за „поседување и транспорт на експлозиви“, обвинение што тој цврсто го негира.

Од денеска се воведува евтина струја и преку ден

Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Два часа во денот дополнително, домаќинствата ќе имаат евтина тарифа почнувајќи од денеска. Во терминот од 13 до 15 часот струјата ќе биде тарифирана по пониска цена, со што со претходниот режим од 22 до 7 часот наутро вкупно во едно деноноќие 11 часа ќе бидат на располагање со евтина електрична енергија. Ваквото тарифирање ќе важи од понеделник до сабота и 24 часа во недела.

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) во декември 2021 година одлучи да ја укине евтината дневна тарифа за домаќинствата заради цената на електричната енергија на берзите која се движеше од 300 до 400 евра за мегават час, а во текот на денот достигнуваше и до 500 и 600 евра па и повеќе. Сега, како што вели претседателот на РКЕ Марко Бислимоски, евтината дневна тарифа не се враќа заради политиката, туку заради фактот што цената на електричната енергија на пазарот во текот на денот, особено во периодот од март до ноември, е за два до три пати пониска отколку во текот на ноќта.

„Од денеска стартува дневната евтина тарифа за домаќинствата. Ќе важи од 13 до 15 часот. Оваа одлука е пазарен механизам затоа што преку ден цената за струја на берзите е до три пати поевтина отколку навечер и е практичен резултат на Елдорадото на фотоволтаици,“ изјави Бислимоски.

РКЕ неодамна донесе Тарифен систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај со кој се утврдува дека евтината дневна тарифа стартува од 1 декември 2023 година во периодот од 13 часот до 15 часот.

„РКЕ по направените анализи оцени дека се создадени услови домаќинствата да користат дополнителни часови во коишто надоместокот за потрошената електрична енергија ќе се пресметува по евтина тарифа. Податоците укажуваат дека инвестицискиот циклусот во обновливи извори на енергија го зголеми производството на електрична енергија со што директно се влијаеше врз намалување на цената преку ден, појасни Бислимоски.

Според него, денеска евтина дневна тарифа ќе добијат сите потрошувачи кои имаат броила што се читаат од далечина, а до крајот на месецов околу 90 проценти од домаќинствата. Проблем ќе бидат домаќинствата кај кои се недостапни броилата.

Извештај за тероризам 2022: Пад на терористичките напади, ИСИС одговорна за најголемиот дел од нив

илустрација
илустрација

Во 2022 година имало 7 342 терористички инциденти или 12 проценти намалување в однос на 2021 година, се наведува во годишниот извештај на Стејт департментот за тероризам во земјите.

Инцидентите во 2022 година резултирале со 21943 жртви, 12470 повредени и 4508 киднапирани. Oва е 7 отсто помалку жртви, 27 отсто помалку ранети и 20 отсто помалку киднапирања отколку во 2021 година, се наведува во извештајот.

Во 2022 година се случиле терористички инциденти во 73 земји и територии. Од нив, 84,9 проценти биле концентрирани во три географски региони: Западна Азија, Суб-Сахарска Африка и Јужна Азија.

Демократска Република Конго (Киншаса), Сирија, Нигерија, Пакистан, Индија, Ирак, Јемен, Бурма, Буркина Фасо и Сомалија беа земјите кои доживеале најголем број терористички инциденти во 2022 година.

Буркина Фасо има најголем пораст, со 157 отсто повеќе отколку во 2021 година. Инцидентите во овие 10 земји учествувале со 74 отсто од сите глобални терористички инциденти во 2022 година. Меѓу сите глобални извршители на тероризам, вклучително и групи назначени од Стејт департментот и други, ИСИС (со нивните елементи во Ирак и Сирија, вклучувајќи ги и врските во околината) ги предизвикале најголемиот дел од инцидентите во 2022 година, по што следи Организацијата за развој на Конго (CODECO), ИСИС-Демократска Република Конго Ал-Шабаб (ИСИС-ДРК)и ИСИС во Западна Африка (ИСИС-ЗА).

Во текот на 2022 година, терористичката организација ИСИС била одговорна за 535 инциденти и 1329 жртви, што е намалување од 17 проценти во бројот на инциденти и 7 проценти зголемување на бројот на жртви од 2021 година. Организацијата за развој на Конго предизвикала 418 терористички инциденти, што е зголемување од 14 проценти од 2021 година. ИСИС-Демократска република Конго беше третата најактивна група на сторители, одговорна за 299 инциденти и 1603 жртви што е пад од 8 проценти од 2021 година. Конечно, одговорноста на Ал Шабаб за 248 инциденти беше намалување на 7 проценти од 2021 година, а нејзината одговорност за 1342 смртни случаи е зголемување за 29 проценти од 2021 година. ИСИС-ДРК, исто така, предизвика најмногу смртни случаи во 2022 година.

Секоја година, извештајот обезбедува увид за важни прашања во борбата против тероризмот и им помага на Соединетите Држави да донесуваат информирани одлуки за политиките, програмите и распределбата на ресурсите за борба против тероризмот и отпорност низ целиот свет.

По истекот на примирјето, продолжуваат борбите меѓу Израел и Хамас

Израелски војник во појасот Газа
Израелски војник во појасот Газа

Тешките борби продолжија во петокот во Појасот Газа, додека израелската војска ги обнови борбените операции против Хамас, откако ја обвини палестинската екстремистичка група за прекршување на привремениот прекин на огнот со пукање на израелска територија.

Седумдневната пауза, која започна на 24 ноември и беше двапати продолжена, овозможи размена на десетици заложници од Газа за стотици палестински затвореници и го олесни влезот на хуманитарна помош во опустошениот крајбрежен појас.

Еден час пред примирјето да заврши во 7:00 часот по локално време(6:00 часот по средноевропско време), Израел објави дека пресретнал ракета истрелана од Газа.

Немаше коментар од Хамас или преземање одговорност за лансирањето.

Палестинските медиуми објавија израелски воздушни и артилериски напади низ енклавата по истекот на примирјето, вклучително и во градот Рафа, во близина на границата со Египет.

Во Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, очевидец за Ројтерс изјави дека може да слушне силно гранатирање и чад што се издига на истокот на градот.

Едно лице го загуби животот по вчерашното пукање во Ерусалим, според извештаи на израелските медиуми. Жртвата е „вооружен цивил“ кој се обиде да ги фати двајцата напаѓачи, но израелските сили по грешка го сметале за непријател и тешко го раниле. Тој доцна синоќа починал од здобиените повреди. Двајца од напаѓачите, Мурад Мухамед Нимр и Ибрахим Мухамед Нимр, исто така беа убиени кога израелските сили одговорија на нападот.

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху нареди уривање на нивните куќи во источен Ерусалим како казна и одвраќање од идни такви акции.

Продолжува Министерскиот совет на ОБСЕ

Триесетти министерски совет на ОБСЕ во Скопје, 30 ноември 2023 година
Триесетти министерски совет на ОБСЕ во Скопје, 30 ноември 2023 година

Денеска (1 декември) е вториот и последен ден од Триесеттиот министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) кој се одржува во главниот град на Северна Македонија, Скопје.

Според најавите на последниот ден од состанокот треба да се одржат три придружни настани на тема „Млади и граѓанско општество“, „Се работи за луѓето - влијанието на теренските операции на ОБСЕ во 2023 година“ и „Зачувување на плурализмот – безбедност на жените новинарки“.

Се очекува прес-конференција да одржи и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

Акредитираните новинари ќе можат да ја проследат и завршна пленарна сесија на Министерскиот совет на ОБСЕ по која ќе следува завршна прес-конференција со претседавачот, министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи, со претствник на Малта која е следниот претседавач на Организацијата и генералната секретарка на ОБСЕ Шмид.

Инаку бојкотот на дел од делегациите на говорот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, неговите обвинувања кон Западот дека го уништува ОБСЕ, како и пораките кои западните дипломати му ги пренесоа поради руската инвазија врз Украина го засенија фокусот на вчерашниот ден од состанокот.

Западните дипломати јасно и со делумен бојкот испратија порака до Москва дека се спротивставуваат на војната во Украина. Тие го вперија прстот во Русија дека го кочи функционирањето на ОБСЕ. Од друга страна и Лавров кој во живо ги слушаше нивните пораки и реакции, возврати обвинувајќи го Западот дека со години го уништува ОБСЕ. Во својот 15 минутен говор, Лавров ги напаѓаше западните земји, Европската унија и НАТО.

Помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О'Брајан, пак, изрази очекувања дека Малта како следен претседавач ќе заврши одлична работа во 2024 година и испрати порака до Русија која по почетокот на инвазијата во Украина ја блокира работата на организацијата.

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок порача дека „нема да ја дозволат играта на Русија да ги уништи организациите кои се потпираат на мирен соживот и соработка“.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски оцени дека „ова апсолутно не е никаква дипломатска победа на Русија, туку е дипломатска победа на ОБСЕ, со оглед на тоа дека беше доведено во прашање функционирањето на ОБСЕ“.

На маргините на 30-ти Министерски совет на ОБСЕ, актуелниот претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи ги повикал на средба министерот за надворешни работи на Малта, Јан Борг и министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров.

„Средбата беше свикана со цел да се обезбеди натамошното функционирање на институциите на ОБСЕ, во контекст на специфичните околности во кои се наоѓа Организацијата“, соопшти во четврток вечер МНР.

Во петок(1 декември)ќе се формализира кандидатурата на Малта за преземање на претседавањето со ОБСЕ следната година. Османи во своето обраќање посочи дека фокусот на конференцијата треба да биде на луѓето во регионот на ОБСЕ и на тоа што е најдобро за нив.

На Министерскиот совет учествуваат околу 1000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери.

МНР: Средбата со Лавров и со Борг беше со цел да се обезбеди функционирањето на ОБСЕ

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи со министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров и министерот за надворешни работи на Малта, Иан Борг, Скопје, 30.11.2023.
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи со министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров и министерот за надворешни работи на Малта, Иан Борг, Скопје, 30.11.2023.

Министерството за надворешни работи(МНР) на Северна Македонија потврди дека денеска (30 ноември) на маргините на 30-ти Министерски совет на ОБСЕ, актуелниот претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи ги повикал министерот за надворешни работи на Малта, Јан Борг и министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров.

„Средбата беше свикана со цел да се обезбеди натамошното функционирање на институциите на ОБСЕ, во контекст на специфичните околности во кои се наоѓа Организацијата“, соопшти МНР.

Малта е земјата за која се очекува да го преземе претседавањето со ОБСЕ за 2024 година.

Претходно денеска, Амбасадата на Руската Федерација во Скопје објави фотографија од средбата на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук. Во објавата немаше други информации за средбата.

По почетокот на руската инвазија во Украина, ОБСЕ како организација се соочи со тешкотии во функционирањето поради ветата што ги ставаше Москва на одлуките што мора да се носат со консензус од 57-те земји членки. Оттука и на Министерскиот состанок во Скопје се гледа како клучен за иднината на ОБСЕ. Еден од главните предизвици беше да се најде земја што ќе го презеде претседателството од Северна Македонија во 2024 година.

На 27 ноември, неколку дена пред почетокот на Министерскиот состанок, министерот за надворешни работи Бујар Османи објави дека на подготвителен состанок бил постигнат консензус Малта да биде иден претседавач со ОБСЕ, одлука што треба да биде потврдена на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје.

Средба на Лавров со актуелниот и со идниот претседавач на ОБСЕ, објави руската амбасада

Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров со министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи и министерот за надворешни работи на Малта, Иан Борг, Скопје, 30.11.2023.
Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров со министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи и министерот за надворешни работи на Малта, Иан Борг, Скопје, 30.11.2023.

Амбасадата на Руската Федерација во Скопје објави фотографија од средба на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров со министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи како сегашен претседавач со ОБСЕ и министерот за надворешни работи на Малта, Иан Борг, како иден претседавач со Организацијата.

Амбасадата ја објави фотографијата на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.

Освен фотографијата, во објавата нема друга информација.

По почетокот на руската инвазија во Украина, ОБСЕ како организација се соочи со тешкотии во функционирањето поради ветата што ги ставаше Москва на одлуките што мора да се носат со консензус од 57-те земји членки.

Оттука и на Министерскиот состанок во Скопје се гледа како клучен за иднината на ОБСЕ. На пример, еден од главните предизвици беше да се најде земја што ќе го презеде претседателството од Северна Македонија во 2024 година.

Единствениот формален кандидат – Естонија, неколку пати беше блокиран од Русија. На 27 ноември, неколку дена пред почетокот на Министерскиот состанок, министерот за надворешни работи Бујар Османи објави дека на подготвителен состанок бил постигнат консензус Малта да биде иден претседавач со ОБСЕ, одлука што треба да биде потврдена на настанот во Скопје.

Борг: Да го зачуваме и зајакнеме ОБСЕ, дипломатијата останува најдобра алатка за овој потфат

Иан Борг, министер за надворешни работи на Малта, на 30. Министерски самит на ОБСЕ во Скопје, Северна Македонија, 30.11.2023.
Иан Борг, министер за надворешни работи на Малта, на 30. Министерски самит на ОБСЕ во Скопје, Северна Македонија, 30.11.2023.

Мултилатеризмот е во основата на надворешната политика на Малта. Мора да се обидеме колективно да го зачуваме и зајакнеме ОБСЕ, препознавајќи ги нашите споделени одговорности како потписници на Хелсиншкиот финален акт, порача Иан Борг, министер за надворешни работи на Малта, во своето обраќање денеска, на 30. Министерски самит на ОБСЕ во Скопје.

Малта е следната земја претседавач со ОБСЕ.

„Да се вратиме на споделените принципи и заложби. Дозволете предизвиците да ги претвориме во можности, во духот на Хелсиншкиот финален акт и да обезбедиме наследство за идните генерации. Заедно, да внесеме нов дух во Организацијата“, рече Борг.


Очигледно е, нагласи тој, дека мултилатерализмот се соочува со предизвици, но останува клучен за справување со глобалните проблеми - од спречување конфликти до справување со климатските промени.

„Како Организација се наоѓаме во комплексна и критична ситуација. Насилството како средство за остварување на целите не е во духот на Хелсиншкиот акт и мора да се вратиме на деескалација и мирно решавање на споротвите со почит кон дијалогот. Во духот на Хелсиншкиот акт не е ниту користењето на вето за спречување на ОБСЕ во остварување на своите основни цели. Мора да се вратиме на барањето компромис, дури и кога ни е тешко да се согласиме“, рече министерот за надворешни работи на Малта.

Во духот на Хелсиншкиот финален акт, порача тој, е соработката со добра волја за градење доверба.

„Заедно го создадовме ОБСЕ како инструмент за безбедност, соработка и разбирање. За добросостојбата на сите луѓе на кои им служиме, мора да опстанеме и го зачуваме. Ова е тешка, но витална задача пред нас. Дипломатијата останува најдобра алатка за овој потфат“, рече Борг.

Малта, нагласи Борг, „останува посветена на обезбедување на хуманитарна помош и поддршка за Украина и Русија мора целосно да се повлече од целата нејзина територија“.

Украинскиот амбасадор во ОБСЕ: Не можеме да ја градиме иднината на ОБСЕ со земја која ја киднапира нашата иднина

Евгениј Цимбаљук, амбасадор на Украина во ОБСЕ
Евгениј Цимбаљук, амбасадор на Украина во ОБСЕ

Украинскиот амбасадор во ОБСЕ, Евгениј Цимбаљук во обраќањето денеска на 30. Министерски самит на ОБСЕ во Скопје, изрази благодарност до сите земји за поддршката на Украина во борбата за слобода против Русија, со кое, како што рече, придонесуваат и за одбрана на иднината на ОБСЕ.

Цимбаљук, симболично во своето обраќање, пред делегатите покажа и пет зрна, како што рече, изгорени од Русија со ирански дрон, објаснувајќи дека Русија досега има уништено стотици илјадници тони житарки, со што, како што нагласи, остави многу семејства низ целиот свет без храна.

„На светот му треба вакцина против обидите за користење на храната како оружје“, рече Цимбаљук.


ОБСЕ во изминатите две години, според Цимбаљук, покажа дека е најкорисно кога ги игнорира уцените од Русија, и кога со неа се зборува од позиција на обединетост и морално право.

„Во спротивно Русија ќе бара, уште и уште отстапки. Јасно е дека не можеме да ја градиме иднината на ОБСЕ, со земја која ја киднапира нашата иднина и нашите деца“, порача Цимбаљук.

Во десетата година од анексијата на Крим, во 2024 година, според Цимбаљук, ОБСЕ како никогаш досега има потреба од силно лидерство од одбрана на принципите на Организацијата, со „дополнителна изолација на Русија и нејзините малигни акции во рамките на истата“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG