Достапни линкови

Шешељ ги отфрли обвинувањата


Лидерот на српските радикали Воислав Шешељ денеска отпатува за Хаг каде што ќе му се предаде на Хашкиот трибунал за воени злосторства. Шешељ е обвинет за етничко чистење и за други злосторства во Хрватска и во Босна во периодот од 1991 до 1993-та година. Тој и пред заминувањето во Хаг ги отфрли сите обвинувања, изјавувајки дека очекува одолговлекување на процесот, но и негова победа. Шешељ се товари за поттикнување и помагање на четничките формации, кои беа инволвирани во етнички чистења, како и за неговите јавни настапи во кои ја подржуваше војната.

„Ние српските радикали се залагавме да се забрза процесот на размена на имотот и доколку Србите се протерани од Хрватска, тогаш нелојалните Хрвати од Србија треба да го разменат со нив имотот и тој процес да заврши. Косово е дел од Србија. Таму има околу 360 илјади албански имигранти и тие треба да се вратат од каде што дошле.“

Во обвинението на Хашкиот трибунал се наведува и дека Шешељ ја подржуваше идејата за создавање хомогена голема Србија со сила и за учество во пропагандата насочена кон несрпското население. Шешељ најави дека во процесот против него во Хаг ќе се брани сам, но оти ќе има правни советници и помошници.
XS
SM
MD
LG