Достапни линкови

Усогласување за побрза имплементација на рамковниот договор


Утрешната лидерска средба на потписниците на рамковниот договор кај претседателот на државата Борис Трајковски за СДСМ и ПДП е важна, бидејќи на неа ќе се дефинираат приоритетите и динамиката на усвојување на преостанатите обврски од рамковниот договор. Додека, за ВМРО-ДПМНЕ и ДПА ваквите средби се непотребни.

„Лидерските средби може да бидат позитивни, да дадат дополнителна стимулација и придонес за спроведување на рамковниот договор и се надеваме дека со почетокот на следната година, веќе ќе имаме конкретна и временска и стратегиска рамка за спроведување на сите ибврски од рамковниот договор,“

изјави портпаролот на СДСМ Игор Ивановски, а потпретседателот на ПДП Абдуљади Вејсели додава:

„Ние сега не треба да губиме време, треба да ги предложиме законите, да ги донесуваме и да продолжиме понатаму со структурните реформи во државата.“

Со сличен став и претставникот на ДУИ, вице премиерот Муса Џафери, кој од страна на владата е назначен за координатор на акциониот план.

„Приоритетно ќе биде што конкретно ќе можеме да реализираме од обврските од рамковниот договор за 2003-тата година, што значи дека ќе ги определиме приоритетите и колку овој акционен план на владата може да се реализира во првата фаза на наредната година. Меѓународниот фактор стои зад овој договор и вети меѓународна поддршка за негово заживување,“

изјави вице премиерот Муса Џафери.

За ДПА акциониот план на владата е обична фарса.

„Власта веќе почна да не го спроведува рамковниот договор, почна албанските кадри да ги заменува со македонски, а тоа е една од точките на рамковниот договор и се предвидува соодветна нивна застапеност во Македонија,“

вели Илијаз Халими.

На лидерската средба кај Трајковски како што е познато нема да учествува ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи според Љубе Бошковски се работи за циркузијада.

„Вакви циркузијади, бегање од одговорноста, поистоветувањето дека ВМРО сака да го прекрие својот криминал и затоа не доаѓа на средба кај претседателот е многу нечесна, импровизирана конструкција.“
XS
SM
MD
LG