Достапни линкови

Барање за поцврсти чекори за спречување на ширењето на болеста


Во изминатиот викенд во Вилнус – Литванија заврши четвртата Европска конференција посветена на борбата против сидата. Седумстотини и пеесет делегати од четирисесет земји упатија апел за преземање поцврсти социјални мерки со цел спречување на ширење на оваа смртоносна болест.

Делегатите на конференцијата посебно инсистираа на координација на напорите во светот во борбата против сидата. Саулиус Каплинскас, шеф на литванскиот центар за сида прецизира дека притоа е неопходна размената на информации меѓу медицинските и социјалните работници кои се занимаваат со оваа болест.

„Главниот проблем, не само во Источна Европа, е тоа што специјалистите во различни сфери изолирано се борат против сидата. Луѓето кои работат во центрите за сида не говорат јавно за таквите проблеми што пак ги намалува можностите за едукација на младите за тоа како да се заштитат од болеста.“

Според Кап-линскас, грешка е тоа што прашањето за сидата се остава само на таканаречените корективни институции. Тој додава дека не треба да се очекува само од полицијата да ја спречува врската меѓу например употребата на дрогата и сидата. Од витално значење во таа дејност е тесната соработка на сите кои се инволвирани во решавање на проблемот – од учителите, преку докторите до оние што се задолжени за спроведување на законите.
„Ние мора да сториме се за да ја обезбедиме таа соработка од локално до највисоко ниво.“

вели Кап-линскас, наведувајќи дека во источноевропските земји локалните власти најчесто одбиваат отворено да зборуваат за проблемот со употребата на дрога или со незаштитениот секс и оти се преправаат дека сидата воопшто не постои. На европската конференција во Виљнус беше побарано поголемо внимание да и се посвети на поврзаноста на социјалните проблеми со ширењето на сидата. Делегатите беа согласни дека, повеќе од медицинските трендови, за спречувањето на оваа болест би се придонесло преку решавање на социјалните и психолошките фактори. Притоа, како главни причини за ширење на сидата беа наведени: сиромаштијата, невработеноста и разочараноста на младите. Според експертите, постојните програми за едукација во врска со сидата најчесто не стигнуваат до групите на кои тие им се најпотребни – зависниците од дрога, затворениците и сиромашните.

„Ваквите состаноци можат да бидат од помош за невладините организации особено за нивната поголема ангажираност кај нивните влади за поефикасни програми за справување со проблемот на сидата.“

вели Мартин Мекки кој додава дека Виљнус не е случајно избран за домаќин на европската конференција. Според последните податоци, ширењето на оваа болест во Источна Европа е многу побрзо од кој било друг дел од светот.
XS
SM
MD
LG