Достапни линкови

Се развлекува ли истрагата за да се заташка Рекет?


Архивска фотографија- Специјалната обвинителка Катица Јанева по сведочењето за случајот „Рекет“, Скопје, 20.08.2019
Архивска фотографија- Специјалната обвинителка Катица Јанева по сведочењето за случајот „Рекет“, Скопје, 20.08.2019

Каде е торбата со парите, каква е вклученоста на специјалната обвинителка Катица Јанева, дали и кои политичари се вмешани се дел од клучните прашања, кои според упатените, се уште не се одговорени. Тие сметаат и дека истрагата за случајот „Рекет“ се води бавно и остава вакуум простор за гласини.

Ниту четири часа сведочење на специјалната јавна обвинителка во оставка Катица Јанева не донесоа појасна слика во јавноста за неколку клучни прашања во случајот „Рекет“ кој со месеци ја тресе македонската политичка и обвинителска сцена. По распитот во Јавното обвинителството за организиран криминал и корупција во својство на сведок впечаток е дека повеќе прашања се отворија отколку што се доби одговор. Со кратките одговори со “да” и со “не”, Јанева не откри каква e нејзината улога и вклученост, дали се инволвирани политичари, каде е сведокот Јордан Камчев.

Покрај овие прашања засега останува неодговорено и каде се парите од торбата со која, како што се гледа на снимката објавена на италијанскиот портал Ла Верита, од домот на бизнисменот Камчев излегуваат осомничените Бојан Јовановски и Зоран Милески- Кичеец.

Повеќе од еден месец од приведувањето на Јовановски и Милески, првиот осомничен за примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење пари и други приноси од казниво дело“, а вториот за “примање награда за противзаконито влијание” во случајот Рекет, барем досега требаше да бидат одговорени дел прашања, коментираат упатените.

„Истрагата требаше да оди со побрзо темпо и да се даде приоритетно значење на одговарањето на сите прашања за кои се шпекулира во јавноста односно да не се дозволи портал со сомнителни мотиви да ја претрка истрагата и врз основа на тоа да се доразвијат такви шпекулации кои не штетат само на СЈО како институција, на истрагата, туку и на целата држава“, вели адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска.

Има ли вмешани политичари?

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, секојдневно тврди дека Јовановски и Милески не можеле да ги вршат делата без, како што велат, политичка поддршка посочувајќи дека лица од власта биле инволвирани во случајот наречен Рекет. Ова преку псевдоними се шпекулираше и во текстовите во новинарот Бранко Героски кој почна да пишува пред да бидат приведени двајцата осомничени. Конкретно се споменуваа најчесто измислени имиња кои алудираа на двајца пратеници од СДСМ, но досега во истрагата нема информации дали се повикани и тие на распит. Нема информации ниту дали бил повикан синот на Јанева, кој работи во 1 тв, медиум на кој како неформален сопственик се преставуваше осомничениот Јовановски.

Надлежниот јавен обвинител досега мораше да реагира бидејќи се споменуваат одредени лица и може да дадат друга насока во истрагата, вели поранешниот обвинител Александар Наков. Тој посочува и на, како што вели конфузните изјави на Јанева по сведочењето, како и на нејзината одлука да дојде во обвинителството со адвокат.

„Сето тоа укажува дека работите не одат по редовниот тек, како што треба. Мора да се земе предвид и фактот дека Боки 13 и ден денес не е сослушан, зошто не знам, вештачења се прават на телефоните веќе месец-два. Овие моменти укажуваат на тоа дека работата се тера некако многу лежерно и веројатно со одредена цел“, вели Наков.

Проблематичен вакуум простор

Според Јошевска Анастасовска она што може да го направи обвинителството, е да излезе во јавноста со официјално соопштение во кое ќе каже до каде се, што истражуваат кои работи се утврдени, а кои не.

„Останува кај мене надежта дека сепак на крај ќе ни дадат некое официјално образложение во кое ќе бидат одговорени повеќето прашања. Но, должината на овој вакуум простор е проблематична“, вели Јошевска Анастасовска.

Инаку истражната постапка за случајот „Рекет“ обвинителство ја соопшти на 15 јули, наведувајќи дека на 2-ри мај ја почнале предистражната постапка за Јовановски и Милески во која, како што рекоа, собрале повеќе вербални и материјални докази. Тогаш беше соопштено дека од 2018 година до месец април оваа година, Јовановски искористувајки го своето влијание врз јавен обвинител, влијаел да се изврши дејствие со кое во истражна постапка ќе се олесни положбата на едно осомничено лице во таа постапка, а Милески ги договарал средбите и контактите.

На 8 август, пак, италијанскиот весник Ла Верита на својата интернет страница ја објави првата видео и аудио снимка на која се гледаат Јовановски и Милески во домот на Камчев, а потоа во друга снимка се слушна и гласот на обвинителката Јанева.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG