Достапни линкови

Кина стана постара пред да стане побогата


Илустрација
Илустрација

Укинувањето на политиката на Кина за едно дете не дава плод. Ако порано политиките на кинеските власти беа да се забави растот на населението, сега се обидуваат да ги охрабрат семејствата за второ, па дури и трето дете. Во меѓувреме Индија е на чекор да ја претрка Кина во број на жители

За прв пат по околу 60 години, Кина- најнаселената земја на светот бележи пад од околу 850.000 жители. Во 2022 година се родиле еден милион бебиња помалку отколу во 2021 година. Кинескиот завод за статистика објави 9,56 милиони раѓања во 2022 година, во споредба со 10,62 милиони во 2021 година. Според статистиките, националната стапка на наталитет достигна рекордно ниско ниво, односно 6,77 раѓања на 1000 луѓе.

Дали ковидот е виновен за намалувањето на кинеската популација?

Не се знае дали една од причините за падот на населението е резултат на коронавирусот, кој прв пат беше откриен во кинескиот град Вухан, пред да се прошири во светот. Истовремено Кина се соочува со критики од светските здравствени експерти дека нетранспарентно ги пријавува смртните случаи од вирусот. Минатата година смртните случаи во оваа земја се зголемија од 10,14 милиони на 10,41 милион.

Политиката за едно дете не го даде посакуваниот ефект

Но населението во Кина почна да се намалува порано отколку што предвидуваа кинеските власти, односно во последната деценија.

„Кина стана постара пред да стане богата“, вели Ји Фуксијан, демограф на Универзитетот во Висконсин.

Откако пред седум години Кина ја укина политиката за едно дете, контроверзена политика која беше воведена во 1979 година, за да се забави растот на населението, кинеските власти во последниве години се обидуваат да ги охрабрат семејствата да имаат второ, па дури и трето дете.

Сепак ова резултира со слаб успех, како одраз на ставовите во поголемиот дел од источна Азија каде што раѓањето нагло опадна. Како причина, во Кина се наведуваат трошоците за одгледување на деца коишто ги имаат семејствата.

Мажите се побројни од жените, што според статистиките направени од кинеските власти резултира на политиката за едно дете, но и културата на фаворизирање на момчињата пред девојчињата, што придонесе и до принудни абортуси и искривен сооднос на половите изминатите години.

Полисата беше укината во 2016 година и на брачните парови им беше дозволено да имаат две деца. Во последниве години, кинеската влада дури почна да нуди даночни олеснувања и подобра здравствена заштита на мајките, меѓу другите стимулации, за да се смени или барем да се забави падот на наталитетот.

Индија во тесна трка со Кина

Во меѓувреме пак, најнаселената нација во светот се очекува наскоро да биде престигната од Индија. Според проценките, населението во Индија брои повеќе од 1,4 милијарди жители и продолжува да расте.

“Последниот пат кога Кина доживеа пад на населението беше за време на “Големиот скок напред”, катастрофален обид за колективно земјоделство и индустријализација што го започна тогашниот водач Мао Це Тунг на крајот на 1950-тите, кој предизвика огромен глад во кој починаа над 10 милиони луѓе.”

Обединетите нации процениле минатата година дека населението на светот достигна 8 милијарди и дека Индија ќе ја замени Кина како најнаселена нација во светот во 2023 година. Последниот попис во Индија беше закажан за 2022 година, но беше одложен поради пандемијата.

За прв пат повеќе починати од родени

Смртните случаи ги надминаа родените за прв пат минатата година во Кина, а земјата ја забележа највисоката стапка на смртност од 1976 година - 7,37 смртни случаи на 1.000 луѓе, што е повеќе од 7,18 претходната година.

Очекувањата на професорската фела во Кина се дека стапката на смртност во 2023 година ќе биде веројатно поголема отколку што беше пред пандемијата поради инфекции со Ковид, а откако кинеските власти минатиот месец се откажаа од нулта Ковид политиката, во земјата се забележува огромен пораст на нови инфекции.

Подготви: Тамара Дичовска

XS
SM
MD
LG