Достапни линкови

Нема кој да ги чита и постапува по ревизорските извештаи


Примерок од новиот начин на кој ќе се презентираат ревизорските извештаи
Примерок од новиот начин на кој ќе се презентираат ревизорските извештаи

Вкупно 56 ревизорски извештаи на институции од 2016 до 2018 стојат во фиоките на истражните органи. Главниот државен ревизор се надева дека наскоро ќе добие одговор до каде се постапките по нив. Во меѓувреме аналитичарите велат дека ваквиот однос се должи на недостиг на политичка волја и капацитет за справување со корупцијата и финансискиот криминал во институциите

Набавени медицински апарати кои не се користат во болниците, исплатени пензии на починати лица, институции кои ги прекршуваат законите, како и сомнеж за проневерени пари се дел од забелешките на ревизорите кои во своите извештаи им ги доставуваат на Обвинителството и полицијата. Но, што се случува со ревизорските извештаи, дали се постапува по нив и до каде е постапката - информација нема.

За период од 2016 година до 2018 година од државниот Завод за ревизија испратиле вкупно 42 извештаи до Јавното обвинителство, потоа 8 до Антикорупциска комисија, 4 до МВР и 2 до Финансиската полиција. Новиот директорот на Завод за ревизија, Максим Ацевски во интервју за Радио Слободна Европа кое в целост ќе биде објавено в недела, вели дека се надева оти во наредниот период ќе добијат повратна информација за тоа што во суштина е направено со ревизорските извештаи во кои има индиции за сторено кривично или прекршочно дело.

„Има индивидуални известувања од Јавното обвинителство, меѓутоа за најголем дел нема повратни информации“, вели Ацевски.


Тој вели дека во разговорот со државниот обвинител Љубомир Јовески му било ветено дека наскоро ќе добие одговор, а разговарале и за проблемите во Обвинителството со кои се соочуваат при работата.

„Не може вината да ја впериме само во Обвинителството, туку едноставно кога зборуваме за целокупното постапување по доставените ревизорски извештаи треба да ја видиме и нивната состојба, во какви услови и какви финансиски средства има и дали имаат доволно човечки ресурси за да можат да постигнат во дадените рокови по ревизорските извештаи. Мислам дека ова прашање треба да се разгледа на повисоко ниво за да се создадат доволно услови за сите да можат да постапуваат“, вели Ацевски.

Државен завод за ревизија
Државен завод за ревизија


Години наназад државниот Завод за ревизија во своите извештаи редовно укажува на неправилности за трошење буџетски пари, но другите институции ретко го казнуваа сторителот. Една од причините за таквиот однос е недостигот на политичка волја за воведување на ред во институциите и борба против корупцијата, вели Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл.

„Една од тие институции кои ги добива извештаите е Собранието. Тоа би требало да ги задолжи другите институции да постапат по ревизорскиот извештај, но тоа не се прави. Значи, првенствено Собранието не постапува, а државниот ревизор по закон доставува извештај до Парламентот“, вели Тасева.

Таа смета дека најголем проблем е недостигот на капацитет и знаење во истражните органи.

„Тие институции не знаат што да прават со тие извештаи. Ниту Обвинителството има капацитет да проучи еден извештај од ревизорот на точката на која се укажува дека постои каква било индиција или сомневање за незаконитост на трошењето на државните пари. Исто така немаат капацитет ни другите. Единствено може да постапува финансиската полиција затоа што и по вокација и по функција таа некако најмногу е определена за истражување на финансиски криминал, иако тие извештаи не секогаш се поврзани само со финансиски криминал“, вели Тасева.

Според неа клучниот проблем е во недостатокот на политичка волја односно недостатокот на независност на тие институции. Ако тие ревизорски извештаи се однесуваат на институции кои што имаат министри кои се дел од политиката, никој не дозволува тие извештаи подлабоко да се истражат, да се проверат наводите во тие извештаи, вели Тасева. Ваквиот магичен круг со децении ги остава ревизорските извештаи само како парче хартија кое на крајот на денот не добива правна разрешница.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG