Достапни линкови

Институциите немаат капацитет за справување со загадувањето


Загадување во Скопје.
Загадување во Скопје.

Енормното загадување на воздухот изминативе денови повторно го стави Скопје на листата најзагадени во светот. Владата усвои план за чист воздух, но државните ревизори укажуваат на неспроведување на законите и немање на капацитет на институциите за решавање на проблемот.

Владата го усвои Планот за чист воздух за 2019 година, но Државниот завод за ревизија во последниот извештај укажува дека институциите на централно и локално ниво немаат капацитет за справување со проблемот со загадувањето на воздухот во однос на кадар и финансии.

Ревизорите наведуваат дека досега државата не ги спроведувала целосно законите за контрола на индустриското загадување. Државниот завод за ревизија укажува и дека немаме точни податоци за квалитетот на воздухот што го дишеме, бидејќи не се земаат предвид сите извори на загадување.

Ревизорите констатирале дека не се мерат редовно концентрациите на бензен, и оти мерењето на загадувањето од тешки метали не е доволно репрезентативно.

Исто така дека дел од инсталациите не доставуваат извештаи од извршените мерења од Управата за животна средина и Македонскиот информативен центар за животна средина, се вели во извештајот.

Владата во планот за чист воздух воопшто не го спомнува загадувањето од големата индустрија, иако државните ревизори наведуваат дека голем број компании не ги запазуваат законските рокови за реализација на плановите за поставување филтри, како и дека државните институции несоодветно ги спроведуваат законите за контрола на големите индустриски компании.

Откако Скопје и другите градови во Македонија изминативе денови повторно беа најзагадени во светот, Државниот инспекторат за животна средина направи вонреден инспекциски надзор во Скопје, Битола, Струмица, Гостивар и Тетово. Инспекторите направите контрола на околу 30 компании, но надминување на граничните вредности на емисии забележале само во РЕК Битола.

Во Скопје од направените контроли меѓу другото се вели дека Цементарница Усје не ги надминува граничните вредности на прашина, сулфурен диоксид и азотни оксиди на двете печки. За Макстил стои дека компанијата врши мониторинг на нејзините емисии и доставува резултати до Инспекторатот и Министерството за животна средина, но не е наведено какви се тие резултати. Истото стои и за компанијата Арцелор Митал.

Големите загадувачи во Македонија имаат и законски обврски да плаќаат надоместоци поради нивното влијание врз животната средина, но државните ревизори утврдиле неефикасност на системот за контрола на Министерството за животна средина.

Ревизорите наведуваат дека надлежната Управа за животна средина не го утврдува точно и прецизно годишниот надоместок за поседување на дозволите.

Тие исто така укажуваат на недоволна прецизност на законите и нивна несоодветна примена, но и оти голем број компании не го запазуваат законскиот рок за реализација на оперативните планови и преминот од Дозвола за усогласување со оперативен план во А – интегрирана еколошка дозвола.

Ревизорите наведуваат дека просечните годишни концентрации на ПМ10 честички ја надминуваат годишната гранична вредност од (40 μg/m3) во сите мониторинг станици, а највисоки концентрации се измерени во Тетово и скопската населба Лисиче, кои надминале 120 μg/m3.

Концентрациите на поопасните ПМ2,5 честички се мерат во две мониторинг станици во Скопје и нивната просечна годишна вредност е два пати повисока од граничната вредност, се вели во последниот Годишен извештај на ДЗР.

Исто така е наведено дека оценката на квалитетот на воздухот е нецелосна поради „некомплетност на податоците од емисиите на стационарните извори на загадување, но и дека не се земаат предвид податоците за количините на емисии на загадувачки супстанци од непроизводните извори.

Ревизорите укажуваат на слаба достапност на квалитетни влезни податоци, со што се ограничува примената на дисперзионите модели за проценка на квалитетот на воздухот.

Утврдени се слабости и во организациската поставеност на системот на управување со квалитетот на воздухот, односно дека поставеноста на инспекцискиот надзор во животната средина не соодветствува во целост на барањата кои произлегуваат од правото на ЕУ, поради што во 2016 година бил подготвен нов Закон за инспекција во животната средина.

„Административниот и техничкиот капацитет на надлежните институции е недоволен на централно, а особено на локално ниво во поглед на кадровската екипираност, опрема и финансиски средства“, се вели во Извештајот на ДЗР.

Понатаму ревизорите истакнуваат дека иако властите реализираат одредени мерки за заштита на амбиенталниот воздух, тие не се доволни за постигнување на задоволителни резултати за намалување на загадувањето.

Средствата за реализација на Годишната програма за работа на Државен автоматски мониторинг систем за квалитет на воздух, не се доволни за сервисирање, набавка на резервни делови на мерните станици, дислокација на постоечки мониторинг станици, набавка на лабораториска опрема и хемиски анализи, акредитација на Централната и Калибрационата лабораторија.

Според податоците на ДЗР, од вкупните инвестиции за заштита на животната средина, инвестициите и трошоците за заштита на воздухот учествуваат со 13 проценти за 2014 и 2015 година, а со 6 отсто во 2016 година. Од нив најмногу се направени во индустријата и специјализираните производители, околу 83 – 96 проценти, а во останатите сектори на економската активност учеството е мало и се движи од 4 – 17 отсто.

Дел од инсталациите не доставуваат извештаи од извршените мерења од Управата за животна средина и Македонскиот информативен центар за животна средина.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG