Достапни линкови

Условни казни затвор и плаќање за штетата за учесници во „Шарената револуција“


Здравко Савески
Здравко Савески

Условна затворска казна од 6 месеци добија Здравко Савески и Владимир Куновски за демолирањето на канцеларијата на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, за време на „Шарената револуција“ пред речиси 6 години.

Учество во толпа што ќе стори кривично дело е кривичното дело за кое по трет пат им се суди на обвинетите Здравко Савески и Владимир Куновски, демонстранти кои учествуваа во таканаречаната „Шарена револуција“. По две ослободителни пресуди кои ги укина Апелација, денеска Основниот суд Скопје 1 ги казни на 6 месеци условна затворска казна. Затворската казна која нема да се спроведе доколку во наредните 5 години по правосилност на пресудата не сторат ново кривично дело.

Судот одлучи и дека обвинетите ќе треба солидарно да ја надоместат штетата на државата во износ од 8,5 илјади евра во рок од од 15 дена по правосилноста на пресудата.

„Виновни сме биле! Виновни зашто протестиравме заради погазувањето на владеењето на правото, што овозможуваше сторители на тешки кривични дела да бидат амнестирани. За таа борба за владеењето на правото ни демонстрираа судиите како се одработува по партиска задача и како може да се пресуди со тотално занемарување на правото на обвинетите да се бранат“, напиша на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук, Савески веднаш по соопштувањето на пресудата.

Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува незадоволство и разочарување од пресудата. Според оваа организација со оваа пресуда судовите испраќаат порака до граѓаните да останат безгласни и пасивни пред корупцијата, криминалот и неправдата.

„Затоа што во спротивно ќе се соочат со кривичен прогон во кој повисоката цел – демократијата и владеењето на правото, треба да отстапи пред политичката репресија и формализмот на правната држава. Сметаме дека е поразително тоа што судовите целосно го игнорираат контекстот во кој се случило делото, односно дека ги занемаруваат причините за граѓанскиот револт во критичниот ден – срамната аболиција која беше кулминација на режимското владеење, заробувањето на институциите и погазувањето на правната држава. Правото мора да ѝ служи на правдата“, се вели во нивната пишана реакција по пресудата.

Професорот Савески беше активен учесник во протестите против тогашната одлука на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов за аболиција на осомничените во предметите на Специјалното јавно обвинителство за кривични дела кои произлегоа од незаконски прислушуваните разговори. Тој вели дека станува очигледно дека од целата одамна заборавена „Шарена револуција“ само тој и Куновски ќе настрадаат, како да се „тешки криминалци“.

„Нема ниту демократија, ниту правна држава, ниту правда. Има злоупотреба на судството и институциите, при што може криминални дела да поминат неказниво, а може и да те осудат за ништо, без докази и без право да се браниш. Пресудата не мора да ја носат во петок. Таа одамна е донесена од страна на вонсудски органи“, изјави Савески пред неколку дена.

Барањата за правда беа само дел од протестите кои станаа масовни на 12 април 2016 година откако тогашниот претседател Иванов прогласи аболиција за 56 лица осомничени за вмешаност во скандалот со прислушкувањето.

Неколку илјади луѓе излегоа на улиците на Скопје истата вечер, пробивајќи го полицискиот кордон и палејќи ја канцеларијата на Иванов во центарот на градот. Протестите продолжија и во следните месеци со зголемено темпо и масовност.

На 15 април за првпат беше фрлена боја врз фасадата на Порта Македонија- што потоа стана препознатлив симбол на протестите. Демонстрантите секој ден во шест го почнуваа протестот пред канцелариите на тогашното Специјално обвинителство во знак на поддршка на нивната работа. Но, тие бараа целосна промена на системот на владеење во земјава.

Специјалци го бранат седиштето на ВМРО-ДПМНЕ
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:57 0:00

Додека траеа неколкумесечните протести дел од демонстрантите беа приведени и против нив беа покренати кривични пријави и судски процеси. Савески и Куновски на 25 април беа приведени и поминаа 50 дена во домашен притвор поради „учество во толпа кое ќе стори кривично дело“.

Во изминативе 6 години колку што трае судскиот процес тие на два пати добија ослободителни пресуди. Ослободителната пресуда тогаш беше изречена поради недостиг на докази. Судот тогаш утврди дека доказите покажуваат оти Савески и Куновски биле со толпата, но не и дека извршиле демолирање на канцеларијата на претседателот Иванов во центарот на градот.

Но, Апелација во јуни 2019 година го врати предметот на повторно судење. Причината за тоа беше што судот не дозволил да биде сослушано лице, сведок, како овластен претставник од Канцеларијата на Ѓорѓе Иванов. Првостепениот суд тоа не го дозволил со образложение дека присутниот сведок од Канцеларијата на Иванов навел дека не може да се произнесе за висината на штетата за оштетениот имот, иако бил повикуван од самиот почеток на постапката, односно две и пол години и бил должен со доаѓањето на судот да биде спремен да одговори на поставените прашања односно да има докази и да го знае износот на штетата.

Савески потенцира дека во целата судска голгота од 6 години, Судот не им дозволил да се сослушаат сведоците по предлог на одбраната, ниту пак имал можност за завршни зборови или нови „докази“. Како што вели, веќе се си знаеја.

„Ова што се случува со нашиот процес, дури во и однос на лишувањето на правото на одбрана, не е никаков исклучок, туку само уште еден пример колку е гнил правниот и политички систем“ вели Савески.

Савески и Куновски се обвинети дека вечерта на 13.04.2016 година пред народната канцеларија на претседателот на државата учествувале во толпа од поголема група граѓани која што толпа со заедничко дејствување оштетила имот. Станува збор за оштетувањето на Канцеларијата на Иванов во центарот на градот, по објавувањето на аболицијата за над 50 осомничени функционери од тогашната владејачка ВМРО ДПМНЕ за злоупотреба на службена должност. Според обвинението, обвинетите биле дел од толпа која учествувала во кршење на инвентар од канцеларијата со што е причинета штета од 8,5 илјади евра.

Дел од демонстрантите поминаа со кривични пријави. За учество во толпа што ќе стори кривично дело обвинет е и Мариглен Демири, но судењето се влече со години. Следното рочиште против него е закажно за 7 април годинава. Никола Аризанов и Филип Наковски пак, добија условни затворски казни на 20 мај, 2016 година откако ја признаа вината за учество во толпа. Условна казна во 2016 година доби и Борјан Ефтимов откако ја призна вината за кривичното дело. За поранешниот пратеник Павле Богоевски кој исто така беше обвинет за ова дело, Обвинителството го повлече обвинението.

Но дел од демонстрантите поминаа само со прекршочни пријави. Актерката Симона Спировска која беше во првите редови на демонстрантите кои ги „боеја “ фасадите на македонските институции при еден од настанатите беше приведена и доби неколку прекршочни пријави. Таа вели дека се уште си ги исплаќа прекршочните пријави.

„Затоа што мислам дека секој кој добил прекршочна треба да оди и да си ја плати, затоа што не сакам да бидам амнестирана како луѓето кои влегоа насилно во Собрание на 27 април. Прво нашите дела не се, односно не е тоа вагање, не е мерење чие дело е потешко и дали нашите дела исто тежат, туку сметам дека секој што добил казна треба соодветно да одговара. Јас не сум мислела дека не можам да добијам прекршочна за одењето на протести, напротив сум знаела. Така што не ми беше изненадување, и сум спремна да си ги платам прекршочните“ изјави таа неодамна во интервју за Радио Слободна Европа.

Предвесник на Шарената револуција беа студентските протести во 2014 година, кои следната година прераснаа во таканаречана окупација на факултетите и улиците. Протестите продолжија со засилен интезитет во мај 2015 година кога тогашната опозициска СДСМ објави објави дел од прислушуваните разговори во кои можеше да се слушне како владини функционери разговараат за убиството на Мартин Нешковски и за тоа како да се прикаже во јавноста.

Граѓанските протести доведоа и до жестоки судири со полицијата. Повеќе полицајци беа повредени, а десетици демонстранти беа приведени од полицијата. Граѓанското движење прерасна во опозициско кога на 17 мај 2015 година опозицијата предводена од СДСМ организираше голем протест пред платото на Владата во Скопје.

Протестот беше поддржан и од повеќе студентски и граѓански организации кои дотогаш демонстрираа по разни поводи, како и од неколку партии на албанците.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG