Достапни линкови

Мијалков доби 8 години за Трезор


Сашо Мијалков на изрекувањето на пресудата во предметот „Таргет - Тврдина“
Сашо Мијалков на изрекувањето на пресудата во предметот „Таргет - Тврдина“

Вкупно 33 години затвор добија обвинетите во предметот „Трезор“. О Сашо Мијалков доби 8 години затвор, додека по 5 години добија обвинетите Тони Јакимовски и Небојша Стајковиќ. Најголема казна доби Горан Грујевски кој е осуден на 15 години затвор. Судот изрече и конфискација на имот.

Осудителна пресуда денеска донесе Крвичниот суд во Скопје за случајот Трезор, со што обвинетиот поранешен директор на УБК Сашо Мијалков доби 8 години казна затвор поради злоупотреба службена положба и овластување при набавката на британска опрема за следење на електронска комуникација во 2010 година. Неговите соучесници поранешниот шеф на неговиот кабинет и началник на оддел во Управата за безбедност и контраразузнување, Тони Јакимовски е осуден на 5 години казна затвор. Поранешниот помошник-министер во Министерството за внатрешни работи, Небојша Стајковиќ е осуден на 5 години затвор додека поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски на кого му се судеше во отсуство доби 15 години казна затвор.

Судот досуди обвинетите солидарно да ја исплатат штетата предизвиканата материјалната штета во вредност од 813 илјади евра на буџетот. Од правното лице „Финзи“ треба да бидат конфискувани околу 200 илјади евра , а Судот ги задолжи обвинетите да ја вратат во Буџетот разликата од над 600 илјади евра солидарно, во рок од 3 месеци од правосилноста на пресудата.

Предметот „Трезор“се однесува на начинот на набавка на британска опрема за следење на комуникациите во 2010 година позната како „ФинФишер“. Судијката Џанета Бегтовиќ изрекувајќи ја пресудата истакна дека судот со сигурност се уверил во вината на обвинетите надвор од секакво разумно сомнение.

„Обвинетиот Сашо Мијалков заедно со другите обвинети умислено ги сториле кривичните дела при што договорите биле склучени со единствена цел, стекнување на корист во полза на правното лице Финзи Скопје. И самиот обвинет Сашо Мијалков, потврди дека како директор ниту еднаш не изготвил извештај за патувањата во Лондон, од што произлегува дека истиот избегнувал да ги наведе причините за неговите посети, се со цел истите да останат тајни. Тој во својот исказ ги потврди констатациите на СЈО за блиските реалации со Јордан Камчев. И сведокот Камчев во својот исказ потврди дека бил крајниот сопственик на Финзи ДОО САД“ изјави судијката Бегтовиќ.

Судот е уверен дека поранешниот директор Сашо Мијалков и неговите соучесници во МВР преку фирмата на починатиот сведок на СЈО и управител на фирмата Финзи Коста Крпач купиле софтвер „ФинФишер“ од британската компанија „Гама Интернешнл“ ,при што, во својот џеб „инкасирале“ над 800 илјади евра. Како што потенцираа обвинителите Артан Ајро и Трајче Пеливанов во завршните зборови, станува збор за фирма која првично била основана од офшор фирма во САД, а на која како краен сопственик се јавува бизнисменот Орце Камчев.

„ Имено од исказите на сведоците се потврдува околноста дека менаџментот на УБК односно обвинетите се тие кои го избрале „Финзи ДООЕЛ“ за посредник во набавката. Околностите укажуваат на тоа кој е реалниот корисник на правното лице „Финзи“ Скопје, односно дека Сашо Мијалков е реалниот корисник на „Финзи“ Скопје, а тоа произлегува од презентираните аудио снимки, односно нелегално прислушуваните разговори“, рече судијката.

Разочарувачки ден за правда- оцени одбраната

Разочарувачки ден за правото и правдата е оценката на одбраната по изречената пресуда за обвинетите во „Трезор“.

„Ова е поразително и за нас како одбрана, и за правдата, но убеден сум дека правдата ќе ја истераме преку Апелациониот суд“изјави адвокатот на Мијалков, поранешниот обвинител Љупчо Шврговски.

Бранителот на Мијалков и на осудениот Небојша Стајковиќ, Петар Василев изјави дека ова е уште една пресуда поради која биле донесени извештаите од Стејт Департментот, како и пресуди слични во извештајот на Прибе.

„Пресуда која е базирана на претпоставки и со кршење на законот за кривична постапка, “ изјави пред новинарите Василев.

Обвинителството бараше од судот да им конфискува имот на обвинетите во вредност од предизвикната штета во вредност од 813 илјади евра, односно од Мијалков и Грујевски обвинителството бараше да се исплатат по 179 илјади евра, потоа од Јакимовски 114 илјади евра, а од Стајковиќ да исплати 97 илјади евра.

Обвинителството побара нов притвор за Мијалков

Според досега одредениот притвор, за Мијалков постоеше можност да биде пуштен да се брани од слобода за другите предмети, односно да чека правосилност на пресудите за затвор од 27 април, кога истекува рокот од 60 дена притвор добиен за предметот „Таргет Тврдина“. Обвинителот Трајче Пеливанов побара по објавувањето на денешната пресуда да се определи мерка притвор по предметот „Трезор“, а мерката притвор по предметот „Таргет Тврдина“ да биде укината, затоа што како што вели, Мијалков е моќен човек и постои ризик за него бегство.

„Преку Еуропол се потврдени информациите дека Мијалков има дозволен престој во Чешка и дека таму има две возила кои се регистрирани на негово име. Судот треба да го цени фактот дека обвинетиот Сашо Мијалков е добро ситуиран и дека тој и неговото семејство поседуваат приватни бизниси што претставува можност за добра логистика и добро живеење во бегство“ изјави Пеливанов.

Мерка притвор до правосилност на пресуда обвинителите побараа и за Јакимовски и Стајковиќ.

Адвокатот Шврговски во судот истакна дека тврдењето на обвинителството дека тоа што Мијалков е моќен човек со приватни бизниси му дава можност за комотен живот во бегство е погрешна теза.

„Некој, во случајов мојот клиент, кој има повеќе бизниси во државава нема да го направи тоа, односно тоа е причина повеќе да остане во државата. Сакам да посочам дека и судот истакна дека мојот клиент ги почитувал мерките за претпазливост, и затоа сметаме дека таквото барање е неосновано“ изјави Шврговски, бранител на Мијалков.

Адвокатот Василев во судот посочи дека барањата за притвор за неговите клиенти Мијалков и Стајковиќ се неосновани.

„Сметам дека предлогот за одредување мерка притвор е во функција да се казни уште пред правосилно завршување на постапката, или евентуално осудителна пресуда и од тие причини сметам дека овие два предлога треба да бидат одбиени“ изјави Василев.

Судијката Бегтовиќ по кратка пауза, го одобри барањето на Обвинителството, односно го прекина претходниот притвор на Мијалков за „Тврдина-Таргет“ кој истекува на 26 април, и му одреди 30 дена сега за „Трезор“.

Според обвинителството, поранешниот директор Сашо Мијалков и неговите соучесници во МВР преку фирмата на починатиот сведок на СЈО и управител на фирмата Финзи Коста Крпач купиле софтвер „Финфишер“ од британската компанија „Гама Интернешнл“ при што во својот џеб „инкасирале“ над 800 илјади евра. Фирмата „Финзи ЛЛЦ“ во чија сопственост е и македонската Финзи всушност е регистрирана на истата адреса во САД како и „Калвус“, а нејзин краен сопственик е контроверзниот бизнисмен и осомничен во предметот „Империја“ за перење пари, Камчев, покажуваат доказите на СЈО во судската постапка.

Управител пак, бил Владислав Стајковиќ, кој е еден од обвинетите во Империја и брат на Небојша Стајковиќ, кој бил помошник министер во МВР, и осуден во овој предмет „Трезор“. Потоа на неговото место доаѓа сега покојниот Коста Крпач, за чија смрт останаа неодговорени прашања дали е навистина самоубиство или пак станува збор за убиство.

Според обвинителниот акт, но и сведоците кои зборуваа на досегашните рочишта оваа опрема во период од 2010 до 2015 година била кратко време користена, воглавно поради недостатокот на обука на кадарот што требал да ја користи, а потоа и поради проблеми со надградба на софтверот и лиценци за работа. Вработение откако истекол рокот на првата лиценца немале пристап до своите сметки во софтверот и не можеле повеќе да ја користат, затоа што не биле набавени нови и соодветни лиценци.

Ова е трет предмет за кој е осуден Мијаков. Претходно беше осуден во предметот „Таргет Тврдина“ на 12 години казна затвор за незаконското масовно прислушување кое како афера го објави во 2015 година тогашниот опозициски лидер Зоран Заев. Мијалков за предметот „Титаник 2“ беше осуден на 3 години казна затвор.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG