Достапни линкови

Во пандемија државата се поднови со 85 возила вредни 3 милиони евра


Илустрација
Илустрација

Од почетокот на пандемиската 2021 година до сега владините институции набавиле или изнајмиле најмалку 85 возила во вредност од 2,9 милиони евра , покажуваат податоците од Бирото за јавни набавки. Ако на ова се додаде и најавената набавка на возила за АЕК, вкупната сума ќе порасне за 200 илјади евра.

Седани и лимузини, со големи екрани во боја, грејачи на седишта и дополнителна опрема се најчестите возила кои државните инститиции ги купувале или изнајмувале, покажуваат договорите склучени за јавни набавки. Според податоците на бирото за јавни набавки и новите автомобили кои АЕК сака да ги купи, еден од нив мора да поседува камера со приказ од 360 степени, ЛЦД екран од најмалку 10 инчи, загревање на предни и задни седишта и на волан, безжичен полнач за телефон од најмалку 15 вати, како и затемнети задни стакла со УВ заштита. Бојата треба да биде црна металик. Останатите шест возила треба да бидат на хибриден погон, со 8-инчен ЛЦД екран, додека греење на седиштата не е задолжително.

Во изминатава пандемиска година во која власта со разни кризни мерки ги помагаше компаниите и бараше од институциите да штедат и преиначуваат буџети, потрошила најмалку 3 милиони евра за набавка или изнајмување на автомобили. Податоците од Бирото за јавни набавки покажуваат дека најмалку 10-тина институции одлучиле во пандемиската година да купат нов лускузен автомобил, додека пак дел купиле автомобили од средна класа.

На пример Националниот конзерваторски центар во август годинава купил две теренски возила од Мак Аутостарт за 55 илјади евра. Станува збор за марката Митсубуши Л2000 2.2 , ренџерски пикап и моќно возило. Но, во планот за јавни набавки потпишан од директорот на Националниот конзерваторски центар во Скопје Мемет Селмани не е предвидена набавка на нови автомобили. Во планот за јавни набавки објавен на нивната веб страна има наведено ставка само за изнајмување на теренски возила во вредност од 8 илјади евра. И Институтот за сеизмологија потрошил 57 илјади евра за набавка на два автомобила.

Во октомври Електрани на Северна Македонија купила со одложено плаќање теренски возила за РЕК Битола во вредност од 633 илјади евра од фирмата Каргомакс, Миладиновци -Илинден. ЕСМ набавила пет камиони од марката Ивеко Еурокарго по просечна цена од 126 илјади евра, а во оваа цена спаѓа и сервис за одржување со оригилнални резеврвни делови. Само камионот произведен во јуни годинава во Германија може да се купи за 92 илјади евра.

Фондот за здравствено осигурување во мај годинава купил 2 патнички возила во вредност од 70 илјади евра од МИ-ДА Гранд Моторс. Станува збор за две возила Форд Мондео Титаниум кои спаѓаат во класата на лимузина седан. Потпис на набавката на еден бел и еден син Форд Мондео со целосна опрема ја ставиле двајцата директори на ФЗО Стево Начевски и Фатон Ахмети. Цената во салон за овие возила со моќност од 190 коњски сили се движи од 36 до 39 илјади евра во зависноста од опремата. Слична лимузина си купила и државна лотарија. Од двете возила со кои се подновила годинава во вредност од 38 илјади евра, едното е Шкода Октавија Амбион 2.0 ТДИ чија вредност изнесува 28 илјади евра.

Основното училиште „Кочо Рацин“ во Кратово јули годинава купило возило за транспорт на ученици во вредност од 62 илјди евра од ЕУРОИМЕКС . Во договорот за склучената набавка нема детали за моделот и спецификациите на возилото.

Неколку институции годинава купиле автомобили од средна класа

Годинава Водовод Кочани купиле нов пикап вреден 23 илјади евра. А со по две коли од средна класа го подновиле возниот парк битолскиот и охридскиот Центар за јавно здравје. Битолскиот Центар купил 2 коли Фиат Панда од вкупно 20 илјади евра, додека охридскиот Центар за јавно здравје годинава купил 2 коли марка Дачиа Дастер за 19 илјади евра.

АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост склучиле договор со Аутомакедонија во вредност од 52 илјади евра за вкупно 4 возила, и тоа една Опел Астра и три Опел Корси со што просечна процената вредност на една кола чини 13 илјади евра. Јавното обвинителство потрошило 35 илјади евра за две возила Дачиа Дастер.

Државниот земјоделски инспекторат годинава потрошил 53 илјади евра за 4 нови автомобили од марката Фиат Типо. Скопското јавно претпријатие Градски Паркинг годинава си купил две возила во вредност од 43 илјади евра од Делуск ауто трејд Куманово. Станува збор за возила Шкода Скала Амбтион која според договорот има моќност од 150 коњски сили. Јавното претпријатие „Паркинзи “ на скопкста општина Центар годинава купиле 3 возила од вкупна вредност од 32 илјади евра.

Државни институции годинава изнајмиле над 50 возила

Владината служба за јавни и заеднички работи изнајми возила во вредност од 1,7 милиони евра во јули годинава со Порше Лизинг. Станува збор за 45 возила во кои владини претставници и дипломати ќе се водат до јули 2024 година. Тоа значи дека просечната вредноста на едно изнајмено возило изнесува 39 илјади евра. Со договорот е предвидено изнајмување на моделот Skoda Superb Ambition 2.0 TDI, возило кое сега во салон може да го купите со основна сериска опрема во вредност од 31 илјада евра, што е за 8 илјади евра помалку од изнајмувањето во кое влегуваат и дополнителни трошоци како каско осигурување и регистрација. Тие трошоци за едно возила се најмалку илјада евра годишно. Па основната пресметка би покажала дека Службата за општи и заеднички работи платила најмалку 300 илјади евра повеќе за изнајмувањето, отколку што би платила за купување од салон на автомобилите.

Според договорот кој го потпишала фирмата со владината служба, доколку во период од 36 месеци се надмине ограничената километража од 120 илјади километри, за секој километр плус на секое од 45-те возила владината служба е должна да плати речиси 8 денари.

Во октомври министерството за внатрешни работи изнајмило возила во вредност од 77 илјади евра од АБЦ- Рент а кар на три години. Станува збор за осум возила кои нема да бидат постари од пет години и ќе му бидат достапни на МВР по потреба.

Наместо службени возила на лизниг двата милиони евра требаше да се наменат за возила кои што ќе се користеа за спасување на човечки животи, изјавија летово од Центарот за граѓански комуникации. Според нив, низ годините наназад постојано се апелира на рационално трошење на државните пари, но ниту една влада досега немала слух да го промени начинот во набавките на службени возила.

Според минатогодишната анализа на Центарот за граѓански комуникации, невладина организација која ги следи јавните набавки, за помалку од три години нови автомобили набавиле 132 државни институции за вкупна сума од 8 милиони и 130 илјади евра.

Од друга страна, земјава располага со 220 противпожарни возила и 183 амбулантни возила. 70 отсто од противпожарните возила се од минатиот век и имаат старост од 29 до 30 години. Анализата ги опфаќа само патничките возила, а не и комерцијалните, односно товарните, транспортните и техничките возила.

По најавата на АЕК за набавка на нови возила во вредност од 200 илјади евра, на социјалните мрежи граѓани со потсмев коментираат дека во време на криза народот треба да се извини што ќе купат само 7 наместо 70 нови возила.

Според дата базата на податоци на Центарот за граѓански комуникации од собрани податоци за возниот парк до 2018 година се гледа дека централната и локалната власт најмногу возат Шкоди, Фолксваген и Форд. Сепак, сите пет најскапи возила се Мерцедеси купени од министерствата за внатрешни работи (572.780 евра), за надворешни работи (81.301 евра) и за финансии (76.768 евра), како и општините Свети Николе (77.839 евра) и Кавадарци (70.075 евра).

Просечна цена на купените патнички возила е 16.690 евра кај Владата и 15.051 евра кај општините. Просечна старост на возилата е 12,5 години. Најмлад возен парк имаат министерствата за локална самоуправа и за животна средина, во просек по 8,5 години, додека најстари возила имаат министерствата за правда и за информатичко општество, просечно по 16 години.

Во однос на бројот на возила спрема бројот на вработени, произлегува дека најмалку возила по вработен има Општина Дебар, а најмногу Општина Арачиново. Во Дебар, едно возило опслужува 61 вработен, а во Арачиново само 2 вработени.

„Загрижува фактот дека од 2645 автомобили, дури за 637, односно за секој четврти автомобил, институциите немаат или не доставуваат податок за набавната вредност. Така, Службата за општи и заеднички работи на Владата, на пример, не достави податоци за вредноста на ниту едно од 113-те патнички возила кои ги поседува, меѓу кои се наоѓаат и 40-те Пасати за потребите на Владата, а според податоците од Електронскиот систем за јавни набавки, секој еден чини по 40.237 евра“, се вели во анализата на Центарот за граѓански комуникации.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG