Достапни линкови

Отворени прашања за случајот Кичеец


Зоран Милески Кичеец, судење за Рекет
Зоран Милески Кичеец, судење за Рекет

Многу прашања остануваат неодговорени по сообраќајната несреќа која се случи викендов на Стража, а во неа учествуваше осудениот Зоран Милески Кичеец. Едно од нив е обвинувањето за припадник на АНБ кој бил во близина на несреќата. Второто прашање е како Милески се шета слободно низ Македонија.

Сообраќајната несреќа кај Стража во која загина еден човек, а учествувал осудениот Зоран Милески Кичеец отвора многу прашања за тоа како може осуденик да се шета низ Македонија и дали се точни обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека на местото на несреќата дошле двајца припадници на АНБ за што се уште нема официјален одговор од службата.

Денеска се огласија премиерот Зоран Заев и министерот за правда Бојан Маричиќ. Тие изјавија дека ова не е ниту прв ниту последен, затвореник да користи погодности врз база на оправдана медицинска документација и да добие прекин на отслужување на казна затвор.

„Разговарав со директорот на Управата за извршување на санкции, и ме информираше дека тој имал целосна документација за лекување. Тоа е право на секој затвореник, како што има право на годишен одмор, има право на викенд, така има право на лекување. За деталите ве упатувам на Управата за извршување на санкции. Не знам зошто се упатил кон Скопје, можеби поради лекарска помош, треба да прашате во Управата“, изјави Заев.

Како што е познато Зоран Милески призна вина за примање награда за против законито влијание во случајот „Рекет“, во кој се осудени и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски познат како Боки 13 кој беше неформален сопственик на 1ТВ. Милески за ова дело спогодбено доби најниската затворска казна од три години затвор. Случајот Рекет се однесуваше на злоупотреба на влијание и изнуда и перење пари.

Милески добил 30 дневен прекин на издржување на казната поради лекување. Но, останува нејасно за чие лекување станува збор.

Директорот на затворот во Струга Ваљон Ќуља за МИА изјави дека осудениот Зоран Милески Кичеец, на негово барање, добил прекин на казната од 11 август до 11 септември поради болест на неговата мајка.

Според Управата за извршување на санкции, пак, Милески добил 30-дневен прекин на издржувањето на затворската казна поради повеќедневни лекарски испитување.

Милески на 6 и на 9 август бил на специјалистички прегледи во болницата за кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ во Охрид, а дијагнозата за која специјалистот навел дека е потребно да се продолжат медицински иследувања е „Суправентрикуларна тахикардија“. Милески треба да направи низа медицински испитувања и затоа му е даден 30-дневен прекин на издржувањето на казната, наведува Управата за извршување санкции.

Според законот за извршување на санкции, установите од отворен вид немаат физичко и материјално обезбедување.

„Организацијата на животот и работата на осудените лица во овие установи се засновува врз самодисциплина и лична одговорност, а контрола врз нивното движење и работа вршат воспитувачи и инструктори. Во установите од отворен вид може да се организира затворска полиција заради обезбедување на објектот“ се вели во законот.

Во законот е наведено, осудените лица со третман во отворено одделение можат да работат и надвор од установата. Таквата одлука за вработување односно работење, под услов на фирмата да и е неопходен работникот кој е осуден и треба да одлежи казна затвор може да донесе надлежниот судија за извршување на казни според местото на живеалиштето на осуденикот. Милески во текот на судскиот процес го смени живеалиштето и во личната карта се води дека живее во Охрид.

Според полицискиот билтен, Милески управувал со „ Мерцедес“ и со него се возеле двајца српски државјани кои поминале со тешки телесни повреди. Во меѓувреме од опозицијата обвинуваат дека на местото на несреќата биле забележани и вработени разузнавачи од Агенцијата за национална безбедност.

„На местото на настанот биле видени и лица дел од шестата управа, цел ден се вршат притисоци врз лица кои биле сведоци на настанот и врз медиуми да не изнесуваат информации за сообраќајката. Власта треба да и одговори на јавноста зошто Кичеец е пуштен на слобода и што бараат лица вработени во АНБ на лице место на настанот“, изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, на прес-конференција во партиското седиште.

Во АНБ ни одговорија дека по извршените проверки е утврдено дека „еден вработен во Агенцијата за национална безбедност со свое приватно возило се затекнал во колоната возила предизвикана од сообраќајната несреќа. Обвинувањата за негово наводно учество во сообраќајната несреќа и наводен притисок врз сведоците се целосно невистинити“, велат во Агенцијата.

Зоран Милески призна вина за случајот „Рекет“, во кој се осудени и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски познат како Боки 13 кој беше неформален сопственик на 1ТВ. Милески за ова дело спогодбено доби најниската затворска казна од три години затвор. Тој во декември 2019 година го призна делото за случајот „Рекет“ – примање награда за противзаконито влијание, а на 26 октомври 2020 влезе во Казнено поправниот дом (КПД) Струга за отслужување на правосилната пресуда и затворска казна од три години.

Во сообраќајната несреќа викендов загина едно лице. Станува збор за гостиварец кој бил сопатник во товарното возило. Седум лица се повредени, од кои четири потешко и се пренесени на Клиничкиот Центар во Скопје. Меѓу повредените е и Милески.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG