Достапни линкови

УЈП им се закани на неплаќачите на плата дека „ќе им ги повреди чувствата“


Илустрација

Фирми зеле помош од државата да исплатат плата за време на пандемијата, но работниците не виделе денар од нив. Веројатно субвенционирале купување некаков џип. УЈП се закани со остри мерки – ќе ги објави имињата на тие фирми.

Газди на фирми зеле државна помош за исплата на плати, ама вработените не ги виделе тие пари. Некои не добиле ич, а некои добиле помалку од минимална плата. Државата на околу 20 илјади фирми им дала помош за исплата на минимална плата за над 100 илјади вработени за месеците април, мај и јуни. Фирмите зеле околу 79 милиони евра, но околу два милиони евра од нив не стигнале кај вработените. Околу 1700 работници во време на пандемијата не добиле ќорав денар, а околу 52 илјади вработени добиле намалени минимални плати, иако фирмите од државата добиле по 14500 денари по вработен.

Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска, апелира до овие фирми да им ги исплатат платите на вработените, во спротивно јавно ќе ги објави.

Граѓаните на социјалните мрежи зачудено прашуваат зарем за тоа нема кривична одговорност, туку демек сега газдите ќе се посрамат. Немојте толку остро, ќе ги истрауматизирате.

Дел од коментаторите се шегуваат дека УЈП во стилот на популарните К-15 им се закани на фирмите што не им исплатиле плата на работниците.

УЈП соопшти дека доколу работодавачите не извршат исплата на платите во определениот рок, ќе следи постапка на присилна наплата на платата, глоба за неплаќање придонеси, а работодавачот ќе биде задолжен да ги врати парите со со камата. Синдикати и граѓански здруженија побараа да има и кривична одговорност за измама.

Дел од луѓето велат дека место обвинителството да си ја работи работата, УЈП апелира како да е странска амбасада, а не дел од извршната власт.

Граѓанин да не плати сметка, после нема да може да се откачи од извршители кои ќе го исцедат до последна капка, но кога се работи за фирми, прво се апелира.

Други, пак, велат дека било очекувано ова да се случи и оти помошта требало да им биде дадена директно на работниците, а не на фирмите.

Некои пак посочуваат дека се работи за мали семејни фирми и луѓето не си исплатиле помош сами на себе, па не треба да се прави драма. Во објавата гледаат друга заднина.

Владата одобри околу половина милијарда евра за помош за справување со економските последици од коронавирусот. Дел од средствата беа за одржување на ликвидноста на компаниите, како помош за исплата на плата за да се зачуваат работните места.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG