Достапни линкови

Синдикати: Објавете кои фирми не дале плати од државната помош


Илустрација

Синдикалните организации во државата ги осудија сите работодавачи кои примиле финансиска поддршка од државата, а не ја исполниле обврската за исплата на плати на своите вработени. Тие бараат Владата јавно да ги објави фирмите кои ја користеле државната финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите вработени.

„Целта на државната финансиска поддршка утврдена со владината уредба за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19 беше да се зачуваат работните места на работниците, а не работодавачите незаконски да профитираат на грбот на работниците за време најголемата здравствена, социјална и финансиска криза со која се соочуваме. Сметаме дека ваквото однесување на работодавачите е недозволиво, неправедно, незаконско и нехумано“, велат синдикатите во заедничко соопштение.

Претходно ССМ побара и затворски казни за неисплата на субвенционираните плати на работниците.

Вчера УЈП информираше дека работодавачи од Скопје, Тетово, Гостивар, Струга…, ја зеле фиансиската поддршка од државата за плата на вработените, но не им ја исплатиле на работниците. Тоа го покажала анализата на Управата за јавни приходи, институција преку која се спроведуваше оваа мерка за поддршка од последиците од корона-кризата, а со цел да се задржат работните места.

Според директорката на УЈП, Сања Лукаревска, станува збор за над 13 милиони денари субвенционирани плати кои ги земале над 700 фирми, но не им ги исплатиле на работниците. Со тоа биле оштетени речиси 1000 работници.

XS
SM
MD
LG