Достапни линкови

Работните места „висат“ без владина помош


Луѓе со заштитни маски во Скопје поради пандемијата со Ковид-19

Без владина помош за исплата на плати и за следните месеци нема да може да се одржат работните места. Следната помош треба да биде насочена кон конкретни сектори коишто имаат проблеми. Речиси секоја трета фирма побарала помош од државата за да ја преброди кризата предизвикана од коронавирусот.

Државата и следните месеци треба да продолжи со поддршка на компаниите за да може да се задржат работните места, порачуваат работодавачите. Помошта треба да биде насочена кон оние кои имаат најголеми проблеми, а треба да се поработи и на даночната политика и на борбата со сивата економија.

Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата вели дека е потребна сигурна стратегија за тоа како ќе продолжи да функционира економијата во време на пандемија, како ќе се работи, како ќе се инвестира, како ќе се живее, во ова, како што вели, ковид секојдневие.

„Како добро утро за новата влада препорачуваме дека треба да продолжи со сетот мерки за поддршка на вработените за јули, август и септември, за да може да ги одржиме работните места и тоа ќе биде една од подобрите варијанти, за да може да продолжи оваа мирна социјална состојба. Говорам мирна, бидејќи луѓето во паника, кога немаат примања и кога немаат работа, тогаш веќе почнуваат тотално да си го нарушуваат својат професионален и личен метаболизам“, вели Бошков.

Една од ретките светли точки, вели Бoшков, е тоа што ЕУ направи план за ревитализирање и за поддршка на економијата и на граѓанските општества, а и ние како земја кандидат може да се офајдиме од тоа. Лидерите на ЕУ по неколкудневни преговори се договорија за заеднички седумгодишен буџет во висина од 1.074,3 милијарди евра и пакет економска помош за справување со последиците од коронавирусот вреден 750 милијарди евра. Половина од оваа помош е во кредити, а половина неповратна помош или грантови на земјите-членки. Договорот предвидува и распределба на средствата од буџетот по области, меѓу кои е предвиден и за соседство и свет, на кои пари може да се надева и Македонија, како земја која е во процес на евроинтеграции и тоа преку инструментот за претпристапна помош – ИПА во периодот до 2027 година на земјите кандидатки ќе им бидат на располагање 12,5 милијарди евра.

Што се однесува до македонските компании, мора да се редефинира даночната политика и мора да се зголеми контролата на работењето, да се види кој работи легално, а кон не и кој колку придонесува или пак одмага на целата состојба, вели Бошков. Претставници од угостителската и туристичката дејност, на средба со вицепремиерката Мила Царовска и владиниот економски тим, пред некој ден доставија барање за продолжување на поддршката и во наредниот период, соопшти Владата.

Владата обезбеди 555 милиони евра за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19. Дел од средствата беа за одржување на ликвидноста на компаниите. Мерките предвидуваат помош за фирмите да исплатат плата и бескаматни кредити за компаниите. Повеќе од 22 илјади компании со 122 илјади вработени добија владина помош за исплата на минимална плата за месеците април, мај и јуни за да не отпуштаат вработени и да ги зачуваат работните места. Во земјава, според последните податоци на Заовод за статистика има скоро 76 илјади активни фирми, што значи дека речиси секоја трета фирма бара помош за да ја преброди кризата.

Дрилон Исени од Стопанската комора на северозападна Македонија вели дека владините мерки за помош на стопанството во иднина не треба да бидат толку општи, туку да бидат насочени за конкретни сектори коишто имаат проблем, вели тој.

„Владината помош за фирмите за исплаќање минимална плата треба да продолжи и во јули и август“, вели Исени.

Претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, во интервју на Радио Слободна Европа изјави дека според нивните податоци со ликвидноста се борат околу 65 проценти од компаниите. Околу 81 проценти од компаниите не можат да се адаптираат на овие нови услови, а над 99 проценти од анкетираните истакнале дека се судираат со проблеми, односно дека се афектуирани од 80 до 100 проценти со намалување на приходите од почетокот на оваа криза.

„Сметаме дека сега неодложно треба да им се помогне на претприемачите да го издржат овој период, а веруваме дека тие ќе знаат позитивно да вратат по завршување на кризата. Треба да им се помогне со финансиска поддршка и помош, тоа е наједноставниот и најбрзиот начин како во овој момент да ја пребродат оваа состојба со пресметување најмали можни загуби“, вели таа.

Економистите очекуваат граѓаните да ги почувствуваат вистинските економски последици од корона-кризата наесен.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG