Достапни линкови

Најавен трет сет мерки, нејасни ефектите од првите два


Илустрација: Работничка во текстилна фабрика

Здруженијата за заштита на работничките права сметаат дека кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус се прекршува на грбот на работниците. Малите и средни претпријатија се жалат дека досегашните мерки не се во согласност со нивните потреби.

Владата оваа недела треба да го донесе третиот сет економски мерки за справување со последиците од пандемијата на коронавирус, додека сè уште не се јасни ефектите од првите два сета.

Владата соопшти дека досега, само за исплата на минимална плата од 14.500 денари за април, е одобрена владина помош од 28 милиони евра за над 21 илјада компании со кои се опфатени платите на над 126 илјади вработени.

Стопанството дише „на шкрги“, секоја трета фирма бара помош

Освен тоа, со досегашните мерки беше предвидена помош од половина плата за месеците април и мај за оние кои останале без работа поради коронакризата, по 7000 илјади денари за оние кои работат во неформалниот сектор, бескаматни кредити за погодените фирми и одложување на кредитите за фирмите и граѓаните. Досегашниот пакет мерки за помош на стопанството беше предвиден во вредност од 200 милиони евра.

Кристина Ампева од здружението Гласен текстилец вели дека целиот товар за справување со кризата падна на грбот на работниците.

„Освен доцнење на плата, колективни откази, коишто добар дел се незаконски, имаме исплати од по 1000 денари на вработени кои биле опфатени со времените мерки на владата. Тие не останале дома зашто така сакале, туку биле хронично болни, бремени, мајки на деца до 10 години. Веќе има над 20-30 фирми само во Штип кои на тие вработени им плаќаат по 1000, 4000, 6000 или 9000 денари плата, а од друга страна земаат помош од државата“, вели Ампева.

Претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, вели дека најголем дел од малите и средни претпријатија, кои ги застапува комората, сметаат дека првите два сета мерки не се во согласност со нивните потреби и нема да ги исполнат нивните потреби за надминување на кризата. Најголемата владина помош досега ја добија и најголемите компании, меѓу другото затоа што помалите немаат доволно капацитети соодветно да аплицираат, вели таа.

„Микро, малите и средни претпријатија, кои практично сочинуваат над 99 проценти од регистрираните компании во Македонија и се столбот на македонската економија, немаат човечки ресурси и човечки капацитети за да можат да се адаптираат на ова што се случува во моментов. Значи, тоа се пресликува и на тоа дека имале големи проблеми да аплицираат и имале големи проблеми да бидат корисници на оваа помош, од аспект на тоа што биле одбивани поради некои технички недоследности“, вели Арсовска.

Битиќи: „Викенд без ДДВ“ значи поголем поврат на данокот

Меѓу фирмите кои досега добиле владина помош за справување со кризата има компании на доскорешни владини функционери, приватни болници, обложувалници, казина, странски инвеститори, приватни училишта и универзитети, медиуми, винарски визби, текстилни фабрики, дури и религиски заедници, објави телевизија Телма пред неколку дена. Па така, помош од над 100 илјади евра за исплата на минимална плата за вработените добила фирмата Брако на доскорешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, болницата Систина на бизнисменот Орце Камчев, обложувалниците, а помош добила и Исламската заедница – Муфтивство Прилеп од 32 илјади евра. Најголема помош од државата добила фирмата Кромберг и Шуберт од 1,2 милиони евра.

Третиот сет економски мерки треба да тежи околу 355 милиони евра. Тој предвидува ваучери за туризам од 6000 денари и платежни картички од 3000 денари за оние со плата пониска од 15 илјади денари, помош за ученици и студенти, ваучери за плаќање ИТ обуки, викенд без ДДВ за купување облека, мебел, бела техника, санитарии, книги и школски прибор, бескаматни кредити за иновативност и зголемување на конкурентноста на македонските компании, како и помош за зголемена конкурентност на земјоделството.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG