Достапни линкови

Напумпани капитални инвестиции тешко се реализираат


Архивска фотографија: Изграба на гасовод

Ако продолжат со ова темпо, за целосна реализација на капиталните инвестиции, годинава ќе треба да има 28 месеци. До август била реализирана помалку од една третина од планираното.

При носењето на буџетот владата ги „пумпа“ капиталните инвестиции од политички причини, за да го прикаже како развоен, иако е свесна дека нема шанси да ги реализира, велат економските аналитичари. На крајот на годината, владата обично ги пренаменува тие пари за други потреби.

Во буџетот за годинава беа предвидени 422 милиони евра за капитални инвестиции, но заклучно со август биле реализирани само 119 милиони евра, односно 28,16 отсто од предвиденото. Тоа значи дека ако продолжат со ова темпо, за целосна реализација на капиталните инвестиции годината ќе треба да има 28 месеци.

Со ребалансот, капиталните инвестиции беа скратени на 368 милиони евра, но и со кратењето, стапката на реализација би се качила на 32 отсто. Дури и така, следејќи ја сегашната динамика, за да се реализираат би биле потребни уште 17 месеци.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека владата е свесна дека не може да реализира толку капитални инвестиции, туку само ја замајува јавноста.

„Во тоа време интересно е да се фалат дека буџетот е развоен и мислат така да ја замајуваат јавноста, а јавноста заборава и вчера што кажале министрите. На крај, со ребалансите секоја година тие пари повторно се наменуваат за покривање на тековни расходи во буџетот. Тогаш е интересно да се каже дека буџетот е развоен, знаат дека нема да се оствари и тие пари ќе им служат да ги пренаменат со ребалансот и пак да речат еве ние даваме за образование, даваме за плати итн“, вели Хајредини.

Поранешниот министер за финансии Петар Гошев вели дека проблем има и во планирањето и во традиционалната неефикасност на администрацијата.

Поради слабата реализација, владата со ребалансот ги скрати капиталните инвестиции, а ги зголеми очекувањата за економски раст од 3,2 на 3,5 отсто. Гошев вели дека тоа не се коси едно со друго, зашто слабата реализација влијае на идниот економскиот раст.

„Капитални инвестиции коишто се од подолгорочно значење влијаат на потенцијалниот раст. Сегашните пропусти се манифестираат во негативен резултат во идните периоди. Ако парите се преместат од капитални трошоци во некоја конкретна, друга, брза потрошувачка, тоане мора да влијае на намалување на растот на БДП-то, напротив, дури може и побрзо да се ефектуира, но повторувам, тука настанува процес на осакатување на потенцијалниот економски раст, на оној што би следел во наредниот период“, вели Гошев.

Полоша од оваа година во реализација на капиталните инвестиции во изминатата деценија била само претходната, кога на крајот се реализираа 65,6 отсто од предвидените капитални инвестиции. Ако се погледне планираното на почетокот на годината, односно пред ребалансот, тогаш реализацијата e само 50 проценти.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG