Достапни линкови

За избори лесно до договор, за реформи никако


Лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, по одлуката на ЕУ да не и даде на Македонија датум за почеток на преговори.
Лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, по одлуката на ЕУ да не и даде на Македонија датум за почеток на преговори.

Лидерите многу полесно и побрзо се договараат кога се во прашање нивните партиски интереси, отколку кога се во прашање реформите потребни за напредокот на државата, коментираат аналитичарите ден откако политичарите за неколку часа договорија предвремени избори.

Лидерите лесно се договорија за избори, а тешко се договараат за реформи. Ваков е впечатокот во дел од јавноста откако политичарите седум месеци преговараа за некои реформски закони, како на пример Законот за јавно обвинителство, а сега за четири часа договорија предвремени парламентарни избори на 12 април.

Како и досега, политичкиот прагматизам на партиите превагнува над стратегиските интереси, коментира Марко Трошановски од Институтот за демократија.

„Годините наназад ова ни се удри врз глава многу пати и целата дисфукнционалност на нашиот систем која што ја креиравме се должи токму на тоа, на калкулантските дневнопартиски интереси кои преовладуваат во политиката во Македонија“, вели Трошановски.

Кога се договараат за реформи, политичарите тргнуваат со меѓусебни обвинувања, пресметуваат кој ќе профитира, а кој ќе изгуби од одреден чекор и договарањето во такви ситуации затоа им оди тешко, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

„Договарањето за предвремени избори пак го става на прво место партискиот интерес, а кога е тоа во прашање секој си ги прави своите калкулации и врз основа на тоа и брзо се договараат. Во овој момент сите мислат дека се во кондиција да имаат добри резултати на изборите и затоа целиот овој процес брзо и го договорија“, вели Муслиу.

Во април, за кога се договорени изборите, земјава најверојатно ќе биде членка на НАТО, а самитот на ЕУ на кој ќе треба повторно да се зборува за евроинтеграциите на Скопје и Тирана, е во мај, еден месец по завршувањето на изборите.

Изборната кампања ќе влијае и на впечатокот на земјите членки на унијата, за која лидерите кај претседателот Стево Пендаровски потврдија дека останува стратегиски приоритет. Но, Трошановски вели дека покрај тоа што ставот на францускиот претседател Емануел Макрон, кој го доведе во прашање и воопшто зачленувањето на Македонија и Албанија во ЕУ, е „историска грешка“, тој треба да биде и „историска пресвртница“.

„Оваа детска игнорантност која партиите ја имаат кон новонастаната реалност покажува колку се сè уште неспособни како политички организации да развијат сценарија и алтернативи на членството кое што очигледно во догледен период нема да се случи“, вели Трошановски.

Инаку, партиите не запнаа само околу законот со кој требаше да се осигура иднината на Специјалното јавно обвинителство. На пример со месеци нема директор и заменик директор на Заводот за ревизија, клучна иниституција за контрола на трошењето на државните пари, а не фукнционираат поради немање меѓупартиски договор за раководни лица или состав и дирекцијата за заштита на личните податоци, Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, а не е избран ниту нов програмски совет на Македонската радио телевизија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG