Достапни линкови

Русија и Кина на Балканот – интереси без сојуз


Зошто Русија и Кина не соработуваат на Балканот?
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:48 0:00

Зошто Русија и Кина не соработуваат на Балканот?

Ако НАТО, САД и ЕУ, кои се изјаснија дека го помагаат евроатланстскиот пат на западно-определениот Балкан, настапуваат сојузнички, тогаш зошто Кина и Русија, кои, како што вели Остин Долер од Центарот за европски политички анализи, иако имаат заеднички интереси, не влезат во сојуз?

Во годините на назад Западен Балкан се карактеризира со ривалски странски сили кои се борат за влијание. САД и ЕУ покажаа обновен интерес за регионот, а и најголемиот дел од Балканот е прозападно определен. Според Остин Долер, експерт за балкански евроинтеграции во Центарот за европски политички анализи, тука е и Русија која историски има големо влијание, но и Кина која во последниве години се појави како значаен играч. НАТО и ЕУ се изјаснија дека, согласно евроатлантската определба на Северна Македонија, Црна Гора, Косово..., не се мешаат во одлуките на државите, туку ги помагаат нивните реформи на патот кој самите го одбрале. Русија и Кина, пак, се чини дека имаат заемни интереси за Западен Балкан, вели Долер, и во својата најнова анализа го обработува прашањето: Зошто тогаш Пекинг и Москва не соработуваат во Западен Балкан? Според него, за отсуството на директна соработка постојат три главни причини.

Нерамноправно партнерство, различни интереси и имиџ

„Првата причина зошто Кина и Русија не работат заедно е тоа што Москва не сака да влезе во партнерство во кое би била послаб партнер. Ако кинеските инвестиции во Западен Балкан продолжат да се зголемуваат, тогаш тие би можеле да ја истиснат Русија. Русија знае дека има послаба економија од кинеската и затоа си има своја агенда“, анализира Долер.

Втората причина се различните интереси, иако, како што се вели во анализата - „нивна заедничка желба е да ја поткопаат либералната демократија“.

„Најважната компонента на Русија е спречување на што повеќе земји од регионот да влезат во НАТО. Знаеме што направи Русија во Црна Гора за да ја спречи да влезе во НАТО и што направи за да го спречи Договорот за името меѓу Северна Македонија и Грција“, објаснува Долер и додава дека кинеските интереси во регионот се претежно економски, што се гледа и од фактот дека регионот е дел од кинеската иницијатива „Појас и пат“, што пак, не значи дека Пекинг нема геополитички интереси во регионот.

Кинеската способност да се промовира како „неутрален“ актер без историски багаж е третата причина за несоработка на Москва и Пекинг.

„Додека Русија и Турција се натпреваруваат во Западен Балкан ги проширија етничките и културните поделби меѓу православните христијани во регионот и муслиманите. Кина не би го жртвувала својот имиџ на неутралност со партнерство со Русија“, вели Долер.

Не работат заедно, ама си помагаат

И според софискиот политиколог Евгени Колев, кој работи на студиско истражување на економско-политичките релации на Истокот на Балканот, нема соработка на Кина и Русија со крајна цел заедничка акција на Балканот, но дека тоа не може да се гарантира и за во иднина.

„Во евроинтеграциска статус кво ситуација на Балканот, засебните интереси на Москва и Пекинг можат да се поклопат. Ќе го потенцирам тоа што беше кажано и на последната Минхенска безбедносна конференција, а тоа е дека нивната стратегија се карактеризира со поткрепа на автортарни режими и поткопување на владеењето на правото. Тоа може да се користи и за економски и за политички цели во една таква статус кво ситуација на релација Балкан - ЕУ“, вели Колев.

Тој е на иста линија со заклучоците од последната Минхенска безбедносна конференција и го цитира нотираното во Минхен дека „кинеските проекти нужно не се вклопуваат во ЕУ стандардите за транспарентност и дека економското ширење на Кина е ризик за регионот, особено поради кредитите, бидејќи најголемиот дел од инвестициите на Пекинг во Западен Балкан се во форма на заеми“.

Сепак, дури и без да работат заедно, Кина и Русија меѓусебно си ги зајакнуваат интересите. Како пример за тоа Долер вели дека „помоќната Кина помага да се оствари визијата на Русија за мултиполарен глобален поредок, а и двете го блокираат признавањето на косовската независност“. Суштинската кинеско-руска соработка, вели Долер, би ги загрозила интересите на Западот во Западен Балкан, но таквата соработка е малку веројатна.

XS
SM
MD
LG