Достапни линкови

Источен триаголник за Западен Балкан


Можен ли е Бермудски политички триаголник за Балканот
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:39 0:00

Можен ли е Бермудски политички триаголник за Балканот

Формално, нема официјален сојуз на Москва, Анкара и Пекинг на Балканот, но по европското НЕ за Македонија и Албанија, реални се шансите тие да направат бермудски политички триаголник за Западен Балкан, а имаат и начин да го сторат тоа, предупредуваат експертите.

Дека по недоделувањето датум за почеток на преговори на Македонија и на Албанија, се отвораат врати за источните сили Русија, Турција и Кина да го освојат западно-ориентираниот регион е веќе отворена тема. Тоа е нешто што го слушаме и пред и по последниот ЕУ самит и нешто што го објаснија повеќе експерти. Според нив, Москва, Анкара и Пекинг, иако јавно не играат заедно на Балканот, тие, секој од аспект на своите интереси, претставува посебна точка на некаков политички бермудски триаголник кој без план може да се „исцрта“ над Македонија, Албанија, Црна Гора, БиХ, Косово...

Оттаму, се наметнува прашањето, дали бројните анализи не останаа покуси за еден одговор – Како таа неформална коалиција би го ставила Западен Балкан во политички бермудски триаголник?

Точка 1 од триаголникот - Чуварот на традицијата против развратниот Запад

Првата точка во тој триаголник е Кремљ. Според швајцарскиот весник „Ноје цирхер цајтунг“ Русија е популарна пред се помеѓу православните граѓани и се претставува како „чувар на конзервативните вредности и е противтежа на декадентниот Запад“.

„Москва се бори против јакнење на западното влијание во тој регион, посебно влијанието на НАТО. При тоа таа одлично умее да ги инструментализира историските црти на раздвојување и латентна нестабилност во регионот“, се вели во најновата анализа на швајцарскиот весник за геостратешките позиции на Балканот по европското НЕ за Македонија и за Албанија. Токму тие два моменти ќе бидат искористени од Кремљ.

Руската професорката Екатерина Ентина од Националниот истражувачки универзитет „Висока школа за економија“ и виш научен соработник во Институтот за Европа на Руската академија на науките не се сложува дека Москва сака конфликти на Балканот, но дека нема намера да го намали своето присуство во регионот.

„Фактички присуствуваме во сферата на економијата, на културата, некаде на политичка интеракција со одделни земји, со одделни групи на сили. Ова не дозволува Русија да исчезне како таква од овој регион“, вели Ентина.

Точка 2 од триаголникот - Анкара игра на картата на муслиманите и се куражи од пријателството со Путин

Додека Русија влогот го става на својата популарност меѓу добар дел од православните верници, Турција, како втора точка од балканскиот бермудски триаголник, игра на картата на муслиманите.

„Русија е поврзана со православните, а Турција е поврзана со муслиманите. Анкара во одредена смисла ги извезува своите поимања за правна држава и се повеќе бара помош во прогонот на противниците на нејзината влада“, пишува „Ноје цирхер цајтунг“.

Тврдењата за турските обиди за влијание на Балканот ги дели и американскиот професор по меѓународни односи Алон бен Меир.

„Окуражена од се посилното пријателство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со неговиот руски колега Владимир Путин, но и од милијардите што ги троши во регионот, Анкара стана силен политички играч на Балканот“, вели професорот Меир.

Точка 3 од триаголникот - Адутот на Пекинг е поткопување на правната држава?

Третата точка од триаголникот е Пекинг, кој во анализата на „Ноје цирхер цајтунг“ директно е обвинет за корупција и дека неговата акција на Балканот се темели на „поткопување на стандардите на правната држава“.

„Големите проекти што ги финансира Кина, а до кои често се доаѓа со помош на корупција, имаат потенцијал да ги поткопаат стандардите на правната држава“, анализира весникот.

Дел од ова беше нотирано и на последната Минхенска безбедносна конференција.

„Кинеските проекти нужно не се вклопуваат во ЕУ стандардите за одржливост или транспарентност. Економското ширење на Кина претставува ризик за регионот, особено поради кредитите, бидејќи најголемиот дел од инвестициите на Пекинг во Западен Балкан се во форма на заеми“, заклучија учесниците на безбедносната конференција.

Има или нема сојуз на триаголникот Русија – Турција – Кина?

„Ноје цирхер цајтунг“, на крајот сепак, оценува дека Москва, Анкара и Пекинг не дејствуваат сложно, туку имаат различни интереси на Балканот. Но, за некои експерти тоа не значи дека тие не можат да формираат триаголник од интереси, па да ги усогласат своите дејства на Балканот против ширењето на западните сили.

Еден од тие експерти е и руската професорка Ентина, која за триаголникот Москва – Пекинг – Анкара говореше кога Македонија организираше референдум за името, што беше и своевидна потврда за руските интереси на Балканот, наспроти неговата западна определба.

„Имајќи предвид дека нашата соработка со Турција и Кина се засилува, тогаш во секој момент земјите од Балканот можат да станат и најверојатно ќе станат зона на интеракција во триаголникот Русија-Кина-Турција. Ова во голема мера ги зајакнува нашите позиции во споредба со оние на нашите евроатлантски партнери“, рече тогаш Ентина.

XS
SM
MD
LG