Достапни линкови

Развојот на туризмот на Попова Шапка сè уште во фаза на најави


Реконструкција на патот од Тетово до Попова Шапка

Попова Шапка има огромни потенцијали за развој на туризмот, но има и големи проблеми со инфраструктурата. Во тек е рехабилитацијата на патот од Тетово до Попова Шапка каде се поставува нов асфалт во должина од 18 километри.

Реализација на државен инвестициски план за развој, но и евентуална продажба на странски концесионер, се темите кои со години се поврзуваат со Попова Шапка. Додека за овој ски-центар повеќе се зборува отколку што се прави, за туристички развој во напредните земји ваквите места веќе носат пари и на зима, но и преку лето.

Жарко Трпковски од скијачкиот клуб Љуботен објаснува преку примерот на Австрија:

„Денес е дојдено до таму една Австрија на пример да е на петто место во рангот на приходи, на земјите во приход по туризам. И тоа се огромни цифри, ако споредите дека Грција е на седмо место со сите мориња и сè останато што го има, се работи за еден огромен потенцијал. Имајќи ја предвид Шар Планина, веќе е потврдено од повеќе студии од големи институции како Обединети Нации и ОЕЦД дека е сигурно најдобриот планински масив за развој на туризмот, а скијањето е основата. Ова се големи потенцијали потврдени, така што останува на Владата, на државата, да најде начин да ги стимулира да ги балансира тие односи за развој на туризмот, а понатаму тој развој ќе донесе и економска добивка и развој на спортскиот дел“, вели Трпковски.

Минатата година пред зимата стопанствениците и хотелиерите предупредија дека нема да има добра сезона поради тоа што ништо не е направено околу инфраструктурата.

„Што се однесува до патот Тетово-Попова Шапка се прават подготовките за започнување на реконструкција за тој правец, сè со цел во зимскиот период, но не само тогаш, да се развива туризмот во општина Тетово, но не само во Тетово, зашто Попова Шапка не е само на Тетово, Попова Шапка е на цела Република Северна Македонија и една од најатрактивните туристички места во нашата држава“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

„За улицата кај викендичките имаше повик на Владата со средствата на Европската унија и Светска банка за развој на туризмот и ние конкуриравме токму со овој пат каде што е предвидена комплетна реконструкција, фекална канализација и атмосферска и системот на осветлување кое сметаме дека треба да биде нов и модерен. Во моментов, според информации, бевме ставени на листа на чекање со проекти и очекуваме дека ќе има добра волја за да биде поддржан имајќи го предвид фактот дека таа дестинација не е дестинација само на Тетово туку на целата држава“, вели тетовската градоначалничка Теута Арифи.

XS
SM
MD
LG