Достапни линкови

Продолжува „спорната“ изградба на хидроцентрали во НП Маврово


Жировничка Река 200 метри над проектираниот зафат за ХЕ. Извор: „Фронт 21/42.“
Жировничка Река 200 метри над проектираниот зафат за ХЕ. Извор: „Фронт 21/42.“

Бернската Конвенција при Советот на Европа бара итно суспендирање за изградбата на сите хидроенергетски проекти во Националниот парк Маврово, Владата го продолжи рокот за градење на малите хидроелектрани Жировничка Река I и II, Јадовска и Рибничка Река.

На седница одржана во декември минатата година, Владата одлучува на овие хидроелектрани да им го продолжи рокот за изградба и почеток на работење, во услови кога Бернската Конвенција и еколошките граѓански организации неколку години предупредуваат дека хидроенергетските проекти во Националниот парк Маврово ќе предизвикаат значителни штети во областите богати со биодиверзитет.

„Продолжувањето на роковите за изградба и за почеток на работење е предвидено со одредбите на склучените договори, каде е предвидено во случаи кога концесионерите не успеале да ги завршат своите обврски, при што не е утврден нивен пропуст или неспособност“, велат од Владата.

Александра Бујароска – еколошки правник од граѓанската организација „Фронт 21/42“, објаснува дека во Националниот парк Маврово во 2010 година биле предвидени проекти за изградба на 19 мали хидроелекрани од кои, заклучно со јули 2017 година, изградени се четири кои веќе се оперативни, а остануваат 15 за кои се издадени концесии или се во некакви повици за да се потпишат концесиски договори.

Од тие 15, кои не се изградени и не е отпочната никаква градба, за четири се веќе потпишани концесиски договори кои истекуваат во јули 2018 година. Тоа што го има направено Владата, наспроти барањата на Бернска Конвенција за суспендирање на сите хидроенергетски проекти, за овие четири ги продолжува роковите за изградба, односно им дава дополнителен рок и не ги суспендира. Тоа е спротивно на она што Бернска Конвенција го бара и она што самата Влада се заложи дека ќе ги повлече сите концесии во рамки на Маврово“, вели Бујароска.

Постојниот комитет при Бернската Конвенција на последниот состанок во декември 2017 годинаизрази загриженост за континуираниот развој на мали хидроелектрани на територија на НП Маврово, потсетувајќи дека:

„СОЖС анализата на кумулативното влијание на сите планирани активности на територија на паркот, како што е препорачано (со препораката од 2015), треба да се направи пред изградбата на нови објекти, кои неизбежно ќе имаат влијание врз биолошката разновидност“, наведоа од Бернската Конвенција.

Концесии според зонирање на Маврово направено во Југославија?

Изворска Река кај предвидениот зафат за ХЕ Рибничка Река. Извор: „Фронт 21/42.“
Изворска Река кај предвидениот зафат за ХЕ Рибничка Река. Извор: „Фронт 21/42.“

Од Владата велат дека концесиите за Жировница 1 и 2, Јадровска и Рибничка се дадени согласно зонирањето на Националниот парк Маврово од 1978 година.

„Со ова зонирање предметните мали хидроцентрали се наоѓаат во зони за научно истражувачки работи која кореспондира со зона одржливо управување согласно Законот за заштита на природата“, велат од Владата.

Во однос на зонирањето на Националниот парк Маврово, Бујароска вели дека процесот за ре-зонирање, односно ре-прогласување за национален парк, е почнат во 2011 година кога се изработени нови студии за ново зонирање кое треба да биде во согласност со новиот Закон за заштита на природата.

Тогаш, уште во 2011 година, процесот беше суспендиран, затоа што дел од мапите беа направени за да се овозможи изградбата на двете големи хидроелектрани Луково Поле и Бошков Мост. Дури и со тоа зонирање, кое на некој начин е поповолно за изградба на хидроенергетски проекти, дел од овие мали хидроелектрани се наоѓаат во зона на строга заштита или зона за активно управување, каде е забранет ваков тип на активности“, вели Бујароска.

Таа додава дека тоа особено се однесува за двете хидроелектрани на Жировничка Река, бидејќи како што вели, еден од зафатите за хидроелектраната Жировничка 1 е во реката Драгон, која е во строга заштита.

Од Владата велат дека Постојниот Комитет на Бернската Конвенција во 2015 година, од Владата бара да се суспендираат владините хидроенергетски проекти во поврзана инфраструктура се до изработка на Стратегиска оцена на влијанието врз животната средина.

„Владата ги усвои препораките на Бернската Конвенција и подготви план на активности за да се подготви Стратегиска оцена на влијанието врз животната средина - финализирање на Студија за валоризација на Националниот Парк Маврово, во која е содржано ново зонирање на паркот; подготовка на нов Закон за репрогласување на Националниот парк за заштитено подрачје и подготовка на План за управување на Националниот парк Маврово согласно новоусвоено зонирање. Оваа постапка е во процес“, велат од Владата.

Колку концесии се повлечени?

Дополнително, од Владата велат дека, врз основа на препораките на Бернската Конвенција, ги повлекле од издавање концесиите за предвидените 17 мали хидроелектрани во рамките на Националниот парк Маврово, освен за оние за кои е издадена концесија.

„Овие концесии не се предмет на основните препораки од Бернската Конвенција од 2015 година. На состанокот на Постојниот Комитет на Бернската Конвенција во 2017 година, дадена е следната констатација - нема нови препораки“, велат од Владата.

Бујароска вели дека е точна констатацијата на Владата дека треба да го повлече издавањето на 17 концесии за мали хидроелектрани, но оти е факт дека за четири од нив тоа не е направено.

Во Националниот парк Маврово, од предвидените 19 проекти, четири се оперативни: Галичка Река 3 и Тресонечка Река завршени во 2013 година и Беличица и Какачка завршени во 2017 година.

„Следните четири, Јадовска, Рибничка и Жировничка 1 и 2, концесиските договори се потпишани во 2015 година и имаа рок до 2018 да завршат со градба, такви се концесиските договори. Наместо да им се прекинат договорите, им се дава дополнителен рок уште од две-три години, различно за секоја хидроелектрана, да ги изградат, што е спротивно на Бернска“, вели Бујароска.

Таа посочува дека во 2015 година Бернската Конвенција побарала да се суспендитаат сите проекти, се додека не се направи новото зонирање и соодветна студија.

„Дури и сега во 2017 година уште еднаш, во самата констатација, се изкажува загриженоста затоа што се уште се продолжува со изградбата на мали хидроелектрани и ја потсетува Владата дека треба да ја направи оваа анализа пред да ги изгради. Бидејќи која ќе биде анализата на биодиверзитетот откако се ќе изградите“, вели Бујароска.

„Бенквоч“ предупредува за „Уништените реки“

Изведбени работи на Тресонечка река за хидро-електрана Тресонче во 2013 година. Извор „Фронт 21/42.“
Изведбени работи на Тресонечка река за хидро-електрана Тресонче во 2013 година. Извор „Фронт 21/42.“

Дека изградбата на мали хидроелектани ги уништуваат реките во национални паркови во Македонија, дел од нив финансирани од европски банки, кон крајот на минатата година алармираше мрежата „ЦЕЕ Бенквоч“, посочувајќи дека најголем инвеститор во овој сектор е фирмата на актуелниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев.

Мрежата изработи студија насловена „Уништени реки“, во која прави анализа на пет проекти за мали хидроелектрани во Македонија поддржани од европски банки и за слични проекти во Хрватска и Албанија.

Истражувачите, меѓу кои и биолози од земјава, ги посетија локациите на малите хидроелектрани „Теарце 97-99“ и „Липково“, потоа „Тресонечка Река“ во Националниот Парк Маврово, како и двете мали хидроелектрани „Брајчинска Река 1“ и „Брајчинска Река 2“ изградени во Националниот Парк Пелистер.

Тие наведуваат дека на локациите на сите проекти во Македонија финансирани од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската инвестициска банка (ЕИБ), се забележани видливи прекршувања на националните прописи, закони и меѓународни стандарди, дека значително се уништени речните екосистеми и оти постои пресушување на речните корита и блокирање на рибните патеки.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG