Достапни линкови

Измени на закони за профит од хидроцентрали во заштитени зони


Малата хидроелектрана „Теарце 97„ во НП Маврово. Извор: „Еко-свест.“

Уникатни екосистеми и загрозени видови на Балканот наскоро може да исчезнат, со изградбата на илјадници хидроцентрали, алармираат екологистите. Под ризик е целата речна мрежа во регионот, велат тие, посочувајќи дека во Македонија ваквите проекти се овозможени со бројни измени на законите.

Со кредити одобрени од меѓународни финансиски институции, во изминативе неколку години беа изградени стотици хидроцентрали на реките низ Балканскиот Полуостров.

Ваквите проекти меѓународните банки ги промовираат како „зелени инвестиции“, но групите за заштита на реките во повеќе случаи забележаа прекршувања на законите за заштита на природата.

Во Македонија изградени се 9 големи и 73 мали хидроцентрали, десетици проекти се во процес на изградба, а планирани се уште поголем број.

Според еколошките организации кои ги мониторираат проектите, проблематично е што државата одобрува изградба на хидроцентрали и во заштитени еколошко чувствителни подрачја, како што се националните паркови.

Мрежите за заштита на балканските реки при мониторинг на изградените проекти забележале блокирани рибни патеки, незаконско сечење на шумите и отсуство на проток, односно обезбедување на биолошки минимум на вода. Тие велат дека овие проблеми не се соодветно решавани од надлежните органи на државите.

Со измени на законот, до градење во заштитени зони

Според активистите од земјава, изградбата на хидроцентралите во заштитени зони во Македонија, е овозможено главно со повеќекратното менувaње на Законот за заштита на природата.

Александра Бујароска е правник специјализиран за еколошко право од граѓанската организација „Фронт 21/42“, која заедно со граѓанската организација „Еко-свест“ и Македонското еколошко друштво (МЕД), се дел од мрежата „ЦЕЕ Бенквоч“ составена од 17 организации од 14 земји од Централна и Источна Европа, Русија и Кавказот, вклучени во кампањата за заштита на реките на Балканот.

Таа објаснува дека инвеститорите прават профит со употреба на природни ресурси за производство на електрична енергија во заштитени подрачја, посочувајќи дека тоа е спротивно на одредбите за управување во заштитените зони, каде главно се дозволени дејности за туризам, земјоделство и сточарство.

Со неколкуте измени на Законот за заштита на природата, објаснува Бујароска, беше направено омекнување на одредбите кои ги дефинираат начините на управување во заштитените подрачја.

„Со измената во 2010 година, беше воведен член кој се однесуваше на одржливо користење на природните ресурси. Самиот член, ако се чита засебно како единка во целиот закон, може да се протолкува како врата со цел да се направат ваков тип на енергетски комплекси и во заштитени подрачја, односно да се користат природните ресурси за производство на електрична енергија“, вели Бујароска.

Законот за заштита на природата македонското Собрание го менувше 12 пати од 2006 година. Прв пат Законот беше донесен во 2004 година, а последната измена ја претрпе во април 2014 година.

Македонските влести во меѓувреме одобрија десетици концесии за изградба на мали хидроцентрали, некои од нив во Националниот парк Маврово и во Националниот парк Пелистер.

Брајчинска река и Крива Кобила
Брајчинска река и Крива Кобила

Банките да ги сопрат кредитите

За да ги утврдат влијанијата на овие проекти во пракса, активистите од „ЦЕЕ Бенквоч“ во рамки на кампањата „Save the Blue Heart of Europe“, раководена од Фондацијата „EuroNatur European Nature Heritage“ и друштвото за заштита на реките „Ривервоч“, изготвија публикација, откако во 2017 година посетија вкупно осум хидроцентрали кои беа финансирани со европски пари, две во Албанија, една во Хрватска и пет во Македонија.

Активистите заедно со локални експерти ги посетија локациите на малите хидроцентрали „Теарце 97-99“, „Липково“, и „Тресонечка Река“ во Националниот парк Маврово, како и двете мали хидроелектрани „Брајчинска Река 1“ и „Брајчинска Река 2“ изградени во Националниот парк Пелистер.

Тие велат дека забележале видливи прекршувања на националните прописи, закони и меѓународни стандарди и дека значително се уништени речните екосистеми и дека постои пресушување на речните корита и блокирање на рибните патеки.

„За повеќето од хидроцентралите во Македонија не е направена сеопфатна оценка за влијанието врз животната средина, за нив е потребна само студија (елаборат) за животна средина врз основа на кој се добива еколошка дозвола“, велат активистите од „ЦЕЕ Бенквоч.“

„Хидроецентралата „Брајчино 1“ која се наоѓа во Националниот Парк Пелистер воопшто не пропушта вода која би требало да стигне до едно од клучните живеалишта на ендемскиот вид преспанска – пастрмка“, посочува „ЦЕЕ Бенквоч.“

Хидроцентралата „Брајчинска река 1“, е во сопственост на компанијата „Мали хидроелектрани ДОО Скопје“, како што наведува „ЦЕЕ Бенквоч“ - најголемиот инвеститор во малиот хидроенергетски сектор во Македонија, која е 50 проценти во сопственост на компанијата „Фероинвест ДОО“ која пак е 80 отсто во сопственост на актуелниот вицепремиер Кочо Анѓушев.

Од „ЦЕЕ Бенквоч“ велат оти трендот на изградба на мали хидроцентрали продолжува и покрај тоа што нивниот придонес кон целокупното производство на електрична енергија е помало во споредба со обемот на штета кој го прават.

Ваквата ситуација бара решително делување, велат од „ЦЕЕ Бенквоч“, наведувајќи дека банките треба веднаш да го сопрат финансирањето на сите проекти за производство на хидроенергија кои се наоѓаат во заштитените подрачја на Балканот.

Фондацијата за животна средина „Ривервоч“ со седиште Германија, неведува дека целата речна мрежа во регионот е под ризик со тоа што се планираат повеќе од 2.700 хидроелектрани.

Извршниот директор на Фондацијата Улрих Ајхелман пишува дека околу 113 проекти за брани ќе бидат спроведени во национални паркови на Балканот, други 133 ќе бидат изградени на подрачја на „Натура 2000“ и многу повеќе во други заштитени подрачја - проекти кои во голема мера се поддржани од меѓународни финансиски институции, како Светската банка и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а спроведени од страна на компании од Западна Европа.

„Тие промовираат проекти за брани како зелени инвестиции, дефинирајќи го уништувањето на природата како заштита на климата“, посочува Ајхелман.

Бернската Конвенција при Советот на Европа бара итно суспендирање за изградбата на сите хидроенергетски проекти во Националниот парк Маврово, но Владата на седница одржана во декември 2017 година го продолжи рокот за изградба и почеток на малите хидроелектрани Жировничка Река I и II, Јадовска и Рибничка Река.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG