Достапни линкови

Груевски во Унгарија бара азил - кој е одговорен?


Архивска фотографија- Никола Груевски пред Суд

Од министерствата за внатрешни и за надворешни работи по извршените проверки потврдија дека поранешниот премиер Никола Груевски е во Унгарија. Во меѓувреме се отвори прашањето чија е одговорноста за бегството, а МВР и судиите си ја префрлуваат одговорноста.

Поранешниот премиер и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски се наоѓа во Унгарија, потврдија вечерва македонските министерства за внатрешни и за надворешни работи.

Од МВР информираат дека по направените соодветни проверки утврдиле дека "лицето Никола Груевски, кое се бара заради извршување на казна затвор во траење од две години за сторено кривично дело- примање награда за противзаконито влијание, се наоѓа во Република Унгарија”.

Министерството за внатрешни работи на Република Македонија доби и потврда од унгарското министерство дека Никола Груевски е во Република Унгарија и дека побарал азил. Министерството за внатрешни работи го информира Основниот суд Скопје 1, по што Судот треба да издаде решение за распишување на меѓународна потерница за осуденото лице Никола Груевски”, наведуваат од МВР.

Во министерството за надворешни работи, пак, бил повикан и амбасадорот на Република Унгарија во Скопје, Ласло Дукс на средба кај државниот секретар Виктор Димовски со цел проверка на информацијата и по дипломатски канали.

“По средбата во МНР, потврда за веродостојноста на информацијата е добиена преку Министерството за внатрешни работи на Република Македонија”, наведуваат од МНР.

Претходно на прашање на Радио Слободна Европа од унгарската Влада дали поранешниот премиер е во Унгарија и дали побарал политички азил од унгарските власти одговорија дека не можат ниту да потврдат, ниту да негираат.

“Не сме во можност да коментираме по индивидуални барања за азил кои се уште се процесираат“, одговорија од унгарската Влада.

До ваквиот развој на настаните дојде попладнево откако Груевски на профилот на социјалната мрежа Фејсбук кој се смета за негов официјален напиша:

Во последните неколку денови примив безброј закани по мојот живот. Јас сум во Будимпешта сега, и побарав политички азил од Унгарските власти. Секогаш ќе останам верен на каузата на Македонија. Никогаш нема да отстапам“, напиша денеска Груевски на Фејсбук.

Префрлување на одговорноста за бегството

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека одговорноста за тоа што поранешниот премиер Никола Груевски е во бегство треба да ја преземат судовите кои не му определиле притвор.

„Размислувам во однос на одговорноста на оние на кои им одредуваат притвор на лицата за кои постои опасност да избегаат. Ги пуштаат слободно да се движат низ државата, слободно да ги обавуваат сите работи кои ги обавуваат и на крај кога се носи пресудата тие не се во притвор за да можат да бидат обезбедени, иако се со повеќе кривични дела“, рече Спасовски .

На ваквите изјави реагираа од Кривичниот суд во Скопје. Тие посочуваат дека судот не може самоиницијативно да определи притвор ако обвинителството не го побара тоа, а СЈО, во случајот Тенк, ниту еднаш не побарале притвор за Груевски.

Судот не се согласува со обвинувањата на Спасовски дека тие не можеле да преземат мерки за обезбедување на Груевски без наредба на судот.

„МВР и по наредба на обвинителството или по службена должност, доколку утврди дека истото е неопходно, може да преземе мерки за обезбедување на одредено лице“, се наведува во денешното соопштение од судот.

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, пак, во изјава за медиумите наведе дека ќе одговарале сите што ја довеле државата во ваква ситуација.

Нашиот повик до Судството, не е повик на притисок, туку е повик сите да си понесеме свој дел од одговорноста, тоа значи дека кога се најавуваат бегања, или кога ни се случуваат бегства да се води сметка и да не се калкулира ниту со термините на испраќање на налозите, меѓутоа ниту со притворите “, изјави Шекеринска.

Потрага низ Скопје

Поранешниот премиер од јавноста целосно го снема откако во петокот Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје ги одби неговите жалби и ја потврди пресудата според која тој треба да се јави во затворот „Шутка“ за издржување на двегодишната затворска казна за предметот „Тенк“.

Викендов полицијата правеше обиди да му го достави решението на адресата која му е пријавена како домашна, а вчера беше распишана и национална потерница. Потоа полицајци го бараа во неговиот дом, а беа претресувани и возилата кои излегуваа од гаражата под седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата и синоќа и денеска наведуваа дека немаат информација за тоа каде е и што прави нивниот почесен претседател. Опозициската партија тврди дека тоа што се случувало вчера вечерта било полициска опсада на нивното седиште за да изврши притисок врз членството.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG