Достапни линкови

СЈО - разочарување или успех?


Архивска фотографија - Прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство

Македонија, САД, Романија, Гана - заедничко за сите овие е што имаат или имале специјални обвинители или советници, односно луѓе кои истражуваат одредени нелегални активности на високи функционери.

Државава своето Специјално јавно обвинителство го доби во 2015 година, како производ на политичката криза која ескалираше по објавувањето на таканаречените опозициски бомби.

Јас сум задоволен, имаме закон што гарантира целосна автономија, а Катица Јанева е обвинител кој нема никаква партиска припадност - со овие зборови сегашниот премиер Зоран Заев, во септември 2015 година, тогаш како опозиционер, за Радио Слободна Европа го објаснуваше договорот за законот за Специјалното јавно обвинителство и за изборот на обвинителката од Гевгелија за прв човек на тимот. Тогашниот премиер Никола Груевски исто така беше задоволен - личноста која е избрана е висок професионалец, рече тој.

Но, неколку месеци подоцна, перцепцијата на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ за специјалната јавна обвинителка се смени. Во октомври тој тврдеше дека немало да бидеат пречка во работата на Јанева, но веќе во декември 2015 година почнаа нападите дека таа е продолжена рака на СДСМ и Заев.

Сега мандатот на обвинителство, како што законски го договорија Заев и Груевски пред речиси четири години, истекува. Мислењата за тоа што го сработи Јанева и нејзиниот тим остануваат поделени.

Имаше ли друг начин?

СЈО се формираше по сериозните обвинувања од опозицијата за работата на тогашниот државен обвинител Марко Зврлевски. Неговата оставка беше и едно од клучните барања на СДСМ, но откако не се презема таков чекор се отиде кон опцијата формирање на Специјално јавно обвинителство. Тогаш немаше простор за да се направат промени во Републичкото јавно обвинителство, смета Натали Петровска од коалицијата Сите за правично судење.

„Суптилен притисок беше правен континуирано и од граѓанскиот сектор и од тогашната опозиција и од сите кои на некој начин беа засегнати со владеењето на правото. Меѓутоа, немаше капацитет, можност и најклучното - волја, тогашното обвинителство да работи и да постапува“, вели Петровска.

Првиот предмет на тимот на Катица Јанева беше Титаник за нерегуларности на изборите во 2012 година, а потоа следуваа и низа предмети и пресуди. Со првите прес конференции на тројката медиумски најекспонирани обвинителки - Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи почна да расте и поддршката за нив. Испитувањата на јавното мислење во тој период покажуваа оргомна поддршка па така според едно истражување на американскиот Меѓународен републикански институт во 2016 година работата на СЈО ја поддржуваа дури 63 отсто од граѓаните. Но, друга понова анкета, направена пред четири месеци од МЦМС и Телевизијата Телма покажува топење на поддршката кон оваа институција. Тогаш недоверба во СЈО покажаа 53,5 отсто од граѓаните. Анкетата беше спроведена и по бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија откако му беше изречена затворска казна за случајот Тенк на СЈО, за што дел од граѓаните вината ја посочија и во тимот на Јанева кој не побарал притвор.

Поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев вели дека за тој краток период во кој работеа обвинителите од Специјалното јавно обвинители си ја завршиле до некаде задачата која им беше дадена со Пржинскиот договор.

„Тоа што тие обвиненија не се пресудени е постапка пред суд. Таа е комплицирана, обемна, многу обвинети, многу докази, така што нивното застапување во Судот го ценам како успешно. Тоа што ќе биде со новата надлежност што се предвидува во предлог-законот сум оптимист, но морам да забележам дека е потребно во најмала рака и специјално одделение во Судот кое ќе се занимава исклучиво со висока корупција“, објаснува Илиев.

Петровска, пак, чија организација ги мониторира сите судски случаи кои ги има поведено СЈО, вели дека толку можеа да сработат, земајќи го предвид фактот дека една година од својот мандат потрошиле на опструкции во работата од државните органи.

„Сепак, за ваков вид на постапки не би требало да се стави временско ограничување за функционирање на такво тело специјализирано за гонење на организиран криминал и висока корупција. Сметам дека временскиот период кој ним им беше оставен практично е премал за тие да успеат да го дадат исходот кој народот го очекува“, вели Петровска.

Иднината на СЈО

Според законот за обвинителство, тоа требаше да поведе обвиненија во рок од 18 месеци од „денот откако ги презема предметите“. Самата Јанева повеќепати повикуваше на укинување на рокот, но тоа не се случи. Сега партиите преговараат за нов закон за специјалното јавно обвинителство, а еден од клучните услови на опозицијата за поддршка која е неопходна, бидејќи се потребни 81 пратенички глас, е со него да не раководи Јанева и нејзиниот тим.

„Да, точно е ние сме против Катица Јанева и овој состав на обвинители кој што се дел од нејзиниот тим од една проста и едноставна причина што не само што го загубија човечкиот, туку го загубија и професионалниот капацитет“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Токму заглавувањето на овој закон во политички пазар и собраниски лавиринти може да донесе закочување на евроатлантскиот пат на државата, велат аналитичарите. Адвокатот Александар Тортевски вели дека досегашната пракса покажа дека просторот за политички маневар е голем и дека не може ни да се предвиди за што сè може да се испазарат пратениците со цел учество во донесувањето на реформските решенија.

„На пример може преќутен пазар за споро водење на постапките, преќутен пазар за неизрекување на тешки мерки за безбедност против обвинетите, да нема притвор, да се влечат предметите, преќутен пазар да стигнат предметите до застарување, така што не знам, неограничени им се можностите и ништо веќе не ме изненадува, нема лимит на политичкиот пазар во оваа држава“, вели Тортевски.

Македонското СЈО - хибрид меѓу американското и романското

Се направија ли и погрешни процени и при подготовката на законот за Специјално јавно обвинителство? Нашето, велат упатените, е некаков вид хибрид меѓу искуствата во САД и Романија.

„Значи, ја имате Романија, во која што составот на обвинители во Специјалното јавно обвинителство е избран на истиот начин како кај нас и е посебно тело коешто функционира, но сепак е во структурите на правосудството како што е предвидено. Во американскиот систем, пак, вакви обвинителства се формираат ад хок за конкретни случаи кога има потреба, а сличноста на СЈО со нив е во автономноста што ја имаат“, вели Петровска.

Во САД, пак, сега работи специјалниот советник Роберт Мулер кој води истрага за руското мешање во претседателски избори на кои победи актуелниот претседател Доналд Трамп. Тој дојде на позицијата лани во мај, откако Трамп го отпушти директорот на ФБИ Џејмс Коми.

Во Америка на некој начин е пракса да се поставуваат специјални советници за големи политички афери. Таков пример е и Арчибалд Кокс, американски правник, адвокат и универзитетски професор кој беше специјален јавен обвинител за аферата Вотергејт. Тој претходно не работел во јавнообвинителските структури, туку како што е пракса таму, дошол од редот на познатите правници и бил назначен да ја разреши аферата која во раните седумдесетти ги тресеше Соединетите Американски Држави. Тогаш со САД раководеше републиканецот Ричард Никсон кој го отпушти Кокс додека ја истражуваше аферата со поставените прислушувачки уреди во соперничка Демократска партија. Но, и покрај ваквиот чекор на политичарот, прислушувањето беше докажано, а против Никсон започна постапка за импичмент која тој ја претрка со поднесување оставка во 1974 година.

Праксата на поставување на специјални јавни обвинители во Америка е и доста стара. Првиот го именувал претседателот Јулисиз Грант кој раководел со земјата од 1869 до 1877 година за да ја разреши аферата со прикривање на даноци поврзани со продажбата на виски во кој биле вклучени владини службеници, политичари, производители и дистрибутери.

Западноафриканската држава Гана нема пракса како САД. Таму Специјалниот јавен обвинител беше именувам лани во јули и негова главна задача е да работи на борба против високата корупција.

Корупцијата може да се победи?!

Во регионот, пак, многу внимание предизвикаа успесите во борбата против корупцијата на поранешната главна обвинителка на романската Дирекција за борба против корупцијата Лаура Кодрута Ковеси. Сега таа, и покрај противењето на Букурешт, е избрана од ресорната Комисија на Европскиот парламент за шефица на новата канцеларија на европското обвинителство за борба против корупцијата која ќе почне да работи кон крајот на идната година.

Гоце Атанасов

„Имам порака за романските граѓани и општество: корупцијата може да биде поразена. Не се откажувајте“, вака им се обрати поранешната главна обвинителка во борбата против корупцијата Лаура Кодрута Ковеси, откако лани летото претседателот Клаус Јоханис ја разреши по упорните барања на левичарската влада.

Кампањата против Ковеси, која се сметаше за симбол на борбата против корупцијата во една од најкорумпираните членки на Европската унија, предизвика огромни критики од опозицијата и загриженост кај меѓународната заедница.

Но, романската влада прогласи своевидна победа откако Уставниот суд му нареди на претседателот Јоханис да ја разреши шефицата на обвинителство. Тој најпрвин не сакаше да го потпише декретот, но откако истакнати личности во владејачката Социјалдемократска партија му се заканија со импичмент, тој го стори тоа. Ковеси веднаш потоа излезе пред јавноста:

„Разумно е да се забележи дека актуелниот политички правец не води кон ефикасен систем на правда, туку кон блокирање на тоа“, рече таа, наведувајќи дека „бруталниот начин на кој владата се обидува да ги присили реформите во правосудството покажува дека сака да биде целосно заштитена“.

Четириесет и петгодишната поранешна кошаркарка беше обвинета од министерот за правда Тудорел Тоадер за „кршење на уставот“ и за „нанесување штета на имиџот на Романија во странство“. Европската комисија, како и претседателот Јоханис, останаа неубедени во аргументите на Букурешт за разрешување на Ковеси. Тоа во едно време го стави под прашалник и претседавањето на Романија со Европската унија.

Декретот потпишан од романскиот претседател покренува големо прашање: дали главните обвинители ќе му бидат подредени на министерот за правда? Според нејзината изјава, и покрај ваквите „невидени напади“ од владата, нејзината Дирекција во 2017 година изведе пред суд 1.000 луѓе, вклучително и тројца министри, пет пратеници и еден сенатор.

„Независни обвинители испитуваа некои луѓе за кои се чинеше дека се недопирливи. Без оглед на нивната позиција, без оглед на нивниот социјален статус и нивното богатство.“

Разрешувањето на Ковеси, според некои, беше за да се заштити лидерот на социјалдемократите Ливиу Драгнеа, кој е познат како најмоќен политичар во земјата. Нему му беше забрането да биде премиер, благодарение на изречената затворска казна за изборна измама од 2016 година, а пред една година доби уште една затворска казна поради скандал со лажни работни места. Некои критичари предупредија дека Романија ризикува да тргне на сличен пат како Полска и Унгарија, чии влади, исто така, се обвинети за ослабување на независните институции и на владеењето на правото.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG