Достапни линкови

По воените силувања во БиХ - Што да напишам во графата „татково име“?


Илустрација

Децата родени по воените силувања во БиХ, 26 години се изложени на лични трауми и административни проблеми кога во секој формулар и институција треба да дадат податок - татково име. Што да напишат? Покрената е голема иницијатива за тоа да се смени - „Име на еден родител“. Пишува Марија Арнаутовиќ

Јелена Чајиќ неодамна пополнуваше формулар за КОВИД-19 кај стоматолог. Кога наишла на колоната каде требало да го напише името на таткото, таа го прецртала и на своја рака напишала - „Име на еден родител“.

„Дефинитивно морам да ја запишам мајка ми“, вели Јелена и додава дека е свесна за фактот дека во многу институции и формулари се бара да се впише татковото име.

Таа е дете родено по воено силување.

„Секојпат кога ќе се најдете на шалтер, изложени сте на потсетници, ставови и прашања на некои луѓе на кои не сте обврзани да им објасните ништо. Воопшто не е пријатно. Во многу случаи тоа ме налути. Зошто ме прашуваш така, што ти е важно?“, вели таа.

Поради ваквите проблеми, на кои овие деца биле изложени 26 години по војната во Босна и Херцеговина (БиХ), од 31 мај, сите формулари и форми на услуги во рамките на општината Сараево Стари град ќе бидат прилагодени на таков начин што од корисниците повеќе нема да се бара да ставаат име на татко, туку името на едниот родител.

Дали Стар град ќе биде единствениот?

Општината Сараево прва одговори на иницијативата „Име на родител“, покрената пред две години од здружението „Заборавени деца на војната“, кое побара од сите локални заедници во Федерацијата Босна и Херцеговина (БиХ) да ги адаптираат формите и формуларите на таков начин.

Во другиот ентитет на Босна и Херцеговина, Република Српска, таква можност веќе постои.

Јелена верува дека одлуката на општината Сараево ќе ја олесни ситуацијата за многумина и дека нивниот пример ќе го следат и другите локални заедници во Федерацијата, како што е Тузла, каде што таа живее.

И има индикации за такво нешто, бидејќи со Здружението „Заборавени деца на војната“ контактираше уште неколку општини кои се подготвени да го сторат истото. Меѓу нив се и сараевските општини Центар, Ново Сараево, Илиџа и општините Маглај, Бихаќ и Завидовиќи.

Деца од врски на локални жени со мировници и хуманитарци во време на војната

И Ивана Барбара Кук, која ,исто така, живее во Тузла, се надева на тоа. Таа за РСЕ вели дека ова е голем чекор напред, што треба да го следат и другите општини во Федерацијата БиХ.

Ивана е член на Здружението „Заборавени деца на војната“ и припаѓа на друга категорија деца собрани од ова здружение - деца родени од врските на локални жени со членови на меѓународни мировни или хуманитарни организации кои дејствувале за време на војната во БиХ.


„Посебно е чувството кога не сте обврзани да напишете нечие име во форуларот кое не сте слободни да го напишете. Никогаш не се чувствував пријатно, слободно или безбедно, затоа што никогаш немав никаква заштита од татко ми како што имав од мајка ми, за да можам да го напишам неговото име на образецот “, вели Ивана.

Ајна од „Грбавица“

Од Здружението велат дека иницијативата „Име на еден родител“ е создадена како резултат на долгогодишна дискриминација и игнорирање на семејства со еден родител преку административна политика. Потсетуваат дека, како и во сите податоци што се пополнуваат во училиштата, колеџите, здравствените установи или општините и бараат идентитет на лице, институциите произволно бараат додавање на „татково име“ наместо „име на еден од родителите и / или старатели“.

Поради тоа, тие мораа со години да ја оставаат празна таа колона, што, како што велат, дополнително ги ретрауматизираше децата родени поради војната и ги надминува границите на приватност што им се гарантира на секој поединец.

„Целиот мој живот бев обележана со име што ја повреди мајка ми, целиот мој живот плаќам висока цена за нешто што некој друг го сторил. Не беше фер. И овој момент ги чекав моите 27 години, моментот кога оваа земја ќе го цени името на мајка ми, бидејќи мајка ми е хероина, не само моја “, напиша Ајна Јусиќ, претседател на Здружението„ Заборавени деца на војната “, на нејзиниот Фејсбук профил, по одлуката на општина Сараево - Стари Град.

Ајна, чија приказна беше раскажана во играниот филм „Грбавица“ од Јасмила Шбаниќ, кој се занимава со проблемот на силувани жени во војната во БиХ и деца родени по силување, за РСЕ изјави дека сакаат да му покажат на општеството дека дискриминацијата може да биде надминат.

„Но, не можеме да победиме само со сликање на социјалните мрежи, туку навистина треба активно да се посветиме на тоа дело. Ова го сторивме за нас и за другите луѓе, но што е најважно - за другите генерации “, додава таа.

Почеток на создавање на делумна еднаквост

Фактот дека овие деца ќе имаат можност да напишат име на еден родител во општинските обрасци и документи, според неа, е почеток на создавање барем делумна еднаквост на пристапот за сите граѓани на БиХ.

„Сакаме да посочиме дека без оглед на тоа што некој не припаѓа на нашата категорија, многу е важно граѓаните да знаат дека имаат право на приватност и со тоа да се воведат еднакви форми кои вклучуваат име на едниот родител како идентификациска ставка “, додаде Ајна Јусиќ.

Со започнувањето на иницијативата „Име на еден родител“, Здружението на заборавени деца на војна се повика на правото на избор и приватност, загарантирано преку Универзалната декларација за човекови права и Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи.

Кои се податоците на ООН за силувањата во БиХ?

Според извештајот од 1994 година на Специјалниот комитет на ОН, околу 200 жени биле силувани во 1992 година. Некои од нив беа убиени, а некои се самоубија.

Според проценките на Обединетите нации, најмалку 20.000 жени и девојчиња биле силувани во Босна и Херцеговина за време на војната.

Точен број на деца родени по военото силување, ниту пак на децата кои мајките ги родиле по врски со странски војници и хуманитарци, не постои.

XS
SM
MD
LG