Достапни линкови

Осомничените клучни за законот за Јавно обвинителство?


Архивска фотографија- Работна средба во Министерството за правда за Законот за јавно обвинителство

Уште две недели имаат партиите да најдат компромис за новиот закон за Јавно обвинителство со кој ќе се реши иднината на СЈО. Упатените стравуваат дека е можно да се добие решение со кое ќе се руинира правото.

Половина година од почетокот на меѓупартиските разговори за законот за Јавно обвинителство со кој треба да се реши и иднината на Специјалното јавно обвинителство, разликите изгледаат помали, но компромис нема. Законот треба да се донесе во следниве две недели, оти по 15 септември според досегашниот закон, СЈО престанува со работа.

Ова обвинителство произлезе од пржинскиот договор, на кој потпис ставија Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, први луѓе на тогаш најголемите четири партии. По неколку месечно објавување на прислушуваните разговори од тогаш опозициската партија СДСМ, СЈО се формира за да ги истражи делата поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите до 2015 година.

Според Мирјана Најчевска, редовна професорка на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, грешката со законот за СЈО е направена уште пред четири години. И тогаш, вели таа, законот се донесе на несоодветен начин, со партиски преговори во која една од страните беше тогашната власт, која, според професорката, граѓаните ја перцепираа како режим и сакаа да падне. И сега, додава Најчевска, законот се сведува на партиски договор со кој се прават отстапки кои таа тврди дека „го руинираат и дезавуираат правото“.

„И сега ќе се добие некое решение кое не можеме да го наречеме ниту компромис, туку би било прифатливо за различни играчи кои се и директно инволвирани како осомничени или обвинети во целата процедура“, вели Најчевска.

На 15 октомври 2015 година, кога се донесе законот за СЈО, на власт веќе девет години беше коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. СЈО досега, за своето четири годишно работење, водеше постапки најмногу за поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ, а и за неколкумина од ДУИ. Поранешниот лидер на партијата и премиер Груевски е азилант во Унгарија како осуден во предметот на СЈО Тенк за незаконска набавка на луксузно возило.

Владиниот предлог со кој сега се решава иднината на СЈО веќе е влезен во собраниска процедура. Собраниската комисија за европски прашања минатата недела усвои 10 од предложените 51 амандман кои се однесуваат главно на технички прашања, а работата продолжува деновиве.

Кои се клучните разлики?

Но, она што остануваат клучни разлики се иднината на предметите што ги отвори СЈО, иднината на другите обвинители од Специјалното обвинителство и кој ќе биде шеф на новото обвинителство. Владата предложи новото Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција да го предводи Вилма Русковска што е неприфатливо за опозицијата.

Власта постојано тврди дека позициите на ВМРО-ДПМНЕ се всушност “барања за заштита на криминалот и амнестија на криминалците”.

„Се додека истакнуваат барања кои значат рушење на правната држава и амнестија за криминалот – тие барања нема да поминат“, тврди министерката за правда Рената Дескоска.

На Мицкоски таа му порача да размислел дали ќе биде лидер или марионета кој ги исполнува „интересите на лидерот зад сцената“. .

СЈО важно и за датумот за ЕУ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, ја обвини власта за ”политиканство” и им порача дека “преторијанци во редовите на ВМРО-ДПМНЕ нема“, алудирајќи на осумте пратеници што ги поддржаа уставните измени за промена на името и беа исклучени од партијата или од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. И овој закон, како и уставните измени треба да се донесе со мнозинство од 80 пратеници,што засега се чини невозможно.

И додека опозицијата и власта се препукуваат, останува неизвесноста дали и колку неносењето на законот со кој ќе се реши иднината на СЈО ќе влијае врз одлуката земјава да го добие датумот за почетокот на преговорите за зачленување во Европската унија на самитот на унијата кој треба да се одржи во октомври.

Постигнувањата во областа владеење на правото се едни од клучните точки што им значат на земјите-членки на ЕУ, вели Симонида Кацарска од Институтот за европска политика ЕПИ.

„Ситуацијата со СЈО не може да исклучиме дека ќе им биде важна на дел од земјите-членки за кои владеењето на правото е во примарен фокус во контекст на проширување и во таа смисла и за датумот за преговори“, вели Кацарска.

Во меѓувреме, планот Б на Дескоска ако не се успее да се најде решение се чини не е посакувано сценарио од ниту една страна.Високи извори од владата велат дека не е посакувано сценарио за нив работите да се одвиваат според законската можност Советот на јавни обвинители, да назначи в.д. јавен специјален обвинител, што беше најавено како план Б. Мицкоски, пак, оцени дека тој е правно погрешен и “e само во услуга на неправдата, односно се прави услуга на неправдата во Република Македонија”.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG