Достапни линкови

Дневен печат – Законот за обвинителство во Собранието, кралот на марихуаната на средба во владата


Зградата на Јавното Обвинителство на Република Македонија

Вестите за пожари во земјава и во регионот, Законот за Јавно обвинителство, како и средбата на Кралот на марихуаната Биг Мајк со премиерот Зоран Заев се дел од темите во дневниот печат.

Освежувачки делуваат вестите од културата, спрема оние од политиката што се читаат во Нова Македонија. „Изложба на дела од белградската ’Галерија 73‘ во Порта Македонија“, „Снимајте филмови само ако чинот ве прави среќни“, изјава на селекторката на Македокс, фестивалот на креативен документарен филм, што деновиве се одржуваше во Скопје, „Струга ги испрати поетите од светот на 58-то издание на Струшките вечери на поезијата“, информира порталот на весникот.

И, на ред се понепријатните работи. Онлајн изданијата на печатените медиуми објавија дека „Пет лица се осомничени за пожарот околу Велес, побаран притвор за двајца“. Има и нов пожар во околината на Радовиш што се ширел накај Струмица објавија некои портали. Најновата вест на порталот на Слободен печат е дека „Јужна Албанија гори, побарана помош од Грција“.

„Ќе се формира регистар на професионални онлајн медиуми со кој на јавноста ќе ѝ се посочи кои медиуми ги исполнуваат професионалните критериуми, имаат транспарентно сопствеништво и импресум најавија Здружението на новинарите на Македонија, Стопанската комора и Советот за етика во медиумите, кои потпишаа меморандум за соработка. Со тоа почнува процесот на препознавање на таканаречените медиуми кои имаат за цел да шират невистини и да дезинформираат, изјави првиот човек на Здружението на новинари, Младен Чадиковски“ – објави Нова Македонија.

Порталите на печатените медиуми информираат дека премиерот Заев, министерката Шекеринска, министерот Димитров и пратеничката Ременски најавиле тужби за клевета против порталот „Република“ кој, според нив, објавил лажна вест во врска со случајот „Рекет“.

Независен во еден наслов пишува: „Пак се тресе фотелјата на претседателот на Врховен суд – Вангеловски и Јанева во ист ден пред разрешување“.

Слободен печат на насловната објави: „Предлог-законот за Јавно обвинителство влегува во Собрание – Може ли во партиската пресметка да победи државата?“ На насловната страница, пак, Независен пишува: „На СЈО ќе му пресудат амандмани“.

Вечер продолжува да објавува фотографии на Бојан Јовановски – Боки 13 со високи функционери на СДСМ, а го пренесува и разговорот со пратеникот Антонијо Милошоски за порталот Фактор.мк под наслов: „СДСМ сака Обвинителство со свои обвинители кои ќе гонат само опозиција – Заев притискаше за нов избор на Катица, а сега за Јовески“. Друг наслов во Вечер гласи: „Врие во СДСМ: Се бара оставка и од Рената Дескоска“, па го објавува постот на „Живорад Томовски, активен поддржувач/член на СДСМ, професор на Природно-математичкиот факултет“ за оставка на министерката за правда, Рената Дескоска, како поддршка на барањето на Милошоски за нејзина оставка.

Слободен печат и Независен се занимаваат со посетата и необјавената средба на премиерот Заев со таканаречениот „американски крал на марихуаната, Биг Мајк“: „Од Владата не откриваат детали за средбата на Заев со Мајкл Страумитис“ – го пренесува Слободен печат одговорот од прес службата на Владата до порталот ИРЛ.мк: „Не постои професионален стандард или пракса за јавно информирање за сите работни средби во Владата“ – стоело во одговорот од Владата. Независен, пак, објавува дека на својот профил на Инстаграм, еден од најголемите производители во светот на канабис за медицински и рекреативни потреби објавил фотографии и видеа од средбите со премиерот Заев, градоначалникот на Општина Центар, Богдановиќ и со министерот за здравство, Филипче и дека бил заинтересиран за инвестирање во тој бизнис во Македонија.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG