Достапни линкови

Обвинителите остануваат без имунитет, а добиваат поголем буџет


Собраниска комисија за европски прашања

Членовите на Собраниската комисија за европски прашања усвои 10 амандмани на Предлог-законот за јавно обвинителство, меѓу кои и укинување на процедуралниот имунитет на обвинителите и скратување на годишниот одмор, а Обвинителството доби поголем буџет. Комисијата не ги разгледа суштинските амандмани за иднината на СЈО и за нивните предмети.

Собраниската Комисија за европски прашања усвои 10 од предложените 51 амандмани на Предлог-законот за јавно обвинителство, со кој треба да се реши иднината на СЈО. Расправата за останатите 41 амандмани ќе продолжи откако ќе бидат разгледани од предлагачите на амандманите и предлагачите на законот. Амандмани поднеле речиси сите партии.

Претходно, членовите на Комисијата ги разгледаа поднесените амандмани и за десет постигнале заедничка согласност и тие беа едногласно усвоени. Пет од усвоените амандмани беа поднесени од пратеници од СДСМ, четири од ВМРО-ДПМНЕ и еден од ДУИ.

Усвоените амандмани главно се однесуваат на технички прашања. Суштинските амандмани за иднината на СЈО и за нивните предмети не беа разгледани. Иднината на СЈО и на предметите што ги води се главниот камен на сопнување меѓу власта и опозицијата.

Меѓу усвоените амандмани се и оние за укинување на процедуралниот имунитет на обвинителите. Во досегашниот предлог стоеше дека обвинител не смее да биде притворен без согласност од Советот на јавни обвинители, освен ако не е затечен во вршење кривично дело за кое е предвидена затворска казна од над пет години. Исто така, беше изгласано намалување на годишниот одмор на обвинителите во согласност со Законот за работни односи, како и обвинителите да ја надоместат евентуалната штета што ја предизвикале со нивната работа. Беше изгласано и зголемување на буџетот на Обвинителството.

Седницата на Комисијата за европски прашања може да трае најмногу два дена, затоа што законот се носи по скратена постапка.

Министерката за правда Рената Дескоска во вторникот најави дека доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство за Предлог-законот за јавно обвинителство, тогаш во опција се други решенија.

„Ако не се донесе овој закон, ќе се оди на варијанти коишто значат измени на Законот за Советот за јавни обвинители, којшто дава можност за одредени измени, а тоа е закон којшто се носи со обично мнозинство, за надминување на одредени блокади и ситуации. Затоа јас повикувам сите да се преиспитаат и да водат сметка за глобалните интереси, а не за тесните лични интереси на обвинетите во постапките од страна на СЈО“, рече Дескоска.

Измените во Законот за Советот на јавни обвинители се ставени како втора точка на седницата за европски прашања.

Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ денеска рече дека Уставот предвидува јавнообвинителската дејност да се регулира со двотретинско мнозинство токму за да ја заштити од самоволието на власта.

„Прибегнување кон такви чекори коишто промовираат и презентираат страв ќе претставува комплетно безвластие, а тоа е регулирано со други закони“, рече Димовски.

Со Предлог законот за ЈО се предвидува СЈО да се спои со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое ќе продолжи да ги води постапките што ги води СЈО.

Во меѓувреме, Советот на јавни обвинители едногласно одлучи дека се исполнети условите за почнување постапка за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е во притвор како осомничена за случајот „Рекет“.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG