Достапни линкови

Известувањето за изборите ги става новинарите под ризик од Ковид -19


Илустрација - медиусмки работници - Досега новинари пријавиле до ЗНМ дека одредени институции или организации не ги почитувале протоколите и препораките за заштита од Ковид-19.

Во време на пандемија на Ковид-19 новинарите треба да добијат соодветни услови за безбедно да известуваат, особено на денот на изборите, велат претставници на медиумските здруженија. ДИК уверува дека медиумските работници на 15 јули ќе можат безбедно да ја информираат јавноста.

Државната изборна комисија (ДИК), политичките партии и другите организации кои ќе одржуваат прес-конференции за време на изборите, треба да внимаваат при организацијата на овие настани за да не бидат ставени под ризик од Ковид-19 новинарите, снимателите и другите медиумски работници за време на нивното известување, апелира Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

Нема гласање без придржување на здравствените протоколи
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:49 0:00

Досега има случаи кога одредени институции или организации не ги почитувале протоколите и препораките за заштита, за што новинари реагирале до ЗНМ за небезбедна организација на одреден настан, вели за РСЕ Драган Секуловски – извршен директор на ЗНМ.

„Не можам да кажам дека ситуацијата е генерално совршена, имаме и позитивни и негативни примери, но 15 јули ќе биде тест како пристојно да се организираат овие настани. Морам да укажам дека процесот ќе биде набљудуван од страна на меѓународни мисии, ќе следиме и ние, а очекуваме колегите да ни јават за евентуални прекршоци“, вели Секуловски.

Сите институции, политичките партии и други организации кои одржуваат прес-конференции во услови на пандемијата на Ковид-19, треба настаните да ги организираат на безбеден начин на кој медиумските работници ќе бидат заштитени од инфекција од Ковид -19.

„На сите последни состаноци со членови кои се важни за изборниот процес, една од првите работи што е побарано од нив е кога ќе имаат контакт со новинари, без разлика дали е тоа на денот на изборите, да внимаваат на начинот на кој ги организираат настаните со цел новинарите и снимателите да не бидат ставени во позиција да имаат непотребен физички контакт со луѓе“, вели Секуловски.

ЗНМ укажува дека е побарано од Државната изборна комисија (ДИК), политичките партии, граѓанските организации и други институции кои го следат изборниот процес, пред се на денот на изборите, прес-конференциите да ги организираат на отворен простор и со запазување на протоколите на Владата и на препораките на ЗНМ и Советот за етика.

Од Државната изборна комисија уверуваат дека ќе бидат обезбедени соодветни услови за новинарите и медумските работници безбедно да известуваат од нивните прес-конференции за време на изборите.

Од ДИК информираа дека прес-конференцииите ќе се одржуваат на тераса на 4-от спрат на институцијата, заради можноста присутните да го одржуваат потребното растојание и со тоа да бидат заштитени.

„Прес-конференциите ќе бидат одржани надвор на отворено, ќе има простор за одржување растојание за околу 50 новинари, ќе има соодветно озвучување, но ќе биде обезбеден и пренос во живо на интернет. Услови ќе има и во салата на која ќе бидат одржувани седниците на ДИК, каде исто така има простор за потребното растојание“, вели Адмир Шабани - портпарол на ДИК.

На 15 јули кога за врема на предвремените парламентарни избори, ДИК ќе организира седум прес-конференции за новинарите и медиумските работници, а вакви настани на денот на гласањето ќе одржуваат и организациите кои ќе го набљудуваат процесот како и политичките партии.

Во насока на безбедно известување, ЗНМ деновиве соопшти дека Министерството за здравство организира бесплатен скрининг за новинари и медиумски работници за Ковид-19 поради зголемен обем на работа, но и поради пријави дека во дел од националните медиуми има нови позитивни случаи на заразени новинари и медиумски работници.

Секуловски вели дека веќе е направен скрининг во неколку телевизии во Скопје на поголеми групи новинари, откако претходната недела тоа било направено во јавниот сервис МРТВ.

„Исто така се врши скрининг и во други градови, како Прилеп, Битола, Охрид. Во првиот круг од скринингот се опфатени поголемите медиуми, како националните телевизии, територијалните сателитски и кабелски оператори и печатените дневни весници и тој се очекува да заврши до изборниот ден. После изборите ќе има втор круг, во кој ќе бидат вклучени и помалите медиуми и редакции, со предност на оние кои имаат информативни програми и кадар кој е често на терен“, вели Секуловски.

Недобивањето на датум за преговори за членство во Европската унија во октомври 2019, беше причина лидерите на најголемите партии во земјава да договорат одржување на предвремени парламентарни избори на 12 април оваа година, но тие беа одложени за 15 јули поради избувнувањето на епидемијата на коронавирусот.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG