Достапни линкови

Местење бројки? Помалку тестови, помалку случаи на ковид-19


пункт за тестирање на коронавирус во Русија
пункт за тестирање на коронавирус во Русија

Жителите на руската енклава Калининград велат дека тестирањето за коронавирус е стопирано во обид да се прикажат помалку случаи. Официјалните лица веќе известуваат за постојан пад на нови случаи. Жителите велат дека владата прави сé за да се создаде впечаток дека пандемијата е под контрола со цел повторно да се отвори економијата и да се спаси туристичката сезона во оваа енклава на Балтичко Море.

Официјалната бројка на нови случаи на коронавирус за западната руска енклава Калининград изгледа охрабрувачка.

Во мај и јуни дневно се пријавуваа меѓу 40 и 50 нови случаи, додека во јули и почетокот на август бројките беа меѓу 10 и 20 и регионот презеде значителни чекори за да ја отвори својата економија.

Според официјалните бројки, 45 луѓе во регионот починале од почетокот на пандемијата, од кои осум од 1 јули.

Руски демограф за сомневања за смртноста од ковид-19, отпуштен од работа

Но, некои локални жители се сомневаат дека розовата слика се создава вештачки со нагло намалување на бројот на тестовите што се спроведуваат.

„Според мое мислење, властите едноставно не сакаат да ја уништат туристичката сезона, за која работеа толку напорно“, вели новинарката од Калининград, Оксана Шевченко. „Тие не сакаат повторно да затворат сè. Сите овие бројки се едноставно фикција“, тврди таа.

“Оди си дома, не грижи се”

Шевченко го изведува овој заклучок не само од сопственото известување за пандемијата во Калининград - главниот град со 480.000 жители, на руската енклава на Балтичко Море со вкупно население од околу 1 милион - но исто така и од сопственото искуство.

Оксана Шевченко
Оксана Шевченко

Кон крајот на минатиот месец, таа разви симптоми, вклучувајќи главоболки и температура од 38,4 степени Целзиусови, како и отежнато дишење. Откако неуспешно се обиде по телефон да ја добиејавната клиника во соседството, таа отиде таму лично.

„По час и половина чекање ме прегледа доктор “, се сеќава таа. „Ги слушна моите бели дробови, ми го прегледа грлото и ме прати дома. Рече дека белите дробови ми се чисти и ме советуваше да купам антивирусен лек на рецепт“.

Неколку дена подоцна, Шевченко го изгуби чувството за мирис. И на втората посета во болница и беше речено да оди дома и да земе лек за кашлица.

На барање на нејзината мајка и откако помина скоро една недела во нејзиниот стан со своите три деца, Шевченко плати за тест за коронавирус во приватна клиника.

На 28 јули, таа се врати со позитивен тест и беше пренесена во главната болница во Калининград. Кога нејзината локална клиника дознала за нејзината дијагноза, од таму контактирале со неа за да ги побараат резултатите од тестот.

„Им реков: „Како се случи да дојдам кај вас за помош а вие да ме испратите дома? Имам три деца и сега тие се сами дома, а јас сум во болницата“, рече Шевченко за РСЕ, додавајќи:

„Докторката ми рече: Да, испадна незгодно. Но, ние имаме налог само да им правиме тестови на пациенти постари од 65 години или со јасни знаци на пневмонија”.

Русија и Иран и нивните ограничувања за економско заздравување

Нејзините родители и најстарата ќерка оттогаш биле тестирани со негативни резултати. Нејзините две најмали деца не се тестирани. „Во април, тие ги тестираа сите“, додаде Шевченко. „А сега практично никој. Намалувањето на бројот на случаи е создадено вештачки. Тие едноставно престанаа да тестираат “.

Калининград - медицински лица
Калининград - медицински лица

Отворање од горе

Во јули, регионот влезе во втора фаза на повторното отворање на економијата, што вклучува отворање на сите кафулиња и ресторани; сите продажни места без ограничувања; и сите хотели, одморалишта и санаториуми.

Туристичките атракции во енклавата вклучуваат плажи на Балтичко Море и историска архитектура во главниот град.

Регионалната канцеларија на Роспотребнадзор, која ја одржува статистиката на коронавирус, одби да ја коментира оваа приказна.

Русија обвинета за обид за кражба на истражувања за вакцини против ковид-19

Од прес-службата на регионалното Министерство за здравство објаснија дека „тестирањето не е вклучено во програмата на бесплатни медицински услуги, затоа се спроведува само според специфични медицински индикации или според упатствата на Роспотребнадзор - за лица кои оствариле контакт со заразени луѓе."

„Затоа, во согласност со препораката на Роспотребнадзор од 27 јули, достапно е бесплатно тестирање за работниците во услугите на храна, малопродажба, установи за образование и за оние кои имаат симптоми кои укажуваат на инфекција со коронавирус“, се вели во соопштението на прес-службата.

Официјално пријавената статистика за коронавирус од Русија е предмет на сериозни сомнежи од кога започна пандемијата.

Истражувањето на лекарите во мај откри дека повеќе од 35 проценти рекле им биле „дадени инструкции“ да манипулираат со статистиката за појавата на ковид-19.

„Ништо освен баласт“

На почетокот на јули, беше објавено дека Роспотребнадзор им наредил на лекарите во планинскиот регион Урал, Екатеринбург, да го ограничат бројот на скенирања за дијагностицирање на коронавирус.

Имаше извештаи за слични инструкции во други градови, вклучувајќи ги Ориол и Оренбург.

Критичарите шпекулираат дека биле издадени наредби за да се наслика охрабрувачка слика во пресрет на националниот референдум за контроверзниот пакет уставни амандмани, кои, меѓу другото, му овозможија на претседателот Владимир Путин да побара уште два мандата како претседател и евентуално да остане на власт до 2036 година.

Ропотребнадзор во Екатеринбург негираше дека издаде таква инструкција.

Тестирање за коронавирус во Калининград
Тестирање за коронавирус во Калининград

Јелена Воитехович, 62-годишна пензионерка во Калининград, исто така неодамна доживеа симптоми, но не беше во можност да добие тест, и покрај тоа што е во група со висок ризик.

„Пензионерите се во групата на ризици - тие ни го кажаа тоа и ветија дека ќе ни помогнат“, рече Воитекович за РСЕ „Но, повторно ја видовме горчливата вистина дека старите лица во Русија не се ништо друго освен за баласт на владата“.

Воитехович закажа тестирање во приватна клиника по цена од 3.500 рубли (48 американски долари), минус 5% попуст за постари лица.

„Како можеме да веруваме во бројките ако дијагностиката е толку контроверзна и селективна“, рече таа, додавајќи: „Сомнежите се неизбежни. Можеби постои таква политика - да не се открие целата слика за тоа што се случува, така што нема да биде толку застрашувачко? Бидејќи властите постојано нè лажат - и ова е главната карактеристика на системот“

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG