Достапни линкови

Русија обвинета за обид за кражба на истражувања за вакцини против ковид-19


Институтите за истражување низ целиот свет се обидуваат да развијат вакцина за ковид-19.

Британија, Канада и Соединетите држави ја обвинија Русија дека се обидува да украде истражувања за вакцини и третман на ковид-19 од академски и фармацевтски институции од целиот свет. Официјална Москва ги отфрла обвиненијата како бесмислени.

Британскиот национален центар за компјутерска безбедност соопшти дека хакерската група АПТ29, позната и како Dukes или Cozy Bear ги имала за свои цели организациите кои се вклучени во развојот на вакцината против ковид-19 во Британија, САД и Канада.

Во него се наведува дека нападите на групата се во тек, со „голема веројатност во намерата да украдат информации и интелектуална сопственост во врска со развојот и тестирањето на вакцините за ковид-19“.

Руската потрага по вакцина за коронавирусот е под прашање

АПТ29 „скоро сигурно работи како дел од руските разузнавачки служби“, се наведува во соопштението во кое се додава дека и САД и Канада ја споделуваат ваквата проценка.

Пол Чичестер, директор за операции на Британскиот национален центар за компјутерска безбедност, ги осуди „овие одвратни напади против оние што вршат значајна работа за борба против пандемијата на коронавирус“.

Британскиот министер за надворешни работи, Доминик Раб
Британскиот министер за надворешни работи, Доминик Раб

Британскиот министер за надворешни работи, Доминик Раб, рече дека е „целосно неприфатливо“ руските разузнавачки служби да таргетираат работа околу коронавирусот, додавајќи дека Британија ќе работи со своите сојузници за да ги донесе сторителите пред лицето на правдата.

„Додека другите ги следат своите себични интереси со несовесно однесување, Британија и нејзините сојузници започнуваат со напорна работа за изнаоѓање вакцина и заштита на глобалното здравје“, рече Раб.

Русија и Кина бараат вакцина против коронавирусот

До ова доаѓа откако британската влада соопшти дека „руските групи скоро сигурно се обиделе да се мешаат“ во избори во Британија во минатата година „преку незаконски стекнати документи“.

Документите, во врска со американско британските трговски разговори, се појавија на интернет.

Раб рече дека нема „докази за широк спектар на руското мешање во изборите“, но оти „секако обид за мешање во демократските процеси е целосно неприфатлив“.

Британија ја обвини Русија за обид за мешање во ланските избори

Обвинението доаѓа пред објавувањето во идната недела на многу одложуваниот извештај за поширокото руско мешање во британската демократија, како на пример за време на референдумот за излегување од Европската унија.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Русија нема „никаква врска“ со наводните хакерски напади врз фармацевтски компании и истражувачки институти во Британија или со тврдењата за руско мешање на изборите во Британија.

Британскиот национален центар за компјутерска безбедност пак, вели дека групата Cozy Bear ги искористила софтверските недостатоци за да добие пристап до ранливите компјутерски системи и користела малициозен софтвер за да испраќа и презема датотеки од заразени компјутери.

Соединетите држави ја идентификуваа групата Cozy Bear како една од хакерските групи поврзани со руската влада што ја хакираа компјутерската мрежа на Демократскиот национален комитет пред претседателските избори во САД.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG