Достапни линкови

Границите затворени за Македонци, фали уште Корејци да ни викаат „мрш корона“


Пред неколку месеци ние не дозволувавме влез од странство за да не се заразиме, сега тие не дозволуваат влез за да не се заразат од нас. Недостига уште некој Кореец да почне да им вика „мрш корона“ на Македонци за сликата да биде целосна.

Македонија ги отвори аеродромите по затворањето поради пандемијата на коронавирус, но Македонците веројатно ќе може да летаат од Скопје до Охрид и назад, со оглед на тоа што ЕУ не дозволува влез на македонски државјани зашто ширењето на коронавирусот во земјава не е ставено под контрола. Пред неколку месеци ние не дозволувавме влез од странство за да не се заразиме, сега тие не дозволуваат влез за да не се заразат од нас. Недостига уште некој Кореец да почне да им вика „мрш корона“ на Македонци за сликата да биде целосна.

На крајот на јануари годинава, на самиот почеток на пандемијата на коронавирус, момче во Скопје со навреди им се нафрли на група Азијци, викајќи им „мрш корона“ и бркајќи ги од Македонија зашто се „Кинези со коронавирус“. Луѓето всушност биле Корејци кои држеле предавања за толеранција.

Македонските граѓани можат слободно да патуваат во Србија и во Албанија.

ЕУ од 1 јули дозволи влез на нивна територија за граѓани од трети земји со слична епидемиолошка ситуација како ЕУ, освен за оние кои имаат регулиран престој на нивна територија. Од балканските земји, право да патуваат во ЕУ добија жителите на Србија и на Црна Гора.

Еден од критериумите за Унијата да дозволи влез на странци е бројот на новозаразени со ковид-19 во последните 14 дена да биде ист или помал со просекот на ЕУ, што е 16 новозаболени на 100 илјади жители. За држава како Македонија, тоа значи дека треба да има 330 нови случаи за две недели, но во земјава има толку нови случаи за два, евентуално за три дена.

Дел од луѓето на социјалните мрежи се шегуваат дека на половина од македонските граѓани им е забранет влез во Унијата, со оглед на тоа што другата половина има бугарски пасоши, или евентуално руандски, со оглед на тоа што на и на жителите на Руанда од вчера им е дозволен влез во ЕУ.

Со оглед на фотографиите од скопскиот аеродром што се појавија на социјалните мрежи, не е мал бројот на македонски граѓани кои имаат или странски пасоши или регулиран престој во некоја од земјите на ЕУ.

Оние што се тукашни се чини ќе може да летаат само од Скопје до Охрид и обратно.

Дури и Грција, која меѓу другото се надева на македонски туристи, остана затворена за нашите граѓани. На Србите им е дозволен влез, но само ако одат преку Бугарија.

Македонските граѓани се принудени да го развиваат домашниот туризам.

Други, пак, жалат за изгубените прилики.

Трети бараат решение.

Освен границите, главна тема во изминатите денови се големиот број заболени од коронавирус и предизборната кампања, каде што партиите повторно ги ветуваат автопатот Велес – Битола и пругата кон Бугарија.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари не се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

XS
SM
MD
LG