Достапни линкови

Корејци шират толеранција, добија „мрш корона“


Претставници на невладината организација Heavenly Culture World Peace Restoration of Light одржаа работилница за мир и толеранција во ОУ Кирил и Методиј во Свети Николе
Претставници на невладината организација Heavenly Culture World Peace Restoration of Light одржаа работилница за мир и толеранција во ОУ Кирил и Методиј во Свети Николе

Момче со навреди им се нафрли на група Азијци, бркајќи ги од Македонија зашто се „Кинези со коронавирус“. Луѓето всушност биле Корејци кои држеле предавања за толеранција. Нивната мирна реакција покажа дека навистина се експерти.

Кога Корејци од Обединетите нации ќе дојдат во Македонија да држат предавања за мир и толеранција, ќе се најде некој „паметен“ да ги обвини дека се Кинези со коронавирус и ќе ги брка од земјава. Корисник на социјалната мрежа Инстаграм објави видео снимка за да се пофали како им приоѓа на група Азијци во близина на Министерството за надворешни работи и им се обраќа со погрдни зборови, додека тие се обидуваат да го игнорираат. Снимката наиде на бројни осуди на социјалните мрежи. Она од што паметниот се срами, будалиот се гордее, се најголем дел од коментарите.

Некои, пак, чувствуваат трансфер на срамот. Тоа е ситуација кога некој прави нешто глупаво, а не му е срам, па вам ви е срам место него.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов веднаш го осуди „ксенофобичен испад“ и ги повика надлежните да поведат истрага.

За да биде иронијата поголема, весникот Слободен печат денеска објави дека луѓето всушност биле претставници на невладина организација при Обединетите Нации на посета во Македонија и оти во основното училиште Кирил и Методиј во Свети Николе држеле работилница за мир, толеранција и меѓусебно почитување.

Училиштето на Фејсбук исто така се пофали со работилницата што ја одржале гостите од Сеул.

Нивното мирно однесување додека беа навредувани покажа дека навистина се експерти за толеранција.

Дел од коментаторите на социјалните мрежи прашуваат тоа ли е познатото македонско гостопримство. Други, пак, се загрижени дека ваквите работи се поопасни од коронавирусот.

Трети, пак, му прават психолошкиот профил на навредувачот.

Дека не сме саде ние и не сме саде тука, што би рекол Кочо Рацин, покажаа и нашите северни соседи. Којзнае под какви притисоци биле вработените во Азиската стоковна куќа во градот Темерин во Војводина, кога на Фејсбук мора да објаснуваат дека немаат сите Кинези вирус, и оти во родната земја не биле повеќе од една година.

Инаку, од коронаворусот досега во Кина починаа 170 луѓе, а повеќе од 7700 се заразени. Потврдени случаи на овој вирус досега има во 16 држави.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG