Достапни линкови

Загубите поради корона кризата највисоки во историјата на авиосообраќајот


Илустрација
Илустрација

Рекорден пад и на приходите и на бројот на патници бележат авиокомпаниите. И покрај постепеното воспоставување на авионските линиии, процените се дека ќе бидат потребни неколку години за состојбите во авиосообраќајот да дојдат на нивото пред пандемијата со Ковид-19.

Загубите за авиокомпаниите поради корона кризата ќе бидат највисоки во историјата на авијацијата, предупреди првиот човек на Меѓународната асоцијација за авиотранспорт Александар Де Јуниак.

Според нивните проценки, загубите во 2020 година ќе достигнат 84 милијарди долари и речиси 16 милијарди долари во 2021 година.

„Споредено со глобалната економска криза во 2008 и 2009 година, авиокомпаниите тогаш беа во загува 31 милијарда долари. Нема споредба со димензиите на оваа криза“, вели првиот човек на Асоцијацијата.

Според Де Јуниак, приходите на авиокомпаниите ќе изнесуваат 419 милијарди долари што е за 50% помалку во споредба со 2019 година. Априлската проценка беше пооптимистична. Според неа, загубите во приходи беа проценети на 314 милијарди долари.

Пандемијата со коронавирусот ги приземји авионите во целиот свет веќе неколку месеци. Авиокомпаниите го прават распоредот на летање кон одредени дестинации, но враќањето во нормала се одвива многу полека.

Загубите на американските компании

Американските авиокомпании извршиле превоз на три милиони патници во април, што претставува пад за 96% споредено со истиот период во 2019 година, соопштија транспортните власти на САД, пренесува Гардијан.

Од таму наведуваат дека 2,8 милиони патници биле домашни, додека 132 илјади биле меѓународни патници.

Ова претставува најнизок број на превезени патници од 1974 година од кога владата почна да собира месечни податоци за бројот на патници. За споредба, во април 2019 година вкупниот број на превезени патници изнесувал 76,1 милиони.

Американските авиокомпании приземјија речиси половина од нивните авиони, откажаа илјадници летови и бележат загуби во милијарди долари месечно, пренесува Ројтерс.

Групациите Американ ерлајнс и Делта очекуваат состојбата полека да се нормализира во јуни. Компаниите предвидуваат дека нивните дневни загуби ќе изнесуваат до 40 милиони долари што е подобро од претходните процени кои беа поставени на 50 милиони долари дневна загуба.

Државна финансиска помош за спас на авиокомпаниите

Дел од владите во светот одобрија финансиска помош како заем за авиокоманиите со цел да им помогнат да ја преживеат кризата и да ги спасат од банкрот.

Забраната за летање како мерка за заштита од ширењето на коронавирусот влијаеше и за намалување на заработката на групацијата Луфтханза. Како што соопштуваат од таму, нето добивката во првото тримесечје се намалила за 2,1 милијарди евра.

Авиокомпаниите од Луфтханза групацијата во април забележале пад од 98,1% на превезени патници односно со компаниите од оваа групација патувале 210 илјади патници.

Од 763 авиони на групацијата во април и мај паркирани останале 700 авиони. Иако Луфтханза полека воспоставува повеќе линии кои треба да станат активни од средината на јуни, сепак очекува дека 300 авиони ќе останат паркирани и во 2021 година.

Авиони на Луфтханза паркирани на аеродромот во Франкфурт, март 2020
Авиони на Луфтханза паркирани на аеродромот во Франкфурт, март 2020

На крајот на мај Луфтханза и германската влада постигнаа договор за финансиска помош во висина од 9 милијарди евра. Но и покрај тоа, групацијата најави дека работните места на 26 илјади вработени се доведени во ризик поради загубите на компанијата поради кризата со коронавирусот.

Австрискиот авиопревозник Аустриан ерлајнс и владата постигнаа договор за помош во висина од 600 милиони евра. Финансиската помош е дизајнирана со намера да ги поддржи напорите на компанијата за задржување на значењето на Виена како влијателен авио центар на Европа.

Од нив, 150 милиони евра ќе бидат субвенции од државниот буџет, 150 милиони евра ќе бидат од нејзината матична компанија Луфтханза, а 300 милиони евра од помошта ќе биде од австриските банки, од кои до 90% ќе бидат обезбедени од државата, пишува Еуроактив.

И француската влада и одобри заем во вредност од 7 милијарди евра на групацијата Ер Франс-КЛМ, обврзувајќи ја за намалување на емисиите на јаглерод и зголемување на услугите за домашните летови.

Врз основа на одлуката за помош, олеснување и економска безбедност за време на коронавирусот помош добија и повеќе американски компании. Американ ерлајнс доби 5,8 милијарди долари, Делта 5,5 милијарди долари, Јунајтед ерлајнс 5 милиони долари, пренесува Гласот на Америка.

Кинеската авиоиндустрија покажува знаци на заздравување

Кинеската авиоидустрија покажува знаци на закрепнување во мај, велат кинеските власти, пренесува Ксинхуа.

Авиокомпаниите превезле вкупно 25,8 милиони патници во мај што претставува педесет проценти помалку споредено со истиот период минатата година.

Властите во Пекинг донесоа одлука и за постепено враќање на странските летови во земјата како дел од мерките за олабавување на рестрикциите кои беа воведени на почетокот на годината по појавата на коронавирусот на територијата на Кина.

Кога патниците ќе се чувствуваат безбедно да летаат?

Аналитичарите и првите лица во авиоиндустријата се согласни дека ќе бидат потребни неколку години пред авиокомпаниите да превезуваат патници како во времето пред пандемијата. За компаниите повторно да прават профит, три четвртини од местата во авионите треба да бидат пополнети со патници, пишува Њујорк тајмс.

„Нашите истражувања покажуваат дека луѓето ќе почнат повторно да патуваат со авион кога ќе почнат да се отвораат границите. Затоа работиме и силно го поддржуваме планот на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство за повторно рестартирање на авиосообраќајот. Мораме да бидеме подготвени за примена на универзални мерки на глобално ниво за успешно закрепнување. Тоа ќе им даде уверување на владите за побрзо отворање на границите, а на патниците доверба повторно да летаат“, изјави Де Јуниак.

Аеродром „Никола Тесла“ Белград, мај 2020
Аеродром „Никола Тесла“ Белград, мај 2020

За да се постигне тоа ќе треба да се укинат и мерките како карантин по патувањето, но и да се преземат поригорозни превентивни мерки како: проверка на патниците пред лет со цел да се спречи некој со симптоми на Ковид-19 да патува, за време на летот да важат мерките за физичко растојание, подобра хигиена, носење маски и ефективна проверка на контактите при слетување со цел да се избегне создавање на нови кластери на заразени, се наведува во соопштението на Меѓународната асоцијација за авиотранспорт во која членуваат 290 авиокомпании.

Подготви Марија Севриева

XS
SM
MD
LG