Достапни линкови

Турција со колонска вода во бој против коронавирусот


илустрација

Во Турција, миењето раце со колонска вода веќе долго време е ритуал при посета на бербер, во ресторан или дури и патување со автобус. На тоа се гледа како на симбол на гостопримство но и како важен дел од хигиената.

Сега по турската колонска вода – која е во скоро секое домаќинство, било во фрижидер или на плакар – има невидена побарувачка како оружје во борбата против новиот коронавирус.

Многу Турци веруваат дека колонската вода, која има голема содржина на алкохол, е ефикасна при одржување чисти раце и лица и со тоа се одбегнува ризикот од КОВИД-19.

Долги редици можеа да се видат пред продавниците за колонска вода во преполниот пазар за зачини во Истанбул, уште во почетокот на март, пред Турција да го објави својот прв потврден случај.

Сега продавниците и аптеките поставија знаци на кои пишува: „колонската вода е распродадена“.

Обично може да се види како луѓе ја поливаат на раце среде улицата додека таксистите им ја даваат пред да влезат во нивните автомобили.

Едно здружение во северозападниот град Измир им дава бесплатна колонска вода на старите лица, јавуваат локалните медиуми.

Голема побарувачка

Ејуп Сабри Тунчер, водечки производител на колонска вода вели дека примил десетици илјади нарачки во последните неколку недели.

„Со цел побрза испорака до клиентите ... ние привремено ги прекинавме нарачките преку интернет“, изјави претставникот на компанијата Атила Ариман за АФП.

Шишенцата со колонска вода исчезнаа од полиците откако министерот за здравство Фахретин Коча ги повика Турците да ја користат течноста како алтернативно санитарно средство за раце против вирусот.

Еден од корисниците, Илијас Гочду вели дека тој сега употребува колонска вода три пати повеќе отколку порано.

„Верувам дека е поефикасна против микроби, бидејќи содржи алкохол“, наведува тој.

Побарувачката е толку голема што има и црн пазар за колонска вода, но и за други дезинфекциски средства.

Истанбулската полиција во минатата недела изврши рација во една фабрика за да ги конфискува ваквите, како што соопшти, “нездрави производи“.

Објавувајќи го пакетот стимуланси на владата во минатата недела, претседателот Реџеп Таип Ердоган рече дека маските за лице, како и колонската вода ќе им бидат давани бесплатно на лица на возраст од 65 и повеќе години.

Турција досега регистрираше десетици смртни случаи поврзани со коронавирусот и околу две илјади заразени.

Добра дезинфекција

Дали верувањето дека колонската вода е ефикасна против коронавирусот е научно докажано?

Професорот Булент Ертуѓул, член на бордот на Турското здружение за микробиологија и заразни болести вели дека алкохолот може да ја уништи надворешната мембрана на коронавирусот.

„Бидејќи алкохолот е добар растворувач, тој ја уништува обвивката на вирусот“, прецизира Ертуѓул.

Сепак, според него, најдобрата заштита од новиот коронавирус е миење на рацете по контакт со околината.

Но, тој додава: „Ако немате сапун и вода тогаш може да помогне и средство за дезинфекција на рацете со најмалку 60 проценти алкохол”.

Турците веќе знаат дека колонската вода содржи најмалку 70 проценти алкохол.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG