Достапни линкови

Ковид-19 во кланица во Германија ја загрозува стратегијата за локални мерки


Романци вработени во кланицата „Тенис“ за време на нивниот карантин

Германија продолжува постепено да ја отвора својата економија, обидувајќи се локално да ги контролира новите жаришта на ковид-19. Но, дали новата појава на коронавирус во една германска кланица ќе доведе до обновени ограничувања? Или тие и натаму ќе останат „локални“.

Во Германија се појави големо жариште на ковид-19 каде што престојуваат странски државјани кои работат во една кланица.

Таа масовна инфекција во објект во кој има најмалку 6.500 работници во државата Северна Рајна-Вестфалија - голем дел од нив Романци или Бугари - помогна нагло да се зголеми стапката на репродукција на коронавирус во Германија во текот на изминатата недела.

Тоа го принуди институтот за јавното здравство Роберт Кох да го крене алармот.

Институтот предупреди дека стапката на репродукција на коронавирус во Германија за 24 часа скокна од 1,79 на 2,88.

Предупредувањето сугерира дека на секои 100 лица кои се заразени со вирусот, ќе се заразат уште 288 лица.

СЗО: рекордно голем број заразени со коронавирус во еден ден

За да се одржи пандемијата подолг рок под контрола, според Светската здравствена организација, стапката на репродукција треба да се држи под 1,0.

СЗО предупреди на нови избувнувања низ целиот свет кои можат да доведат до обновени блокади и други строги ограничувања - вклучително и во Германија.

Досега германската влада се држеше до својата политика за постепено повторно отворање на земјата, додека се обидува да ги задуши локалните епидемии.

Но, кланицата “Тенис” во градот Реда-Виденбрук ја зголемува можноста за обновени ограничувања низ цела Германија - земја за која се смета дека успешно го спречува ширењето на болеста и ја одржува на релативно ниско ниво.

кланицата „Тенис“ во Реда-Виденбрук
кланицата „Тенис“ во Реда-Виденбрук

Германија до вчера имаше повеќе од 191.600 лабораториски потврдени инфекции со коронавирус, вклучувајќи околу 8.900 смртни случаи - релативно низок број за земја со околу 83 милиони луѓе.

Со оглед на тоа што другите земји ја следат Германија н во водењето на сопствените политики за јавно здравје, реакцијата на германските власти може да влијае врз одлуките за правилата и на други земји.

Европа ги отвора границите

Всушност, Германија во последните недели постепено почна да ги намалува своите ограничувања.

Германската канцеларка Ангела Меркел тврдеше дека мерките треба да останат на сила подолго.

Но, Меркел се најде под притисок на регионалните политичари кои тврдат дека земјата треба да ја отвори својата економија.

Во кланицата “Тенис” беа повикани германски војници за да го тестираат целиот персонал.

Локалните власти принудија 6.500 вработени и нивните семејства да останат во карантин.

Полицијата и другите службеници за безбедност се распоредени за спроведување на карантинот, а локалните власти ги затворија училиштата во близина.

Брза помош пред домовитe на вработените во компанијата „Тенис“ за време на карантинот
Брза помош пред домовитe на вработените во компанијата „Тенис“ за време на карантинот

Во меѓувреме, гувернерот на Северна Рајна-Вестфалија Армин Лашет ги повика конзуларните претставници од Романија, Бугарија и Полска да организираат преведувачи кои можат да им ги објаснат мерките на работниците од тие земји.

„Има 1.300 имоти каде што живее персоналот со нивните семејства и каде што треба да ги почитуваме правилата за карантин“, рече Лашет.

Северна Рајна-Вестфалија е најнаселена од 16-те држави на Германија. Таа ги вклучува градовите Келн, Диселдорф, Дортмунд, Есен, Дуисбург, Бохум и Бон.

Коронавирусот во кланицата не е единствената појава што германските власти се обидуваат да ја задржат под локална контрола.

Семејствата на жртвите од ковид-19 бараат правда

На југ, во градот Гетинген, во државата Долна Саксонија, инфекции се пријавени кај околу 700 жители во една станбена зграда.

Таму интервенираше и полицијата откако на 20 јуни избувна немири.

„Околу 200 луѓе се обидоа да излезат, но 500 луѓе ги испочитуваа правилата за карантин“, рече шефот на полицијата во Гетинген Уве Луериг.

Романски и бугарски работници

Корнавирусот во кланицата не е прв пат што ги погодува Романците и Бугарите кои патуваат во земји како Германија, Холандија и Франција како привремени сезонски работници.

Во март и април - кога границата со Германија беше затворена од пандемијата - властите во Берлин соопштија дека производството на храна е неопходно за земјата.

Оваа декларација го расчисти патот за специјални летови кои превезуваат десетици илјади сезонски работници од Романија, Бугарија и Полска - и покрај затворањето на границите, ограничувањата за патувања и забраните за летови низ цела Европа.

СЗО предупредува дека пандемијата се забрзува, најмногу новозаболени во двете Америки

Дописниците на Радио Слободна Европа од Романија и Бугарија велат дека десетици од тие летови биле без соодветни здравствени мерки на претпазливост, како на пример маски за лице и мерки за социјално растојание.

Појавата на коронавирусот кон крајот на април кај вработените во кланица во Биркенфелд, во југоисточна Германија, ги истакна неволјите на работниците од Романија и Бугарија кои живеат во домови обезбедени од компанијата.

Најмалку 200 Романци се заразиле таму, вклучително и еден пациент кој починал од ковид-19.

На 11 мај, романското Министерство за надворешни работи ја потврди појавата на коронавирус меѓу романските работници во друг објект за преработка на месо во Кесфелд, кој е исто така во Северна Рајна-Вестфалија.

германската полиција во контрола на карантинот
германската полиција во контрола на карантинот

Министерот за здравство во Северна Рајна-Вестфалија, Карл-Јозеф Лауман, изјави за Дојче веле дека живеењето на работниците во преполни сместувачки капацитети веројатно придонело за тие избувнувања.

Амбасадорот на Романија во Германија, Емил Хурезану, за Радио Слободна Европа изјави дека “работодавците не ги провереруваат условите за живеење“.

Сепак, и покрај најновото избувнување на ковид-19 меѓу странските работници во Германија, државните службеници се двоумат дали повторно да воведат рестриктивни мерки на поширока територија.

Гувернерот на Северна Рајна-Вестфалија Лашет изјави дека нема причина да се затвори просторот околу кланицата, бидејќи немало „значителен скок“ на вирусот кај населението, надвор од вработените во компанијата.

Германскиот министер за труд Хубертус Хајл пак, изјави за телевизијата АРД дека очекува фирмата да стори сé што може за да ја ограничи штетата.

Хајл повика и на истрага за да се утврди дали фирмата била одговорна за избувнувањето на ковид-19.

Тој додаде дека германските власти исто така ќе ги „испитаат со какви консеквенции може да се соочи компанијата”.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG