Достапни линкови

Ковачевски во „филмот“ на Груевски


Премиерот Димитар Ковачевски во посета на градинката Виножито во Струмица, 9 ноември 2022
Премиерот Димитар Ковачевски во посета на градинката Виножито во Струмица, 9 ноември 2022

Премиерот Ковачевски оди од фабрика во градинка, се среќава со политички лидери, па со студенти, оди по саеми, посетува мали бизниси. Заев пред да дојде на власт рече дека нема да бидат пандан на Груевски, но и самиот не го испочитува тоа. Груевски, пак, беше познат по изреката дека работи 24/7.

Премиерот Димитар Ковачевски посети осум фабрики или погони на семејни бизниси, беше во странство и се сретна со лидери од регионот и челници на ЕУ, свика лидерска средба, па се сретна со новата амбасадорка на САД. Одржа заедничка владина седница со Албанија, црташе со деца во градинка, се сретна со студенти, јадеше чипс, сирење и кашкавал, а се почести и со сендвич со мортадела при посетата на РЕК, наздравуваше со вино, шампањ и купуваше ракија. Во меѓувреме по некое интервју и прес-конференција. И сето тоа само за две недели од ноември.

Во тој период посети и социјални згради, место каде што се гради мост, пат во изградба. Посети полициски станици, го одбележа роденденот на Скопје, беше на саем за храна и пијалоци. Вечерните термини најчесто му се посветени на трибини и средби со граѓани низ Македонија, како дел од кампањата „Силно и одлучно“ на владејачката партија СДСМ. Премиерот имаше време да пушти во употреба донирани апарати за магнетна резонанца и да наздрави со шампањ, да се сретне и со поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, Господин господин Стефан.

На пример на 11 ноември, премиерот беше во посета на гевгелискиот регион, посети социјална зграда, па фабрика за цевки, млекарница, имаше време и за малку култура, црташе седнат на малечко столче околу тркалезна маса со децата од градинката Детелинка во Валандово. Два дена претходно, пак, при посетата на градинка во Струмица, премиерот на раката доби и пет плус.

Но долго време некој премиер не пуштил во употреба некој капитален проект како хидроцентрала, автопат, голема фабрика, железничка пруга. Пругата кон Бугарија на која по кој ти знае кој пат повторно се удираше камен темелник, автопатот од Кичево за Охрид, проектот за хидроцентралата Чебрен и Галиште се уште чекаат некои подобри времиња.

Пуштањето на кампањата „на најјако“ почна на 25 октомври, кога владејачката СДСМ ги започна трибините „Силно и одлучно“. Оттогаш премиерот посетува села и градови, со шлем на глава посетува фабрики, со хируршки мантил, капа и калци посетува погони за производство на храна, се слика со механизација при увид на изградба на инфраструктура.

Претходникот на премиерот Ковачевски, Зоран Заев во 2015 пред да ја донесе СДСМ на власт рече „Немаме намера да бидеме пандан на Груевски“, коментирајќи ги неговите чести појавувања во јавноста и како што рече практикувањето на популистичките политики и мачкање очи на јавноста.

„Ние тоа не очекувајте да го правиме. Нема да го правиме на ист начин со наше појавување на терен и на начин на кој што власта тоа го прави“, рече Заев.

Но и самиот тоа не го испочитува. Неговиот наследник, Ковачевски, пак, само тоа го надгради. Насмеаните лица на партиските трибини, чистите фабрички погони, задоволните работници и посветените градители, кои може да се видат на фотографиите што премиерот редовно ги објавува на социјалните мрежи, сепак ни оддалеку не може да се споредуваат со они кои ги објавуваше некогашниот македонски премиер Никола Груевски.

Груевски, кој ја предводеше македонската влада речиси десет години од 2006 до 2016, и кој за себе велеше дека работи 24/7,пак, беше познат во јавноста по возење комбајн, автобус, шутирање фудбал, играње пинг-понг. Груевски и неговите блиски соработници беа познати и по фрлањето на прва лопата, а тогашниот министер за транспорт Миле Јанакиески имаше и врамени златни лопати во својот кабинет.

Од СДСМ, сега велат дека не се подготвуваат за предвремени избори и се на ставот дека избори ќе има во редовен термин во 2024. На трибини и средби со граѓани се решиле оти добивале забелешки дека политичарите ги посетуваат граѓаните само пред избори.

Партиските трибини се случуваат во време кога државата е исправена пред огромна економска и енергетска криза, Собранието продолжува со своето нефункционирање и е исправено пред предизвикот да усвои уставни измени од кои зависи интеграцијата на Македонија во ЕУ.

Просечната годишна инфлација досега во земјава е 12,4 отсто, а инфлацијата во септември, во однос на септември минатата година е 18,7 отсто. Цената на основните прехранбени производи е зголемена и за една третина, граѓаните годинава плаќаат и повисоки сметки за струја и за парно, енормно се поскапени и дрвата и другите енергенси за огрев.

Во овие две недели од ноември, владата донесе и Предлог-буџет за 2023 година. За следната година државната каса ќе тежи рекордни 5,3 милијарди евра. Но, економисти за РСЕ велат дека е речиси невозможно да се остварат проекциите за буџетот за наредната година во услови на енергетска криза и висока инфлација.
Македонија, пак, според индексот на човековиот развој, изгубила три години од својот развој и се движи уште назад. Индексот што го прави Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), покажува дека земјата паднала под нивото од 2018 и се движи кон нивото од 2015.

Северна Македонија каска зад земјите во регионот во однос на медиумската писменост, резултатите од меѓународните тестирања во образованието, а предничи по загадениот воздух, покажуваат резултатите од Индексот за човековиот развој во 2021 година, презентирани на 8 ноември.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG