Достапни линкови

Популизам за убедување на луѓето дека власта добро работи


Премиерот Зоран Заев на закројување на лозје по повод Свети ТриФун во Неготино
Премиерот Зоран Заев на закројување на лозје по повод Свети ТриФун во Неготино

Актуелната власт продолжува со политиките на популизам и тактиките на претходната власт, велат експертите. Популизмот, според нив, се повторува како начин на убедување на граѓаните дека власта добро работи и ја движи државата во добра насока.

Со популистички настани и мерки продолжува и новата власт по рецептот на претходната, сметаат упатените. Од појавувањето на премиерот Зоран Заев на кроење на лозјата во Тиквешијата до одлуки за повисоки субвенции за тутунот, како и за финансирање на нови инвестиции во сточарството, лозарството, овоштарството и во пчеларството. Продажба на мерцедесот за купување на болничка опрема, најавување на секоја нова инвестиција на прес-конференција и годишната програма на министерството за култура за распределба на средства. Субвенционирањето се прави со цел да не се разлутат гласачите, посочува политичкиот аналитичар Соња Стојадиновиќ.

„Продолжувањето на тактиката како што ја правеше Груевски на одење на отворање на секоја селска чешма и на секој селски мост само за да се држат граѓаните во напнатост и континуирана присутност на премиерот дека тој е тука и дека тој ќе ги заштити и тој им е првиот пријател, е многу приземна популистичка мерка и тактика која дури оди и во правец на примитивизам. Можеме да очекуваме и да се случи Заев на некој болен граѓанин да се јави по телефон како тоа што го направи Груевски и веднаш да му обезбеди лек и готово тој човек е светец и спасител“, вели Стојадиновиќ.

Популизмот се повторува како начин на убедување на масите дека власта добро работи и ја движи државата во добра насока, посочува Александар Цветкоски од невладината АГТИС. Владата презела храбри чекори, но истакнува, се уште се присутни „детските болести“.

„Повторно се случуваат некои работи кои се на ниво на судир на интереси, на отчетност и транспарентност. Она што веќе 20 години го зборуваме и тука повторно се ангажира владиниот пиар што не е добро. Владата малку повеќе да слуша што се зборува, а помалку да коментира. Може и да признае понекогаш дека погрешила“, посочува Цветкоски.

Според Стојадиновиќ, проблемите кои останаа од претходната, продолжија и во актуелната власт, како и мерките за отстранување и шиканирање на професионалните лица. Единствено, како што посочува, сменети се симболите партијата на власт.

„Многу малку имиња се сменети и многу малку реформи се почнати во поглед на тоа ако ставиме на кантар што Заев ветуваше пред изборите и за време на изборите, а што тоа почнал да прави“, додава таа.

Цветкоски смета дека владата купува социјален мир, а очекувањата на граѓаните се огромни. Власта, додава е свесна дека не може да ги реализира политиките како реформите во судството и администрацијата, прашањето за името и затоа купува време.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG