Достапни линкови

Политичарите за изборите - на збор едно, на терен друго


Премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски на партиска трибина во Крива Паланка
Премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски на партиска трибина во Крива Паланка

Политичарите, и од власта и од опозицијата, се растрчаа на трибини и средби со граѓани, како да се во предизборна кампања, иако велат дека избори сега нема да има. Трибините се одговор на забелешката на граѓаните дека политичарите ги посетуваат само пред избори, велат од СДСМ.

Во владејачката СДСМ велат дека предвремени избори се повеќе луксуз отколку потреба, но тоа не ги спречува премиерот и лидер на СДСМ и високи партиски функционери речиси секојдневно да организираат партиски трибини во земјава

Трибините се одговор на забелешката на граѓаните дека политичарите ги посетуваат само пред избори. Директната комуникација со членството и граѓаните е најдобар начин да се види дали мерките што ги презема власта се доволни и што треба уште да се направи, вели потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев.

Трибините се отворени за секого и затоа и се прават во непартиски места. Богоев вели дека внимаваат и да заштедат, па патуваат повеќе луѓе со еден автомобил.

„Во ваква криза прво е нелогично да мислиш на избори кои се трошок од минимум 5-6 милиони евра, и второ државата неколку месеци ќе биде парализирана поради измените на Изборниот законик, а тоа е најмалку што ни треба во моментот. А и во предизборна кампања презентираш што нудиш во програмата, а сега можеме да слушнеме што се бара, па заедно да направиме предлози и идеи“, вели Богоев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на средба со граѓани во Охрид на 19 октомври 2022
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на средба со граѓани во Охрид на 19 октомври 2022

Прашањето за изборите го засили пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, кој е дел од владејачкото мнозинство, кој рече дека би поддржал предвремени избори напролет.

Опозицијата од летоска бара предвремени парламентарни парламентарни избори, но во последниот месец ја олабавија жестоката реторика, велејќи дека граѓаните сега имаат други приоритети.

СДСМ е на ставот дека избори ќе има во редовен термин, во 2024 година. Против избори во овој момент се и од ДУИ, коалициониот партнер во владата.

Премерот Димитар Ковачевски, кој 10 месеци е на власт, не пободи на избори, тука ја наследи функцијата од Зоран Заев, кој од премиерското место се повлече по поразот на локалните избори во 2021. На избори локалната власт ја освои ВМРО-ДПМНЕ. Евентуална победа на следни парламентарни избори би била прва или за Ковачевски или за Мицкоски.

И во ВМРО-ДПМНЕ исто така се растрчани на партиски настани речиси секој ден. Тие со месеци бараат предвремени избори, но проценката им е дека во моментов граѓаните имаат други приоритети.

„Ценам дека во овие тешки моменти како политичари и како луѓе не треба да бидеме надвор од реалноста, бидејќи реалноста е тешка и мачна за нашите сограѓани, донесовме одлука да имаме поинаков пристап. Да бидеме пред сè хумани. Ќе сочувствуваме со луѓето и ќе се понудиме со нашите решенија и политики да им олесниме“, изјави Мицкоски на 7 окотмври.

Во изјава на 20 октомври, рече дека како опозиција правиме сè за да дојдат до предвремени парламентарни избори, што е можно поскоро, но како што рече, внимателно чекорат.

Партискиот лидер Мицкоски ги посетува градовите во кои локалната власт е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ. Опозицискиот лидер веќе подолг период ги посетува сите партиски општински комитети низ Македонија, а партијата го ажурира и списокот со членови. Тој вели дека сака да го чуе гласот на секој член и да биде меѓу народот.

Партиски трибини во време на криза

Партиските трибини се случуваат во време кога државата е исправена пред огромна економска и енергетска криза и главни прашања се дали ќе има струја и парно и до каде ќе растат цените на основните производи.

Освен главното прашање - Како да се протурка зимата, која според сите најави ќе биде најтешката во поновата историја, Собранието продолжува со своето нефункцинирање. Во него се заглавени меѓу другото и законите со кои треба да им се даде помош за ранливите категории граѓани, а Парламентот треба да се справи и со уставните измени од кои зависи европската интеграција на Македонија.

Освестете се и престанете со реториката која не ѝ помага на државата, им порача бизнис заедницата на власта и опозицијата.

„Јас не ве разбирам, зошто го правиме ова? Опозицијата ќе стане позиција и истите проблеми ќе ги има. Дајте одвојте ги, направете посебни седници за политички прашања и посебни за економски, не блокирајте се на куп. Ова не можеме да го издржиме“, рече бизнисменот Антони Пешев на 31 октомври во обраќањето на Националниот Совет за евроинтеграции во Собранието.

Блокадите во Собранието се случуваат уште од 2020 година, од самиот почеток на мандатот на актуелниот пратенички состав, така што некои закони се заглавени и повеќе од две години. Опозицијата во моментов не доаѓа на координации кај претседателот на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ прави „активна блокада“ на Собранието, со барање за предвремени избори, а Левица најави блокади во врска со референдумот за Францускиот предлог со кој Бугарија го тргна ветото од македонските евроинтеграции.

Одложувањето на усвојувањето на многу закони е нотирано во Извештајот за напредокот на Македонија на Европската комисија (ЕК), каде се наведува дека работата на Парламентот е нарушена поради политичка поларизација.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG